Daily news
Сифилисот се појавил во Европа многу пред откривањето на Америка
Кристофер Колумбо не го донел со себе сифилисот од Новиот свет, заклучуваат научниците откривајќи траги од оваа болест во забите и скелетот на средновековен жител на Австрија, кој умрел од „француската болест“ во почетокот на XIV век, се наведува во студијата објавена во списанието Anthropologischer Anzeiger.
Европа одвај била запознаена со сифилисот пред откривањето на Американ кон крајот на XV век и почетокот на ерата на Големите географски откритија. Поради тоа, многу историчари и обични луѓе сметаат дека италијанскиот морепловец Кристофер Колумбо, односно морнарите од неговата експедиција ја „увезле“ оваа болест, заедно со доматите, тутунот …, од Новиот свет.
Многу од морнарите од експедицијата на Колумбо, како што сметаат приврзаниците на оваа теорија, имале односи со населението на островот на Хаити, кога се заразиле со сифилис, кој подоцна војските на Карло VIII го распространиле низ Европа, што претставува првата глобална епидемија на сексуално преносливи болести.
Австриските антрополози под раководство на Фабиан Канц од Медицинскиот универзитет во Виена, уште еднаш покажаа дека всушност не било така, проучувајќи останки кои живееле во периодот на Светото Римско Царство, во периодот пред патешествието на Колумбо. Вкупно научниците проучувале девет илјади скелети на древни Германци, сé додека не наишле на необични останки кои не можеле да проценат дали припаѓаат на момче или на дете.
Предизвикувачот на сифилисот, Treponema pallidum, навлегува во коските и другите цврсти делови од телото во последниот стадиум од болеста и предизвикува кај нив специфични деформитети и други промени во структурата, коишто недвосмислено асоцираат на тогашната „француска болест“. Згора на тоа, овие промени се пренесуваат од мајка на дете, оставајќи карактеристични промени на структурата на забите кои растат кај детето, коишто тропонемата ги заразува уште во утробата на мајката.
Според Канц, неговиот тим успеал да најде во гратчето Санкт Пелтен останки, најверојатно на лице на тинејџерска возраст, чии заби биле деформирани, како „вилушки“ или како „пили“, од сифилисот. Тој живеел на територијата на Долна Австрија, а како што покажува анализата со радиоактивен јаглерод, околу 1.320-та година, повеќе од едно столетие пред експедицијата на Колумбо.
Тие заби, според антрополозите, претставуваат првиот јасен и непобитен доказ за тоа дека сифилисот бил присутен во Европа пред откривањето на Новиот свет и почетокот на ерата на Големите географски откритија.
Како што истакнуваат научниците во студијата, сифилисот е единственото заболување од овој вид коешто може да се пренесе од мајката на породот, што ја елиминира веројатноста дека трагите коишто се најдени потекнуваат од други видови трапонеми. Сега научниците се во исчекување на генетската експертиза и протоемичка (протеинска) анализа, којашто ќе ја потврди или демантира нивната хипотеза.
Слични докази за „европското“ потекло на сифилисот и претходно беа објавувани. На пример, во 2010 година британските археолози открија скелети на седум дамнешни жители на Лондон, чии коски и заби беа деформирани на сличен начин. Така, што откритието на тимот на професорот Канц претставува уште една потврда дека поврзувањето на Колумбо и сифилисот е само мит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.