Економија
(Видео) Се санираат состојбите во рудниците во РЕК Битола, најавена е и помош од Србија
Се санираат состојбите во рудниците во РЕК Битола по елементарната непогода и поплавите кои се случија на откопните полиња за јаглен предизвикани од обилните врнежи во изминатиот месец, а особено во последната недела.
Неколку багери се вратени во функција, се испумпува водата и калта од откопните полиња, се вложуваат напори за брза набавка на неопходните дополнителни технички ресурси. Доколку е потребно, ќе пристигне и помош од соседна Србија, каде компанијата сродна на АД ЕСМ има искуство со неодамнешни поплави на производствените капацитети.
Предизвиканите штети на системот за ископ и транспорт на јаглен нема да влијаат врз производната цена на електричната енергија, бидејќи сите ресурси се осигурани од страна на соодветно осигурително друштво и штетата за комбинатот и за компанијата ќе биде покриена.
Генералниот директор Ковачевски ги осуди нападите врз РЕК Битола и вработените од страна на опозициската ВМРО–ДПМНЕ, со оценка дека во моментов таквите партиски пресметки преку грбот на најголемиот државен производител на електрична енергија се несериозни и штетни за целата држава која во најголем дел се снабдува со струја од РЕК Битола.
,, Вчера се состана Управниот одбор на АД ЕСМ заедно со стручниот колегиумот на РЕК Битола токму тука во комбинатот. Беа утврдени понатамошните чекори кои ќе се преземат и беа утврдени конкретните задачи по служби и по секој еден вработен. Мотивацијата меѓу вработените е голема, сите се на работните места, нема годишен одмор, нема викенд, сите се вратија на работа за да дадат свој придонес овој комбинат кој е гордост на сите нив повторно да се врати во нормално функционирање и да го надмине овој голем и огромен предизвик за сите нас. Тоа што не помага и што создава чувство на разочараност кај вработените се политичките пресметки што се прават преку нивниот грб од страна на опозициската партија ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски. Зачуденоста на вработените е уште поголема затоа што Мицкоски бил и директор во еден период. Сега од него дочекаа да слушнат дека не треба да им се дава и вода за пиење по рудниците. Го повикувам Мицкоски да дојде тука, ќе го однесам во рудникот ако нема отидено, за да види што е рудник, што се рудари и што е елементарна непогода во јагленови откопни полиња“ изјави генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски информираше дека во изминатиот период во рудниците се правеле и дополнителни брани и канали со цел да се заштитат пониските места за ископ и на тој начин е спречено да дојде и до полоша ситуација од моменталната. Ќурчиевски изјави дека со натчовечки напори на вработените во комбинатот, во функција полека се враќа дел од механизацијата за ископ.
,,Во функција веќе е вратен еден од багерите, 323, а очекуваме до утре во функција да се врати и багерот 630/1 со претоварниот уред, и со тоа да го обезбедиме континуираното снабдување со јаглен на термоелектраната и да го одржуваме нивото на депонијата на моменталната состојба, односно околу 80.000 тони јаглен, што е вообичаена количина за летниот период. Сите сили во наредниот период ќе бидат насочени кон оспособување и најголемиот багер, КУ 300 ,,-изјави директорот Ќурчиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
Директорката на УЈП не призна грешка во испратените решенија за данок од работа во странство, но повика секој што има доказ дека е платен, да го достави
Решенија за оданочување на доход од странство за 2020 година Управата за јавни приходи (УЈП) законски морала да ги испрати заклучно со 31 декември, е објаснувањето на директорката Елена Петрова за пристигнатите решенија кај граѓаните на само неколку дена пред Нова година во кои им бараат да си платат данок за доходот од странство иако многумина кажуваат дека данокот е платен во странската земја со која имаме меѓународен договор за избегнување на двојно оданочување. Директорката Петрова денес долго објаснуваше за решенијата за данок на доход од странство, но во ниту еден момент не кажа дека има решенија кои се испратени по грешка оти данокот бил платен во странската земја. Таа објаснуваше дека целата активност е обемна, вклучува вкрстување неколку бази и податоци, дека работеле по доставени известувања од банките и за секој поединечно проверувале дали доходот подлежи или не подлежи на оданочување кај нас.
Оние кои пред Нова година постапиле по решението и вторпат уплатиле данок оти такви насоки добиле и од вработените во УЈП кога се пожалиле, директорката Петрова рече дека ќе ги добијат средствата назад или пак ќе им бидат пресметани за некоја од следните години. И нив и оние кои се уште не постапиле по решенијата ги повика да достават докази во канцелариите на УЈП доколку данокот е платен во странската земја.
„Секако дека ќе бидат земени предвид сите докази. Ќе се утврди, зависно од меѓународниот договор доколку со земјата имаме склучено меѓународен договор, каде треба да се плати данокот, а каде треба да се изврши поврат или доколку е возможно платениот данок во странство да се прифати како даночен кредит па на уплатата што е извршена овде може да се изврши враќање или да се прифати за друг долг за следна година на соодветното лице“, реле директорката Петрова и објасни дека секој случај ќе се разгледува поединечно и даночниот обврзник ќе биде дополнително известен дали доставениот доказ се прифаќа или не.
Директорката Петрова не кажа конкретно колкав период имаат граѓаните за да достават докази за платен данок на доход од странство но јавно ги повика да го сторат тоа.
„Имајќи предвид дека граѓаните мора да се вратат и да обезбедат докази за пет години наназад, за работа што се случила пред пет години, а доказите ги обезбедуваат од странски земји ние ќе им овозможиме на граѓаните и дополнително да достават докази, еве во овој период повикани се граѓаните, јавно ги повикувам и сега сите што имаат и што може да обезбедат докази да ги достават до сите даночни канцеларии на УЈП. Ние ќе ги разгледаме тие докази и што може, ќе биде прифатено. Доставените решенија мораше да бидат донесени до 31 декември, тоа се аконтативни решенија и после врз основа на тие решенија и врз основа на, се разбира дополнително доставените докази, ние треба да преминеме кон коригирање на годишната даночна пријава за 2020 година, односно на конечниот данок за 2020 година. После тоа ќе следат оние постапки за наплата, значи се уште имаме период во кој граѓаните доколку имаат докази можат да ги достават“, објасни директорката Петрова.
За данокот на доход остварен во странство, директорката Петрова кажа дека УЈП испратило над 11.000 персонализирани известувања со секој граѓанин што се појавил во податоците. Утврдиле дека 6.600 граѓани од нив подлежат на оданочување. 2.200 граѓани сами поднеле пресметка за оданочување, а за 4.400 Управата донела решенија по службена должност.
Вкупно утврдениот данок изнесува 186 милиони денари или три милиони евра за 2020 година.
Директорката Петрова нагласи дека главна цел не е само да се соберат пари туку да се создаде даночна дисциплина.
„Јас апелирам граѓаните да си ги обезбедат во овој период што им е даден и доказите за другите години бидејќи ние ќе го утврдуваме данокот и за следните периоди од 2021 до 2025 година и редовно да си ги пријавуваат отсега натаму доходите остварени во странство. Нашата цел не е само тој данок да се утврди и плати туку и отсега понатаму да се воспостави ред и функционирање на системот“, рече директорката Петрова.
Доходот се пријавува по истекот на месецот до 10. во следниот месец освен доходите од плата и пензија кои што се пријавуваат до 31 март по истекот на годината
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,94% во однос на одлуката од 29.12.2025 година.
Од 06.01.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,801 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОСУПЕР БС-98 и ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 0,50 ден/лит,.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,848 ден/кг и сега ќе изнесува 32,801 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,200% кај дизелот за 1,395%, кај екстра лесното масло за 0,463% и кај мазутот намалувањето е за 3,841%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е за околу 0,0031% повисок од курсот на доларот.

