Економија
(Видео) Заев и Бектеши oд Ќафасан: Со новиот терминал ќе ја зголемиме трговската размена со Албанија
За време на денешната посета на Охрид премиерот Заев, министерот за економија, Бектеши, и директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, го посетија граничниот премин Ќафасан и направија увид во тековната состојба и подготовки на новиот царински терминал.
„Проектот се финансира од програмата ИПА и од буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 1,48 милион евра коишто се грант и над 300 000 евра од буџетот. Овој нов терминал ќе придонесе за зголемување на пропусната моќ на преминот за стоковни пратки, за намалување на времето потребно за вршење гранични формалности, значително ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за инспекција. Она што е важно, со овој нов терминал ќе се забрза и олесни стоковната размена преку овој најфреквентен граничен премин кон Република Албанија, а истовремено ќе се олесни и забрза транспортот по должина на паневропскиот коридор 8“, посочи премиерот Заев.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, се осврна на важноста и значајноста на овој нов царински терминал за забрзување и зголемување на трговската размена со Република Албанија, која изнесува 166.1 милион долари со раст од 15.7%.
„Со воспоставување на One Stop Shop со Република Албанија, за што постапките ќе започнат набргу трговската, а воопшто и економската соработка ќе се зголемува, а протокот на стоки ќе биде побрз, поефикасен и побезбеден“, рече министерот Бектеши.
Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, рече дека овој проект е од голема важност за олеснување на трговијата и поедноставување на царинските формалности и ставање на коридорот 8 на европската мапа.
„Со завршувањето на овој терминал се исполнуваат условите за започнување преговори со Европската Унија, а со One stop shop значително ќе се намали времето на чекање на камионите. Овој граничен премин претставува и пилот-подружница за воведувањето на системот за електронска обработка на декларации, софтвер којшто е компатибилен со системите на ЕУ“, рече директорот Танасоски, кој воедно истакна дека е исклучително важно да се модернизираат царинските терминали со цел да се обезбеди сигурност и безбедност на транспортот на стоки и за спречување на нелегалната трговија за што како успешен пример го посочи денешното откривање и запленувањето на 350 килограми марихуана на граничниот премин Табановце од страна на царинските служби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.