Економија
(Видео)Димковски: Со прецизни податоци за земјоделски стопанства до ефикасна реализација на мерките за развој на земјоделството
Заврши имплементацијата на твининг-проектот „Финализирање на мрежата на сметководствени податоци од земјоделски стопанства“, финансиран од ИПА-програмата на Европската Унија.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, посочи дека дека еден од предусловите во процесот на прилагодување на националните институции кон ЕУ е воспоставување национална мрежа на сметководствени податоци од земјоделски стопанства (ФАДН).
„ФАДН е одличен инструмент за проценка на приходите на земјоделските стопанства и влијанието на Националната земјоделска политика во Северна Македонија. Резултатите од истражувањето ФАДН се клучни во утврдувањето на влијанието што земјоделската политика го има врз поединечните стопанства, како и за креирање соодветни политики и мерки за развој на секторот. Во оваа насока ФАДН-системот претставува централен инструмент за следење на економскиот развој на земјоделството и земјоделските стопанства во земјите членки на Европската Унија како целина“, изјави министерот Димковски.
При тоа, Димковски потенцираше дека со резултатите добиени од овој проект, македонскиот ФАДН во иднина ќе биде одржлив систем, дата-базата на податоци ФАДН ќе биде од фундаментално значење во земјоделскиот сектор и дека ќе претставува корисна алатка за стратешки избори при планирање на иднината на македонското земјоделство.
Раководителот на секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини,
амбасадорот на Република Полска, Војчех Тицински, и амбасадорот на Република Италија, Карло Ромео, искажаа задоволство за успешно завршениот проект и порачаа да се продолжи со одржување на системот, активно да се разменуваат податоците со другите институции со цел да продолжи одржливиот систем на ФАДН.
Имплементацијата на овој проект е овозможена со помош на Делегацијата на Европската Унија, голем придонес имаат и твининг-експертите, како и сите други вклучени партнери, а тоа се италијанското Министерство за земјоделство, храна и шумарство, италијанскиот Национален совет за земјоделско истражувања и економија, како и Институтот за земјоделска економија и храна на Полска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.
Економија
Славески: Во септември депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари
Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настанот по повод Светскиот ден на штедењето, којшто се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација, во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, директорот на Фондот за осигурување депозити, Бехар Емини, претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева и претставници од банкарскиот сектор.
Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем.
„Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат“, истакна Славески.
Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50% од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.
Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици. Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и долгорочната стабилност.
„Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност“, истакна Славески, додавајќи дека негувањето на културата на штедење и финансиска одговорност во рамки на семејствата, институциите и општеството е вложување не само во личната сигурност, туку и во економската сила на државата.

