Економија
Ковачевски: Нова инвестиција на германски „Кил“ од 9,2 милиони евра и нови 150 работни места
Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на настан по повод новата инвестиција на германската компанијата „Кил Македонија“. Станува збор за изградба на нов производствен капацитет во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово.
Компанијата „Кил Македонија“ веќе успешно работи 6 години во нашата земја и во моментот над 130 наши сограѓани произведуваат иновативни транзитни патнички седишта за комерцијални возила и јавен превоз.
Како што истакна премиерот во своето обраќање, успешниот раст на компанијата доведе до потреба за дополнително проширување на нивното портфолио со нова инвестиција од 9,2 милиони евра, а тоа значи нови 150 работни места, со очекуван вкупен извоз од над 160 милиони евра во следните 10 години. Почетокот на производството од новата фабрика се планира во следната 2023 година.
„Економските политики и Планови на Владата даваат резултати. Ние сме земја членка на НАТО, со почнати преговори за членство во ЕУ, стабилен партнер за вложување на инвестициите на компаниите од Европа и светот. Потврда за тоа се и постоечките инвеститори кои работат во нашата земја, од САД, Франција, Германија, Турција и бројни останати европски земји кои ги споделуваат можностите за инвестиции во нашата земја и условите за раст и развој на компаниите. И во овие тешки кризни времиња наша задача е да обезбедуваме услови за креирање нови работни места, но секако и на подобро платени работни места за да се справиме со растечките трошоци за живот. И тука во германската инвестиција во ‘Кил Македонија’, просечната нето плата е над државниот просек. Само од неколку нови инвестиции кои ги објавивме изминативе неколку месеци се отвораат нови над 1.700 работни места. Да бидам попрецизен од заедничката инвестиција на ‘Јангфенг’ и ‘АРЦ Аутомотив’ ќе се отворат 100 нови работни места, ја отворивме и втората фабрика на американската компанија ‘Кемет електроникс’ во ТИРЗ со нови 360 вработувања, канадската ‘Магна’ во зоната во Струга со над 1.000 вработувања, турската инвестиција ‘Текнопанел’ со која ќе се отворат 120 нови работни места, како и денешната нова инвестиција на германската ‘Кил Македонија’ со околу 150 нови вработувања“, рече Ковачевски.
Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека сите напори коишто ги прави Владата за привлекување странски инвеститори и обезбедување на најдобра бизнис-клима за компаниите го даваат својот плод.
„Кога го донесовме Планот за економски раст пред речиси пет години имаше многу скептици дека нема да ги даде посакуваните резултати.
Но, резултатите на терен го покажуваат токму спротивното, а тоа е дека со предвидлива бизнис-клима и поддршка на компаниите кои работат на раст и развој и отворање нови работни места успехот е неминовен.
И покрај ковид-кризата и покрај енергетската криза којашто ја зафати цела Европа и носи голема неизвесност, странските инвеститори препознаваат во Северна Македонија сигурен партнер и можност за долгорочно реализирање на своите планови, а со тоа раст и развој на нивните компании“, рече Бектеши.
Амбасадорката Анке Холштајн зборуваше за важноста на новите инвестиции.
„Доверливата клима на соработка со македонската Влада е важен признак за квалитет за локацијата Северна Македонија. Заедно ќе продолжиме да ја негуваме – за успешно да работат тие што веќе се овде, како и за понатаму да ја рекламираат Северна Македонија како добра дестинација за инвестиции“, рече Холштајн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Бочварски: ДПМНЕ ветуваше намалување на буџетскиот дефицит под 3, сега го зголемуваат на 4.9 проценти
ВМРО-ДПМНЕ во својата програма велеше дека јавниот долг од крајот на 2023 година достигнал 62,1% од БДП, и дека ќе преземе мерки за фискална консолидација, земјата да има умерено ниво на задолженост. Со новиот ребаланс на буџетот, наместо намалување на јавниот долг, тој ќе биде зголемен на 4.9% уште во првата година од мандатот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, рече пратеникот Благој Бочварски, денес на Комисијата за финансирање и буџет.
-Потоа, велеа дека инфлацијата ќе ја намалат на 2%, а денес слушаме дека таа е 3.5%. Јасно е дека ќе се кратат сретсва од веќе предвидени проекти.
Пиар програмата на власта е едно, а реалноста е друго, рече Бочварски.
Тој потенцираше дека СДСМ ако не ги зголемеше платите и пензиите на граѓаните во време на кризи и инфлација, тешко дека ќе преживеаа граѓаните, особено со минималната плата од 9 илјади денари, каква што беше во времето на ДПМНЕ, а од каде нивните стручњаци велеа дека не е добро да се покачуваат платите.
-Колку за споредба, во 2017 минималната плата беше 9 илјади денари, а денес таа е 22.500. Просечната во 2017 беше 22.500, а денес е 41.100. Пензиите се зголемија за 6.500, а сега имаме бомбастични најави за зголемување од 5 илјади денари, за кое ни останува да видиме дали ќе се случи“, рече Бочварски.
Економија
Трипуновски: Постигнат е договор за откупната цена на црвената пиперка
Министерот Цветан Трипуновски после состанокот со откупувачите и преработувачите на црвена пиперка соопшти дека е постигнат договор за откупните цени.
„Денеска во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство остварив заедничка средба со преработувачите и откупувачите на црвена пиперка. Постигнавме договор за откупни цени на црвената пиперка и тие истите според класи ќе бидат: прва класа – 40 денари за килограм, прва/втора класа – 30 денари за килограм, втора класа – 20 денари за килограм, трета класа – 12 денари за килограм“, соопшти Трипуновски.
Тој во неколку наврати одржа состаноци со земјоделците, преработувачите и откупувачите каде што главна тема беше откупната цена и текот на откупот на црвената пиперка.
Откупувачите и преработувачите се согласија дека ќе се придржуваат до договорените цени во текот на целиот откуп, но во согласност на побарувачката истите имаат тенденција да се зголемуваат за што Државниот инспекторат за земјоделство ќе биде постојано на терен и ќе се грижи за да се запази динамиката и откупните цени на црвената пиперка. Вистински се грижиме за македонските земјоделци, тие конечно имаат партнер во Министерството, рече Трипуновски.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,48 % во однос на одлуката од 22.7.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,072 %, кај дизелот 1,940 %, кај екстра лесното масло 2,096 % и кај мазутот намалувањето е 3,565 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,2688 %.
Од 27.7.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 81,50 (денар/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС 98 83,50 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денара/литар)
Мазут М-1 НС 44,656 (денари/килограм)
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува 1,101 денар/кг и сега ќе изнесува 44,656 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат.