Економија
Одобрена предвремена исплата на обврските кон странски компании во Македонија

Дирекцијата за технолошко-развојни зони (ДТРИЗ) одобри предвремена исплата на обврските на државата кон две странски компании „Костал“ и „Гентерм“. Овие две компании, две, односно четири години порано од предвиденото, веќе ги постигнале планираните цели за вработување. Дополнително, заклучно со крајот на 2020 година, само во овие две компании отворени се над 1.000 работни места повеќе од поставените цели.
Американската компанија „Гентерм“ предвидела 1.255 работни места до крајот на 2024 година, во моментов имаат 2.173 ангажирани лица, а компанијата „Костал“, која има обврска до крајот на 2022 да отвори 730 работни места, веќе има 820 отворени работни места. Двете компании се дел од автомобилската индустрија.
„Воведуваме нов квалитет во работењето на Дирекцијата – буквално ги следиме во чекор инвеститорите во реализацијата на инвестициите. Дирекцијата и Владата се сериозен партнер и со ваквите мерки покажуваме дека имаме капацитет да ја следиме динамиката на сите компании што забрзано инвестираат и исполнуваат поставени цели. Со предвремената исплата ги поттикуваме и другите инвеститори забрзано да вложуваат во својот развој и да ги шират капацитетите“, порача директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски.
Вкупниот износ на предвреме исплатени обврски на државата кон овие две компании изнесува 51,2 милион денари, средства обезбедени со одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници донесена од страна на Владата во декември 2020 година.
Во моментот во индустриските зони работат над 14.000 лица и анализите покажуваат дека и во услови на криза бројот на вработени во овие компании останува стабилен. ДТИРЗ веќе работи на креирање посебни државни програми и мерки со цел да се поттикнат компаниите да исплаќаат повисоки плати, како и да се привлечат инвестиции со повисока додадена вредност, кои ќе донесат и подобро платени работни места. Целта на Дирекцијата е поттикнување раст на платите на работниците ангажирани во индустриските зони за 30 до 50 % до 2024 година.
ДТИРЗ работи и на развој на нов пристап во делот на грижата на корисници, како и на развој на нови иницијативи во делот на привлекување приватен капитал во развојот на инфраструктурата и инвестициите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Горан Ѓорѓиевски избран за нов претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија

Со одлука на Собранието на Сојузот на стопански комори на Македонија, за нов претседател е избран Горан Ѓорѓиевски.
„Ова е специфичен момент затоа што треба многу да се направи за брендот Сојуз на стопански комори повторно да го добие реномето од пред десетина, петнаесет години. Влегуваме во нови времиња во кои ќе придонесеме за посилно деловно застапување, дигитална трансформација, раст на продуктивноста и транспарентноста на домашните компании“, изјави новоизбраниот претседател Ѓорѓиевски.
Во својата програма тој најави неколку приоритети: унапредување на деловната клима преку континуиран дијалог со институциите, поддршка на малите и средните претпријатија, поттикнување на иновациите и дигитализацијата, јакнење на регионалната и меѓународната соработка, како и инвестирање во образование и човечки капитал.
Економија
Славески – Прескер: потврда на значењето на Народната банка за економската стабилност

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер и со економскиот советник Горан Криж.
Во разговорот беше истакната улогата на Народната банка во одржувањето на макроекономската стабилност и значењето на довербата во финансискиот систем за економскиот развој и инвестициите.
Славески ја истакна посветеноста на Народната банка кон овие принципи, додека амбасадорот Прескер ги нагласи долгогодишните добри дипломатски и економски врски помеѓу двете економии, особено во финансискиот сектор каде што активно се вклучени голем број реномирани словенечки компании.
Во однос на финансискиот сектор, Славески се осврна на заложбите на Народната банка за намалување на надоместоците на банкарските услуги, заради обезбедување подостапни финансиски услуги за сите економски субјекти. Прескер искажа задоволство од заложбите на Народната банка и ја потврди понатамошната поддршка од Словенија, вклучително и преку центарот за обуки ЦЕФ.
Средбата претставува можност за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји и унапредување на соработката.
Економија
Ќе се олеснува кредитирањето при купување прв стан, вели Славески

Извршниот одбор на Народната банка усвои нова Одлука за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Со оваа одлука се регулираат основните показатели со кои се оценува кредитоспособноста на физичките лица, кога тие бараат кредити од банките и од штедилниците. Мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година.
Гувернерот д-р Трајко Славески на конференцијата за печатот објасни дека со новата одлука се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште, односно стан или куќа наменети за сопствено живеење. Но, имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се врши и затегнување на условите за користење кредит за станбен објект којшто не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите.
„За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10% од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55% за изложеноста во денари и 50% за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50% за изложеноста во денари и 45% за изложеноста со валутна компонента.“
Имено, олеснувањето при купување прв стан се однесува на лицата коишто навистина немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење, за што треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат соодветни механизми за проверка и следење, коишто се детално образложени во Одлуката.
„Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не „ги погодиме“ оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити“, посочи гувернерот Славески.
Со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот.