Економија
Ваучерите за домашен туризам ќе бидат испратени до граѓаните во текот на следната недела

Платфрмата domasiedoma.gov.mk и pushimenevend.gov.mk преку која ќе се реализира мерката за ваучери за домашен туризам на Министерството за економија ќе биде оперативна во текот на следната недела.
Преку оваа платформа Министерството за економија ќе ги испрати ваучерите за домашен туризам на сите граѓани кои ги исполнуваат условите. Ваучерот кој ќе содржи QR код ќе биде испратен по електронска пошта која што граѓаните ја имаат доставено до Управата за јавни приходи.
Мерката предвидува сите вработени граѓани кои имаат приходи кои не надминуваат 15.000 денари месечно да добијат ваучер од 6.000 денари кој ќе можат да го искористат во домашните туристички објекти, но и платежна картичка од 3.000 денари која ќе може да ја користат во сите угостителски објекти во државата.
Ваучер ќе им биде доделен на сите вработени граѓани кои во периодот од јануари до април 2020 година не оствариле вкупни нето приходи од плата и надоместоци од плата не поголеми од 60.000 денари според податоците од Управата за јавни приходи.
Списокот на граѓани кои што ги исполнуваат условите до Министерството за економија го испраќа Управата за јавни приходи, а и покрај тоа што ваучерите ќе им бидат испратени на граѓаните на електронска е-маил адреса која ја имаат доставено во УЈП, исто така граѓаните ќе може на Платформата да проверат дали се на листата односно дали ги исполнуваат условите за ваучер за домашен туризам.
На Плаформата која согласно роковите треба да биде пуштена во употреба најдоцна до 15 јуни граѓаните кои што добиле ваучер ќе можат да изберат каде, односно во кој туристички и угостителски капацитет низ државата ќе може да го употребат.
На Платформата ќе бидат објавени понудите на сите катагоризирани туристичко-угостителски објекти низ државата, односно капацитетите со кои располагаат за да примат туристи.
Граѓаните ваучерите за одмор во домашните туристички капацитети ќе можат да ги користат од 15 јули до 15 декември 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавена е табелата со цени на плинот во Европа, еве каде е Македонија

Домаќинствата во Европската Унија плаќале највисока цена на гас во втората половина од 2024 година откако Европскиот завод за статистика објавува податоци.
Просечната цена на гасот за домаќинствата во ЕУ беше за речиси 11,7 проценти повисока во втората половина од 2024 година отколку во претходните шест месеци, достигнувајќи го највисокото ниво од 2008 година, од 12,33 евра за 100 киловат-часови.
Во првата половина од минатата година, тоа беше за речиси два проценти пониско отколку во претходните шест месеци.
Домаќинствата на ниво на Унијата повторно потрошија повеќе за гас, за прв пат од крајот на 2022 година, главно поради зголемените даноци во многу земји по ублажувањето на енергетската криза, според статистичарите.
На годишна основа, цените за домаќинствата во ЕУ се зголемија за 9,6 проценти во втората половина од 2024 година, покажуваат табелите на Евростат.
Во еврозоната, гасот за домаќинствата во периодот од јули до декември бил во просек за 12,7 проценти поскап отколку во претходните шест месеци и чинел 13,18 евра за 100 киловат часови.
Најниска цена на гасот, изразена во евра, плаќале домаќинствата во Унгарија – 3,20 евра за 100 киловат часови.
Следи Хрватска – 4,56 евра за 100 киловат-часови, па Романија, каде што чинеше околу 5,4 евра за 100 киловат часови.
Највисоки цени на гасот, изразени во евра, плаќале домаќинствата во Шведска и Холандија, приближно 18,9 евра и 16,7 евра за 100 киловат часови.
Економија
Дурмиши ги предупреди трговците: Ако има енормно зголемување на цените, ќе има поригорозни мерки

Нови поригорозни мерки ќе бидат воведени доколку Државниот пазарен инспекторат утврди енормно зголемување на цените на производите по укинувањето на мерките што важеа до крајот на април, рече денес министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Тој денес рече дека официјалните податоци за изминатиот период додека беа замрзнати маржите покажуваат намалување на инфлацијата.
„Официјалните податоци покажуваат дека инфлацијата за април е практично нула. Во споредба со март има покачување од 0,6 %. Во споредба со април минатата година инфлацијата е 2,6 %, што значи дека не надминува 3 % и е во стабилна фаза. Цените на храната се речиси непроменети, само 0,3 % годишно зголемување и мора да потенцирам дека ако го споредиме април со декември 2024 година имаме дефлација од 1,35 %. Значи, имаме намалување на инфлацијата“, рече министерот Дурмиши.
Овој месец Државниот пазарен инспекторат ќе прави и редовни и вонредни контроли на цените и кај трговците, и кај дистрибутерите, и кај производителите и ќе подготви извештај врз основа на кој ќе се димензионираат нови, поригорозни мерки доколку се утврди дека покачените цени немаат економска оправданост.
„Може да ја прошириме листата со која ќе бидат опфатени производи за ограничување на маржата, односно ова што го имавме сега како мерка – може да ставиме повеќе производи, може да го покачиме процентот на маржата, да видиме кои се тие можности за поригорозна мерка. Ова го кажувам за да ги известам трговците, производителите и дистрибутерите да не се однесуваат девијантно, да не ги покачуваат цените без економска оправданост. Ако има покачување, ќе има поригорозни мерки. Се вршат контроли“, рече министерот Дурмиши.
На забелешките дека има хигиенски производи, кои се и за 60 денари поскапи по завршувањето на мерката, министерот Дурмиши рече дека првин треба Државниот пазарен инспекторат да го утврди тоа, да го извести секторот во Министерството за економија да направи анализа за тоа кои построги мерки да бидат донесени.
Економија
Нова инвестиција на „Џагатај кабло“ вредна 6 милиони евра, најавени нови 200 вработувања

Турската компанија Џагатај Кабло која веќе подолго време работи во рамките на ТИРЗ Скопје 1 ќе инвестира 6 милиони евра во проширување на своето производство со изградба на нов објект од околу 10 000 квадрати, што ќе донесе нови 200 вработувања.
Оваа нова фабрика која ќе биде двојно поголема од постоечката, според најавите на надлежните, освен што ќе отвори нови работни места, истата ќе донесе и нови технологии, што всушност се должи на подобрениот пристап од страна на новата влада.
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски денес во Истанбул ја посети компанијата и оствари средба со Ахмет Шемшетин Короглу, претседател на одборот. Toj посочи дека оваа инвестиција, која беше најавена во јули минатата година, е доказ за довербата на странските инвеститори во стабилната економска клима и поддршката што ја нуди државата. Тој истакна дека како институција во соработка со Владата, Дирекцијата за ТИРЗ ќе продолжи и понатаму со активна и транспарентна поддршка на сите странски инвеститори.
Од страна на менаџментот беше изразена благодарност за поддршката од Дирекцијата, како еден од клучните фактори за проширувањето на оваа инвестиција која ќе донесе додадена вредност во националната економија.
По најавеното проширување во јули минатата година, оваа втора фаза на инвестирање од страна на Џагатај Кабло значи многу поголема доверба во владата и системот, кој според нив работи многу добро.
Инаку, Џагатај Кабло произведува жици и кабли за автомобилската индустрија. Тие ги снабдуваат водечките производители на автобуси, трактори, градежни машини, камиони, комерцијални возила, климатизери, машини за чистење и специјални аеродромски возила.