Економија
Заев и Хоџа се договорија со тутунарите за постигнување повисока цена на тутунот

Претседателот на Владата, Зоран Заев, и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, на денешната средба со Иницијативниот одбор на незадоволни тутунари и Сојузот на тутунарски здруженија разговараа за барањата на тутунарите, за да се оствари успешна завршница на годинешната реколта и повисока просечна цена на тутунот на ниво на целата држава.
Премиерот Заев и министерот Хоџа се согласија да се покрене иницијатива за укинување на четвртата класа, како и дополнителните класи тутун, за откуп од реколтата од оваа година, со што компаниите откупувачи ќе го дадат својот придонес за постигнување повисока просечна цена.
Премиерот Заев истакна дека тој и министерот Хоџа ќе ја интензивираат комуникацијата со овластените компании за откуп на тутунот за ова прашање, како и за конструктивен и флексибилен пристап во однос на категоризацијата на тутунот, вклучувајќи го овој пристап и кон проценката за одбиток за кој ќе се бара решение да не биде повисок од 5%.
Заев истакна дека Владата ќе го следи откупот на тутунот на дневна основа и ќе ги примени достапните можности цената на откупениот тутун на ниво на целата држава да ја достигне просечната цена најмалку од 180 денари.
На средбата беше истакнато дека во интерес на тутунопроизводителите и на Владата е да продолжи динамиката на откупот со подеднакви количини од сите категории тутун како обврска и на производителите и на откупувачите за да се постигне поволна просечна цена.
Од страна на Владата, беше истакнато на состанокот, ќе продолжи инсистирањето компаниите откупувачи да ја исполнат својата обврска да ги откупат сите количини на кои се обврзаа со државата, а со тоа и со тутунопроизводителите.
Дополнително се потврди определбата на Владата до крајот на сезоната, откако ќе заврши откупот на договорените количини за оваа година, да се исполни и обврската да се откупи и вишокот тутун од оваа година.
Премиерот Заев и министерот Хоџа го прифатија и барањето на тутунопроизводителите за измени и дополнувања на Законот за да се избегнат во иднина дел од прашањата што се појавија со годинешната реколта на тутунот, вклучувајќи и тоа откупувачите да бидат законски обврзани да им потпишат договори за нова реколта со исти количини од претходната реколта на сите тутунопроизводители кои при проценка на Второстепената комисија добиле подобра проценка на тутунот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Porsche ја збогатува понудата на Taycan

Со новиот Taycan, Porsche ја лансира четвртата варијанта на својот прв целосно електричен спортски автомобил, овој пат со погон само на задните тркала и две варијанти на големина на батерија.
Со стандардната батерија, новиот модел на почетно ниво испорачува 408 коњски сили. Во режим на „Overboost“со Launch Control, моќноста се зголемува до 476 коњски сили. Со опционалната „Performance Battery Plus“ батерија со зголемен досег, моќноста изнесува 326 коњски сили, додека во режимот „Оverboost“, моќноста се зголемува до 380 коњски сили.
Новиот Taycan
Како и кај останатите варијанти, опционалната опрема вклучува „HeadUp“ дисплеј во боја и полнач за во автомобил со капацитет за полнење до 22 kW. Со Functions on Demand (FoD), возачите на Taycan можат да купат разни дополнителни функции за погодност или помош. Оваа функција е достапна по испораката на возилото, како и за оригиналната конфигурација на спортскиот автомобил. Активирање преку Интернет значи дека не е потребно да се посети Porsche сервис. Во моментов, ова е можно за функциите Porsche Intelligent Range Manager (PIRM), Power Steering Plus, Active Lane Keeping Assist и Porsche InnoDrive.
Избор од две батерии
Стандардната еднослојна батерија се карактеризира со бруто-капацитет од 79,2 kWh. Опционалната двослојна батерија „Performance Battery Plus“ има капацитет од 93,4 kWh. Опсегот, во согласност со WLTP, е до 431 или до 484 километри, соодветно.
Taycan забрзува до 100 км/ч за 5,4 секунди и со двете верзии на батерија. Неговата максимална брзина е исто така 230 км на час и во двете конфигурации, додека максималниот капацитет на полнење е до 225 kW со основната батерија или до 270 kW (Performance Battery Plus). Ова значи дека и двете батерии можат да се полнат од пет до 80 проценти SoC за 22,5 минути и дека напојувањето за уште 100 километри се постигнува по само пет минути.
Иновативен електричен мотор и динамички перформанси
Импресивно забрзување, моќност карактеристична за спортските автомобили и извонредно континуирано забрзување – новиот основен модел на Taycan ги има и овие уникатни карактеристики. Постојано „возбудениот“ синхрон мотор на задната оска има активна должина од 130 милиметри и затоа е со иста должина со оној што е вграден во Taycan 4S. Инверторот контролиран со пулс на задната оска работи до 600 ампери.
Покрај трајно „возбудениот“ синхрон мотор на задната оска, погонската архитектура вклучува и двостепен менувач. Исто како и кај останатите модели, најзначајни карактеристики вклучуваат интелигентно управување со полнењето, како и врвна аеродинамика. Со воздушен отпор од 0,22, аеродинамиката на Taycan дава значителен придонес во малата потрошувачка на енергија и големиот досег на батеријата. Максималната моќност на рекуперација на електрична енергија изнесува 265 kW.
Надворешен дизајн со вистинско Porsche ДНК
Со својот чист дизајн, Taycan сигнализира почеток на нова ера. Во исто време, тој ја задржува непогрешливата ДНК на дизајнот на Porsche. Од предната страна, електричниот спортски автомобил изгледа особено низок и широк, со многу контурни елементи. Неговата силуета е обликувана според неговата спортска линија на покривот што се спушта надолу кон задниот дел, додека карактеристични се и многуте извајани странични делови. Елегантната кабина, впечатливо вовлечените Ц-столбови и изразените задни крилја резултираат во остро нагласен заден дел, типичен за Porsche. Овие карактеристики се надополнети со иновативни елементи како што е натписот од стакло за логото на Porsche во задната светлосна лента. Карактеристичните одлики на Taycan вклучуваат аеродинамички оптимизирани 19-инчни фелни Taycan Aero и црни анодизирани калипери на сопирачки. Деталите во предниот дел, страничните прагови и задниот дифузер во црна боја се исти како оние на Taycan 4S.
Уникатен дизајн на внатрешност
Кокпитот на Taycan означи почеток на нова ера со својата јасна структура и целосно нова архитектура. Самостојниот заоблен склоп на инструменти ја формира највисоката точка на контролната табла. Ова става јасен фокус на возачот. Другите елементи вклучуваат централен 10,9-инчен инфозабавен систем и дополнителен дисплеј пред совозачот.
Стандардно, Taycan доаѓа со делумно кожен ентериер, како и предни комфорни седишта со електрично прилагодување во осум насоки. Автомобилот се одликува со два оддели за багаж: 84 литри напред, и до 407 литри одзади. Taycan е исто така првиот модел на Porsche достапен со внатрешност без кожа. Ентериерите направени од иновативни рециклирани материјали го истакнуваат концептот за одржливост на електричниот портски автомобил.
Централно вмрежен систем на шасија
Porsche користи централен, мрежно контролен систем за шасијата на Taycan. Интегрираната контрола на шасијата на Porsche 4D ги анализира и синхронизира сите системи на шасијата во реално време. Стандардната суспензија на Taycan, како и опционалната адаптивна воздушна суспензија со три комори се надополнети со електронскиот систем за контрола на суспензијата PASM (Porsche Active Suspension Management).
Адаптивната воздушна суспензија е опремена и со функција Smartlift. Ова му овозможува на Taycan да се адаптира на подлогата на возење со тоа што автоматски се подигнува возилото кога патот го наложува тоа, како на пример при преминување преку регулатори на брзина на улиците. Функцијата Smartlift исто така може активно да влијае на висината на возилото при патувања на автопат и може да ја прилагоди висината на возењето на возилото за најдобар можен компромис помеѓу ефикасноста и удобноста при возење.
Опсег на Taycan
Taycan стандардно е опремен со шест клипни алуминиумски моноблок сопирачки со фиксен калипер напред и четири клипни алуминиумски моноблок сопирачки со фиксиран калипер одзади. Внатрешно вентилирачките дискови на сопирачките имаат дијаметар од 360 mm напред и 358 mm одзади. Калиперите на сопирачките имаат црна елоксирана боја. Дополнителна опција се Porsche Surface Coated Brake (PSCB) сопирачки со високи перформанси. Неговите дискови имаат дијаметар од 410 mm напред и 365 mm назад.
Успешна година за Taycan
Porsche успешно ја започна визијата за електрична иднина, испорачувајќи повеќе од 20.000 Taycan модели на клиенти ширум светот во 2020 година. Електричниот спортски автомобил веќе има добиено околу 50 меѓународни награди, пред сè на нејзините главни пазари во Германија, САД, Велика Британија и Кина. Новиот Taycan со погон на задните тркала го постави новиот Гинисов Рекорд за најдолг дрифт со електричен автомобил од точно 42,171 километри.
(ПР текст)
Економија
Германската компанија „Ипротекс“ ќе инвестира пет милиони евра во ТИРЗ Скопје

Германската компанија „Ипротекс“ и Дирекцијата за технолошко-индустриски зони го потпишаа договорот за државна поддршка, со кој оваа германска компанија, дел од групацијата Innotech & Iprotex, се обврза на инвестиција од пет милиони евра и отворање минимум 30 работни места во ТИРЗ Скопје 1. Компанијата се занимава со изработка на материјали за автомобилската индустрија, за технички текстил и термоизолациски материјали.
Директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски, посочи дека станува збор за прва инвестиција за 2021 година, скромна по обем, но важен чекор во однос на реализацијата на инвестициските планови. Тој додаде дека се воведени и нови механизми за отвореност и нови практики во функционирањето на ДТИРЗ.
„Првпат презентираме планови и делови од државна помош, која за оваа компанија ќе биде до 50 % од реализираните инвестициски трошоци и субвенции со удел од 20 %, како и даночни и царински ослободувања. Кај оваа компанија имаме значително поместување во однос на платите. Просечната плата што ‘Ипротекс’ веќе им ја исплаќа на вработените е 10 % над просечната плата во ТИР-зоните и 11 % над просекот во преработувачката индустрија. Нашата цел е зголемување на платите на работниците ангажирани во индустриските зони за 30 до 50 % до 2024 преку зголемена продуктивност на трудот. Со странските инвеститори веќе разговараме за сет мерки со кои ќе инвестираме во програми и вештини кои се насочени директно кон луѓето, а ќе придонесат кон продуктивност на компаниите“, рече Деспотовски.
Управителот на „Ипротекс“ во Македонија, Блаже Левовски, рече дека фирмата е формирана во 1999 година и дека има шест фабрики што се на четири континентни и две продажни претставништва.
Економија
Народната банка: Структурата на меѓународната инвестициска позиција на македонската економија е поволна

Народната банка ја објави анализата „Меѓународната инвестициска позиција на земјите од регионот, со посебен фокус на македонската економија“ на Дијана Јаневска-Стефанова. Во анализата акцентот е ставен на големината и структурните карактeристики на меѓународната инвестициска позиција (МИП), која претставува разлика помеѓу финансиските побарувања што земјата ги има од странство (остатокот од светот) и финансиските обврски кон странство. Притоа се укажува на сѐ поголемото значење на овој показател во периодот по глобалната финансиска криза поради што тој е вклучен и во анализите на одржливоста и ранливоста на надворешниот сектор на меѓународните финансиски институции и на другите носители на политиките.
Во анализата е даден кус осврт на МИП на земјите од регионот во периодот пред и по глобалната економска криза од 2008/2009 година. Кај сите земји во регионот МИП има негативна вредност, што значи дека сите економии имаат поголеми обврски кон странство отколку побарувања, што е и за очекување имајќи ја предвид фазата на економски развој и потребата од надворешно финансирање на економиите во форма на странски директни инвестиции, заеми и слично.
Динамичката анализа покажува проширување на негативната позиција во периодот пред глобалната криза, а во посткризниот период главно се забележува подобрување. Структурно гледано, пред кризата се забележува дека најголема улога за промената на МИП имаат директните инвестиции, а ефект имаат и тековите што создаваат долг. Во посткризниот период директните инвестиции и натаму растат, но побавно, а тековите што создаваат долг се помали поради процесот на раздолжување, карактеристичен за овој период.
Од аспект на одржливоста на екстерната позиција, според еден од ретките нумерички показатели за МИП од процедурата за нерамнотежи на Европската комисија (МИП-одредница -35 % од БДП), повеќето анализирани земји се наоѓаат над оваа препорачана граница. Имајќи ги предвид недостатоците при формирањето единствен нумерички показател за земји со различно ниво на развој, Меѓународниот монетарен фонд во своите редовни извештаи квалитативно ја проценува екстерната позиција на секоја земја.
„Имено, за целосна слика, покрај висината, треба да се земе предвид и структурната поставеност на МИП по инструменти, која во нашиот случај е поволна поради високото учество на директните инвестиции од речиси 90 %. Во согласност со наведеното, оцените на ММФ за македонската економија не упатуваат на поголеми ранливости во надворешниот сектор“, се заклучува во анализата.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија1 месец
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија4 недели
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира