Економија
Пендаровски – Ангеловска-Бежоска: Успешно се одржува макроекономската стабилност, економијата постепено закрепнува

Проекциите на Народната банка, коишто се многу блиску до проекциите на меѓународните финансиски институции, упатуваат на натамошно постепено закрепнување на македонската економија – за следната година се очекува раст од 3,9%, со што би се достигнало и би се надминало преткризното ниво на економски раст. Сепак, постојат ризици поврзани пред сè со натамошниот развој на пандемијата со појавата на новите соеви, што бара внимателно следење на состојбите во економијата и навремена реакција од носителите на политиките, доколку е потребно. И во периодот на справување со пандемијата, спроведувањето на структурните реформи е од исклучителна важност, бидејќи тие се предуслов за одржлив и повисок економски раст.
Ова се дел од констатациите коишто беа изнесени на редовниот работен состанок меѓу претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. На состанокот на којшто учествуваа и вицегувернерите на Народната банка и претставници на експертскиот тим на претседателот се разговараше за економските остварувања оваа година и очекувањата и оцените на Народната банка за следниот период, согласно со најновите проекции.
Гувернерката се осврна и на очекуваната структура на економскиот раст, при што посочи дека и натаму се оценува дека тој ќе произлегува од домашната побарувачка.
„И во овој период на справување со пандемијата не треба да заборавиме на структурните реформи, коишто се клучни за економијата. Натамошно спроведување на структурните реформи е особено важно за да се зголеми долгорочниот потенцијал на македонската економија, да се намали ранливоста и следствено на тоа, да се зголеми просторот на политиките за подобро справување со идни шокови. Во услови кога просторот за реакција на макроекономските политики е намален, потребно е фокусот да се стави на целни политики и мерки коишто ќе ја поддржат посткризната трансформација на економијата“ – нагласи меѓу другото, Ангеловска-Бежоска.
На состанокот беше истакнато дека е мошне важно што Народната банка постојано внимателно ги следи движењата и ризиците, и како независна и професионална институција, постојано е подготвена доколку е потребно, соодветно да реагира во рамките на своите надлежности, заради постигнување макроекономска стабилност и поддршка на македонската економија, притоа успешно остварувајќи ги своите законски цели и задачи.
Во разговорот, одделно беше нагласено дека во сиот тек на кризата, од исклучително голема важност е одржаната стабилност на банкарскиот систем, којшто обезбеди поддршка за економијата, а од него се очекува поддршка на економскиот раст и во следниот период, имајќи ја предвид и неговата отпорност на шокови, покажана на последните стрес-тестирања. Конкретно, кредитната поддршка за економијата и натаму е солидна, со раст којшто за оваа година би изнесувал околу 7% и постепено би забрзал достигнувајќи околу 8% на среден рок. Слични се очекувањата и за движењето на депозитите.
Истовремено, на состанокот се отворија прашања и за активностите коишто Народната банка ги планира за следниот период, за заштита на потрошувачите корисници на финансиски услуги и за финансиска едукација и за очекуваните ефекти од носењето нов Закон за платежни услуги и платни системи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Стојаноски: За првпат после долго време, носиме ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет, се обрати и истакна дека ребалансот е резултат на анализа, одговорност и јасна визија. Според него, со зголемени приходи и рационално трошење, се вложува во плати, пензии, образование, здравство, транспорт, локален развој и млади. Стојаноски додаде дека ова не е симболика, туку конкретна инвестиција во квалитетен и достоинствен живот за сите граѓани во земјава.
,,Ова е порака, порака за нова економска парадигма, порака за домаќинско водење на државните финансии, порака дека не чекаме кризите да не затекнат, туку со рационален пристап и силна политичка волја ги пренасочуваме средствата таму каде што најмногу треба кај граѓаните. Затоа што буџетот, тоа не се само бројки. Тоа е политика во својата најконкретна форма За првпат после долго време, носиме Ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи“, рече Стојаноски.
Истакна дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за плати 800 милиони денари, пензии 2,5 милијарди денари и капитални проекти 300 милиони денари, со што се засилува економскиот развој.
,,Оваа рамка е показател дека Буџетот не е притиснат и потрошен, туку управуван мудро и рационално. Приходите растат, трошењето е контролирано, а приоритетите се кристално јасни“, кажа Стојаноски.
Тој посочи дека ова ќе овозможи повеќе луѓе со попреченост да живеат во заедницата, а не во институции, а ќе има повеќе лични асистенти, повеќе дневни центри, повеќе услуги достапни во секоја општина. Тој напомена и дека најважно од се е тоа што значи дека младите не се заборавени, туку активно вклучени во секоја социјална политика.
Тој додаде дека овој ребаланс значи вложување во луѓето и иднината, во подобри услови за факултети, студентски домови и училишта, во достапен транспорт и здравство за сите, без разлика каде живеат, во поддршка за културата, енергетска независност и младите. Според него, ова не е трошок туку инвестиција во достоинствен живот.
Економија
Битиќи: Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4 проценти, над законскиот лимит

Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот рекорден инвестициски циклус“.
Како што рече, Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка.
Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.
Економија
Божиновска-Триподи: Македонија е стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти со јасна регулаторна рамка

Во рамки на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој денес се одржа во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари билатерална средба со Марија Триподи, заменичка министерка за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од сè поинтензивната економска и политичка соработка меѓу двете земји, особено во доменот на енергетиката, каде што постои значаен интерес од италијански компании за инвестирање во зелени и одржливи технологии.
Министерката Божиновска ја информираше соговорничката за тековните проекти што ги спроведува Министерството, како и за новите можности за странски инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска инфраструктура и складирање на енергија. Таа истакна дека Северна Македонија станува стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти, со јасна регулаторна рамка и амбициозни цели во енергетската транзиција.
Од страна на г-ѓа Триподи беше изразена поддршка за енергетските реформи што ги спроведува земјата и интерес за продлабочување на билатералната соработка преку конкретни проекти и партнерства, како на институционално, така и на деловно ниво.
Двете соговорнички се согласија дека енергетиката претставува стратешко поле за понатамошно поврзување на Северна Македонија и Италија, со можност за заеднички проекти во контекст на регионалната поврзаност, транзицијата кон чисти извори и развој на модерна енергетска мрежа.