Економија
Нема да поскапи струјата од 1 јануари, уверува Бектеши: Барањата за поскапување од 27 отсто најверојатно нема да бидат прифатени
Иако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) е независно тело, кое одлучува за цената на струјата, министерот за економија, Крешник Бектеши, уверува дека барањата за поскапување на струјата за 27 % од 1 јануари нема да бидат прифатени. МЕПСО, „Електродистрибуција“ и МЕМО доставија пресметки со барање за поскапување на струјата, а Регулаторната комисија најави одлука за следната недела.
„Енергетските компании може да бараат и 400 и 500 % поскапување во делот на трошоците што тие ги пријавуваат и во согласност со нивните планови за инвестирање. Тоа ќе биде одлука на РКЕ колку од тие трошоци ќе ги прифати. 27 % не е некое големо побарување ако споредиме со претходните години од страна на МЕПСО и ЕВН. Тие, најверојатно, нема да бидат прифатени“, рече министерот Бектеши по одбележувањето 10 години од постоењето на Фондот за иновации.
Тој уверува дека граѓаните нема да плаќаат повисоки сметки за струја од 1 јануари, туку, напротив, ќе имаат можност да ги намалат сметките со користење на дневната евтина тарифа на струјата.
Корисниците што се во првиот и вториот тарифен блок нема да имаат промена во сметките ниту со воведување на новата давачка – пристап до мрежа, која ќе направи измена само кај оние што се големи потрошувачи на струја и кај оние што имаат по неколку станови или викендички.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Претседавачот на ЕБА: Комбинацијата на мерки на Народната банка и останатите централни банки вродија со плод
Комбинацијата од монетарното затегнување и макропрудентните мерки, која Народната банка, како и останатите централни банки ја применија, е неопходна како одговор на инфлациските притисоци со кои во последно време се соочуваме, посочи во интервју за “Независен”, Хозе Мануел Кампа, претседавач на Европскиот банкарски одбор-ЕБА.
Претседавачот Кампа истакнува дека централните банки ширум светот, вклучително и во ЕУ, го усвоија овој двоен пристап за да обезбедат финансиска стабилност. “Преку покачувањето на каматните стапки, централните банки директно се соочуваат со инфлацијата, додека макропрудентните мерки, како што е зголемувањето на капиталните побарувања или стрес-тестирањето, им помагаат на банките да останат отпорни во соочувањето со економските шокови”, вели Кампа и нагласува дека треба да се постави рамнотежа помеѓу одржувањето на ценовната стабилност и гаранциите дека банкарскиот сектор може соодветно да ги поддржи нашите економии. “Макропрудентните мерки се гаранција дека банките имаат доволно капитал да ги апсорбираат загубите од нефункционалните кредити и да го одржат кредитниот тек, кој што е клучен за економското закрепнување”, вели Кампа.
Претседавачот на ЕБА истакнува дека воведените мерки вродија со плод бидејќи видовме пад на инфлацијата под таргетот од 2% во ЕУ. “Иако ова е позитивен знак, сепак мора да останеме внимателни. ЕБА продолжува тесно да соработува со централните банки и државните органи за да го процени влијанието на овие мерки и да се осигура дека банкарскиот сектор останува истовремено отпорен и способен да ја поддржи пошироката економија”, посочува Кампа.
Европскиот банкарски одбор (ЕБА – European banking authority), е независен орган на ЕУ чија улога е заштита на интегритетот и робусноста на банкарскиот сектор на ЕУ за поддршка на финансиската стабилност во ЕУ. Претседавачот на ЕБА, Хозе Мануел Кампа, беше учесник на Десеттата меѓународна конференција на Народната банка, која како централна тема ја имаше работата на централните банки во сегашниот предизвикувачки амбиент.
Економија
Претставници на Народната банка работеа на клучно истражување за македонската економија објавено од ММФ
Како резултат на заедничкиот проект на експерти од Народната банка и од Чешката централна банка, изготвен е работен материјал, под наслов „Преглед на новиот калибриран модел ДСГЕ за економијата на Северна Македонија“, од авторите Тибор Хледик, Јоана Маџоска, Мите Митески и Јан Влчек, којшто беше објавен во реномираната серија работни материјали на ММФ. Изготвувањето на трудот е во рамките на проект за техничка соработка со експерти од ММФ и од Чешката народна банка, чијашто цел беше изградба на нов динамички стохастички модел на општа рамнотежа (ДГСЕ) за македонската економија. Ова претставува прв труд од нашата институција којшто се објавува како работен материјал на ММФ, со што се дава важен придонес во афирмирањето на Народната банка во меѓународни рамки и во јакнењето на нејзината аналитичка инфраструктура, доближувајќи ја до стандардите на централните банки од развиените економии.
Работниот материјал нуди детална анализа на меѓусебните поврзаности на секторите во македонската економија со примена на софистицираниот модел ДСГЕ, којшто беше приспособен соодветно за да ги опфати нејзините карактеристики, а добиените резултати ја нагласуваат неговата корисност како алатка за обликување на монетарната политика на Народната банка засновано на информации.
Овој објавен труд не само што ја истакнува работата и посветеноста на нашиот кадар, туку ја подвлекува и улогата на нашата институција како водечка во придонесот кон истражувањата од економската област во нашата држава.
Економија
Цените на бензините и на дизелот остануваат непроменети
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,59% во однос на одлуката од 7.10.2024 година.
Од 11.10.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 44,034 (денари/килограм)
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,254 ден/кг и сега ќе изнесува 44,034 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,37%, кај дизелот зголемувањето е за 3,192%, кај екстра лесното масло исто има зголемувањето од 3,675% и кај мазутот зголемувањето за 3,034%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,8091%.