Економија
Месната индустрија бара укинување на увозните давачки за замрзнато свинско месо
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2017/01/meso-mesarnici.jpg)
Да се укинат царината и прелевманот за замрзнатото свинско месо кое домашните компании го користат како суровина за преработка, односно за производство на месни преработки, бара Групацијата за производство на месо и преработки од месо.
Како што изјави денеска Васко Ристовски од Стопанската комора изнесувајќи ги заклучоците од последниот состанок на Групацијата, од 1 јануари 2017 е укината царината за увоз на замрзнато свинско месо во соседството и тамошните преработувачи плаќаат само девет отсто за увоз на оваа суровина.
„Кај нас, преработувачите по овој или оној основ се оптоварени со 19 до 35 отсто при узвоз на истата суровина. Оттука, не само што не се конкурентни, туку се отвора можност и за дополнителен зголемен увоз на преработки пред се од соседството“, рече Ристовски.
Според него, за 11 месеци во 2016 година увозот на месни преработки се изедначил со целокупниот увоз во 2015 година.
„Ако се земат предвид бројките за декември, кога увозот е најголем, 2016 година ќе покаже зголемен увоз на месо и месни преработки“, додаде Ристовски. Во соседството, производство на свинско месо е зголемено за преку 50 отсто, од два милиона на 3,2 милиона.
„Со тоа се усложнува и ситуацијата кај нас. Инаку, факт е дека пазарот е преплавен и од свежо свинско месо и од преработки. Домашните преработувачи плаќаат екстра давачки, а готовите увезени производи влегуваат во Македонија со нула отсто царина согласно ЦЕФТА договорите. И производителите на месни преработки и оние на свинско месо се ставени во незавидна позиција. По основ на прелевман за замрзнато свинско месо во државната каса се влеваат околу три милиони евра. Домашните праработувачи сметаат дека ако барем на одредено време оваа мерка се укине по основ на извоз, овие средства ќе се анулираат“, рече Ристовски./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Економија
(Видео) Бочварски: ДПМНЕ ветуваше намалување на буџетскиот дефицит под 3, сега го зголемуваат на 4.9 проценти
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-185301-1.jpg)
ВМРО-ДПМНЕ во својата програма велеше дека јавниот долг од крајот на 2023 година достигнал 62,1% од БДП, и дека ќе преземе мерки за фискална консолидација, земјата да има умерено ниво на задолженост. Со новиот ребаланс на буџетот, наместо намалување на јавниот долг, тој ќе биде зголемен на 4.9% уште во првата година од мандатот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, рече пратеникот Благој Бочварски, денес на Комисијата за финансирање и буџет.
-Потоа, велеа дека инфлацијата ќе ја намалат на 2%, а денес слушаме дека таа е 3.5%. Јасно е дека ќе се кратат сретсва од веќе предвидени проекти.
Пиар програмата на власта е едно, а реалноста е друго, рече Бочварски.
Тој потенцираше дека СДСМ ако не ги зголемеше платите и пензиите на граѓаните во време на кризи и инфлација, тешко дека ќе преживеаа граѓаните, особено со минималната плата од 9 илјади денари, каква што беше во времето на ДПМНЕ, а од каде нивните стручњаци велеа дека не е добро да се покачуваат платите.
-Колку за споредба, во 2017 минималната плата беше 9 илјади денари, а денес таа е 22.500. Просечната во 2017 беше 22.500, а денес е 41.100. Пензиите се зголемија за 6.500, а сега имаме бомбастични најави за зголемување од 5 илјади денари, за кое ни останува да видиме дали ќе се случи“, рече Бочварски.
Економија
Трипуновски: Постигнат е договор за откупната цена на црвената пиперка
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Трипуновски-26.07.2024-3.jpg)
Министерот Цветан Трипуновски после состанокот со откупувачите и преработувачите на црвена пиперка соопшти дека е постигнат договор за откупните цени.
„Денеска во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство остварив заедничка средба со преработувачите и откупувачите на црвена пиперка. Постигнавме договор за откупни цени на црвената пиперка и тие истите според класи ќе бидат: прва класа – 40 денари за килограм, прва/втора класа – 30 денари за килограм, втора класа – 20 денари за килограм, трета класа – 12 денари за килограм“, соопшти Трипуновски.
Тој во неколку наврати одржа состаноци со земјоделците, преработувачите и откупувачите каде што главна тема беше откупната цена и текот на откупот на црвената пиперка.
Откупувачите и преработувачите се согласија дека ќе се придржуваат до договорените цени во текот на целиот откуп, но во согласност на побарувачката истите имаат тенденција да се зголемуваат за што Државниот инспекторат за земјоделство ќе биде постојано на терен и ќе се грижи за да се запази динамиката и откупните цени на црвената пиперка. Вистински се грижиме за македонските земјоделци, тие конечно имаат партнер во Министерството, рече Трипуновски.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/01/benzin-gorivo-960x639.jpg)
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,48 % во однос на одлуката од 22.7.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,072 %, кај дизелот 1,940 %, кај екстра лесното масло 2,096 % и кај мазутот намалувањето е 3,565 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,2688 %.
Од 27.7.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 81,50 (денар/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС 98 83,50 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денара/литар)
Мазут М-1 НС 44,656 (денари/килограм)
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува 1,101 денар/кг и сега ќе изнесува 44,656 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат.