Daily news
Траумите во детството оставаат траги во крвните садови
Изложеноста на психички трауми во детството може да остави траги врз здравјето на крвните садови подоцна во живото, покажува британско истражување чии резултати се објавени во списанието Hypertension.
Резултатите од истражувањето сугерираат дека стресот во раната возраст може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања, бидејќи влијае врз функцијата на крвните садови и врз крвниот притисок, а тие негативни ефекти можат да се дијагностицираат уште во младоста.
„Податоците за истражувањето врз животните ги потврдивме кај луѓето. Кај луѓето коишто имале повеќе стрес во детството регистрирана е таа врска посилно отколку кај луѓето кои немале стресно детство”, вели Џенифер Полок од универзитетот Алабама во Бирмингем.
Нејзиниот тим го проучувал движењето на крвниот притисок и другите показатели во крвните садови кај тинејџери, како и односот на тие промени и изложеноста на стрес во детство. Притоа научниците утврдиле дека на списокот трауми во детството кои се поврзани со премените во крвните садови предничи дисфункционалноста на домот, а следеле занемарувањето и злоставувањето.
За потребите на истражувањето, Полок и нејзиниот истражувачки тим го анализирале од 1989 година здравјето на крвните садови кај 221 здрав тинејџер. Ги проучувале показателите на здравствената состојба ѕидовите на крвните садови, вклучително и крвниот притисок, протокот на крвта низ срцето, карактеристиките на пулсот и нивото на ендотелин-1, протеинот кој ги стеснува крвните садови и со тоа го зголемува крвниот притисок.
Степенот на психичка трауматизираност зависел од бројот на трауматските настани, па така оние коишто опишале една трауматска случка се категоризирани како блага траума, а оние со два или повеќе трауматски случаи се категоризирани како умерена или силна траума.
Оние со еден трауматски случај во детството имале ниво на ендотелин во плазмата просечно 18 отсто поголемо отколку оние без трауми, а оние со две или повеќе трауми имале ниво на ендотелинот 24 отсто поголемо отколку оние кои не доживеале трауми. Испитаниците со две или повеќе опишани трауми имале и зголемен крвен притисок, како и намалување на еластичноста на крвните садови.
Полок смета дека би требало да се утврди дали може лекувањето на стресните епизоди кај децата подоцна да влијае врз намалувањето на кардиоваскуларните ризици по здравјето.
„Изложеноста на психички стрес предизвикува биолошки одговор чија цел подобрување на прилагодувањето на предизвиците. Иако биолошките одговори на стресот се краткорочно пресудни можат да станат погубни кога ќе се активираат во долги периоди. На пример, посредниците на имунитетот, вклучително и воспалителните протеини, долгорочно можат да ги оштетат крвните садови што доведува до атеросклероза и кардиоваскуларни болести”, толкува Андра Дејнес од Институтот за психијатрија од King’s College London.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.