Економија
Вицепремиерот Битиќи во посета на компанијата „Еуроедил холдинг“ и средба со бизнисмените од Дебар и Маврово-Ростуше
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во рамки на серијата консултативни средби, вчера изврши работна посета на општините Дебар и Маврово-Ростуше, при што ја посети фабриката на „Еуроедил холдинг“ и оствари средба со претставници на компаниите кои работат во овие општини.
За време на посетата на компанијата „Еуроедил холдинг“, лоцирана во с. Скудриње, која е една од компаниите кои имаат потпишано договори за државна помош преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, вицепремиерот разговараше со менаџментот на компанијата за текот на реализацијата на нивниот инвестициски проект, како и за предизвиците со кои се соочуваат во тековното работење, а ги посети и производствените капацитети на претријатието. Компанијата има договор за инвестициски план со вредност од 1 милион евра за 5 години, а како државна поддршка во првата година од страна на Владата се исплатени околу 30.000 евра, за оправдани инвестициски трошоци.
„’Еуроедил’ е една од компаниите коишто се корисници на Законот за финансиска поддршка на инвестиции и навистина е една компанија којашто укажува како нашите луѓе коишто работат надвор знаат и умеат, прво да се вратат во нашата земја, второ, да покажат дека знаат да бидат и инвентивни и трето, дека знаат многу добро да бидат поврзани во синџирот на набавка со странските компании. Оваа компанија произведува полуготови и готови продукти коишто одат на европскиот пазар преку реномирани светски компании. и тоа навистина е за поддршка. Денеска зборувавме за сè што би требало да направиме за оваа компанија којашто има план за проширување на нивниот производствен капацитет и укажав дека како влада ќе поддржиме која било иницијатива, не само од оваа компанија туку и од сите други компании во овој регион, затоа што тоа значи повеќе креирани работни места, значи развој на самиот регион и секако придонес кон целокупниот развој во државата. Уште еднаш би сакал да укажам дека во суштина не е битно местото во коешто оперирате, дека Северна Македонија има потенцијал, има луѓе коишто знаат да развиваат бизнис и со тоа да покажат дека ние знаеме да направиме економија којашто е конкуретна на домашен, но и надвор од домашниот пазар“, посочи вицепремиерот Битиќи по посетата на фабриката на „Еуроедил холдинг“, компанија основана од наш граѓанин, повратник од странство.
Управителот на „Еуроедил холдинг“, Раким Рамадановски, објасни дека компанијата е формирана во 2005 година и работи со лимени производи, производство и полупроизводство за сувата градба. Нивните производи ги пласираат на на европскиот пазар и во земјите од регионот. Компанијата има 62 вработени, а имаат планови и за натамошно проширување на производствените капацитети.
За време на работната посета, во организација на градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, вицепремиерот Битиќи оствари средба и со претставници на компании кои функционираат во општините Дебар и Маврово-Ростуше, со кои разговараше за актуелните предизвици со кои се соочуваат за време на социо-економската криза, како и за мерките кои се подготвуваат од Владата за нивно надминување и активностите кои Владата планира да ги спроведе во постковид периодот, а кои се предвидуваат одржлив раст и развој на економијата во сите региони во Северна Македонија и на земјата во целина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
МФ: Јавниот долг на крајот на првиот квартал 58,6% од БДП
Министерството за финансии денеска ги објави податоците за состојбата на јавниот долг заклучно со 31 март 2024 година. Согласно објавените податоци јавниот долг изнесува 8.769 милиони евра што претставува 58,6% од БДП.
„Во првиот квартал се издадени државни хартии од вредност во износ од 219,2 милиони евра, повлечени се средства во износ од 175,5 милион евра по основ на склучени кредитни аранжмани со странски кредитори, како што е повлекувањето на втората транша од ММФ од кредитната линија за претпазливост и ликвидност и 57,6 милиони евра по основ заеми за јавни претпријатија и АД основани од државата и општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје. При тоа извршена е и исплата на обврски по основ на главнина за надворешен долг во износ од 82,7 милиони евра“, соопшти МФ.
„Министерството за финансии ја објавува состојбата на јавниот долг на квартално ниво, а при пресметката на јавениот долг во однос на БДП се користени податоци за вредноста на БДП за период 2005 – 2024 година, за 2022 година користен е податок за вредност на БДП објавен на веб страната на Државниот завод за статистика, додека податоците за 2023 се прелиминарни податоци на Државниот завод за статистика, а 2024 година е проектирана вредност на БДП на Министерство за финансии.
Исто така, денеска согласно утврдената динамика, Министерството за финансии ги објави податоците за состојбата на државниот долг кој заклучно со 31 март 2024 година изнесува 7.544 милиони евра што претставува 50,4% од БДП. Состојбата на државниот долг се објавува на месечно ниво.
Министерството за финансии транспарентно ги објавува овие податоци на својата веб-страница. Последниот податок укажува дека јавниот долг е во дефинираните граници со новиот Закон за буџети. Со новиот Закон за буџети е воспоставено правило со кое јавниот долг не треба да надминува 60% од БДП, што е согласно и со Мастришките критериуми. Министерството за финансии останува на определбата за одржување на јавниот долг на стабилно ниво и во рамки на утврдените критериуми“, се додава во соопштението на МФ.
Економија
Забележителен раст на приходите, инвестициите и добивката на Реплек во првиот квартал од 2024 година
Со раст на оперативните приходи од 25%, на обемот на инвестиции и на добивката во првото тримесечје споредено со истиот период минатата година, „Реплек АД“ продолжи со успех да го реализира бизнис планот за 2024 година и својата долгорочна развојна стратегија која се темели на зголемување на продажбата на странските и на домашниот пазар, на иновациите во портфолиото на производи, како и на значителни вложувања во технолошкиот напредок и во развојот и добросостојбата на своите вработени.
Неревидираниот консолидиран финансиски извештај за работењето на Реплек АД во првиот квартал од 2024 година покажува дека во секторот фармација компанијата остварила раст на приходите од 26,9% во однос на истиот период минатата година. Во најголем дел ваквиот раст се должи на растот на приходите од продажба на странските пазари, каде се генерираат дури 80 % од вкупните приходи и кои во овој временски период се зголемени за 23 %, надминувајќи вредност од над пет (5) милиони евра. Позитивно влијание на ваквиот раст на приходите од извоз има отворањето на новиот пазар за производите на „Реплек АД“ во Туркменистан, што се очекува да придонесе за натамошно зголемување на извозните перформанси и резултати на компанијата.
Истовремено со растот на извозот, „Реплек АД“ продолжи да ја јакне и својата позиција на домашниот пазар, каде во Q1 2024 е остварен раст на приходите од продажба од 50 %, во споредба со истиот период лани.
Значителен раст во овој период од годината е забележан и кај инвестициите кои се зголемени приближно за пет и пол пати во однос на првите три месеци од 2023 година.
„Позитивните резултати на стартот на оваа година ни влеваат дополнителна енергија и мотив да продолжиме уште посилно во остварување на целите дефинирани во деловниот план за оваа година и во нашата стратегија за долгорочен одржлив развој. Остануваме посветени на инвестирањето во натамошна технолошка модернизација, како и на иновациите кои треба дополнително да збогатат нашето портфолио на производи, коишто веруваме дека ќе ни овозможат натамошно зајакнување на нашите позиции на домашниот пазар и ќе ни отворат нови можности и перспективи на странските пазари. Паралелно продолжуваме и со вложувањата кои треба да ја гарантираат натамошната добросостојба на нашите вработени. Веруваме дека ваквите напори ќе вродат со плод, ќе придонесат за натамошен раст на компанијата и ќе донесат дополнителна вредност за сите“, изјави главниот извршен директор на „Реплек АД“, Душан Пецовски.
Инаку, растот на приходите од продажба се одрази и на растот на консолидираната добивка пред оданочување на „Реплек АД“, која за првите три месеци од оваа година бележи зголемување за 24 % во однос на истиот период од минатата година.
(ПР текст)
Економија
Финансии побара до крајот на денов да се стави во мирување поскапувањето на осигурувањето на автомобилите при регистрација
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница го разгледа доставениот извештај од Националното биро за осигурување поврзано со зголемените цени по основ на премија за вршење на дејноста на осигурување.
На состанокот Комисијата му укажа на Националното биро за осигурување и на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурувањето во текот на денешниот ден да им предложи на друштвата за осигурување до крајот на денешниот ден да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците и да ги вратат на ниво од пред 25 април 2024 година и да ја известат Комисијата во текот на денешниот ден. Ваквото укажување е со цел обезбедување транспарентност и предвидливост на процесите, имајќи предвид дека компаниите ниту поединечно, ниту преку Националното биро за осигурување го немаат известено регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето ниту Комисијата дека планираат да ги зголемат трошоците по основ на премијата за вршење на дејноста на осигурување, и на тој начин не е обезбеден инклузивен пристап и кооперативност со сите засегнатите страни при донесување на одлуките.
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница побара од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да изготви анализа за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на друштвата за осигурување, во насока на заштита на крајните корисници, а со цел обезбедување сеопфатна информација за донесување објективна и транспарентна одлука. Во правец на ова е укажувањето кон регулаторот за ставање во мирување на одлуката за зголемување на цената на трошоците од страна на друштвата за осигурување. Истовремено, побара од друштвата за осигурување преку Националното биро да дадат свој придонес во изготвување на анализата и предлог-заклучоци за промена на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
На состанокот, Комисијата одлучи во најскоро време по доставување на анализата од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да свика седница и да ја разгледа доставената Информација и да донесе соодветни заклучоци.