Економија
(Видео) Ковачевски: Компаниите ги препознаваат придобивките од „Отворен Балкан“
Aнализата нуди сеопфатна слика за состојбата на регионалната соработка во регионот од аспект на четирите слободи и тоа – слободно движење на стоки, услуги, лица и капитал, што ги мапира клучните чинители за зајакнување на соработката во рамки на „Отворен Балкан“, истакна премиерот Ковачевски во своето обраќање на отворањето на тркалезната маса на тема „Економска интеграција на Северна Македонија во рамки на Западен Балкан и перцепцијата на извозно ориентираните компании за иницијативата Отворен Балкан“.
„ Истражувањето на Аналитика и Фондацијата Отворено општество Македонија потврдува дека компаниите имаат позитивно мислење за иницијативата за соработка Отворен Балкан. Гледаат на оваа иницијатива како нова можност за подобрување на работењето на нивните компании“, нагласи премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека овој извештај веднаш ќе го сподели со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и со премиерот на Албанија, Еди Рама, како одличен податлив инпут за претстојниот Самит на Отворен Балкан, кој ќе се одржи во Охрид пролетва.
Ковачевски укажа на вредноста на првите договори и меморандуми што беа потпишани во Тирана во декември 2021 година: Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан и Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан.
„ Со овие договори, им овозможуваме на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија пристап до електронските услуги на националните портали на трите земји преку креирање електронска идентификација ‘Отворен Балкан’ со што започнува остварувањето на можноста за олеснет и непречен пристап до пазарот на труд во трите земји“.
„Иницијативата ‘Отворен Балкан’ отвори можности за поврзување и за окрупнување пазар до кој имаат пристап сите во регионот. Ги поврзуваме економиите, стануваме поконкурентни, посилни и уште повеќе подготвени за натамошен развој. Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи час поскоро да осетат директни, економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме“, потенцираше Ковачевски и дополни дека на „Отворен Балкан“ треба да се гледа како на нешто што е вообичаена и нормална пракса во ЕУ врз основа на заедничкиот договор на нејзините земји членки.
Премиерот Ковачевски истакна дека „Отворен Балкан“ не е замена за ЕУ туку засилувач на европската идеја на Балканот и катализатор на регионалната соработка според европски стандарди, и како таков е за доброто на целиот регион, за сите земји од Западен Балкан.
„Сите останати земји од регионот имаат отворена, јавна, директна и недвосмислена покана да се придружат. Ги охрабруваме сите од Западен Балкан заедно да придонесеме да имаме економски развиен регион, без пречки, без ограничувања, прилагоден целосно на потребите на нашите народи“, нагласи претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во обраќањето на тркалезната маса на тема „Економска интеграција на Северна Македонија во рамки на Западен Балкан и перцепцијата на извозно ориентираните компании за иницијативата Отворен Балкан“ во организација на тинк-тенк организацијата Аналитика и Фондацијата Отворено општество Македонија.
Во завршницата тој укажа дека ова истражување покажува дека „Отворен Балкан“ е на вистинската патека и дека податоците од него помагаат препораките да бидат преточени во конкретни акции, планови и резултати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Величковски очекува раст на конкуренцијата на пазарот на платежни услуги
Се очекува засилување на конкуренцијата на домашниот пазар на платежни услуги. Народната банка ги издаде првите дозволи за платежни институции, во согласност со новата законска рамка, преку кои граѓаните ќе може да извршуваат плаќања во земјата и прекугранично, истакна директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски во гостување на „Блумберг Адрија“.
Тој посочи дека една од значајните придобивки на новата правна рамка во платежната сфера е отворањето на пазарот за влез на нови даватели на платежни услуги, односно покрај банките, платежни услуги може да даваат и штедилниците, а како нови учесници на пазарот може да се јават и платежните институции и институциите за електронски пари.
Како што соопшти од центраната банка, новите институции треба да добијат дозвола за давање платежни услуги и/или издавање електронски пари од Народната банка, за што треба да исполнат соодветни услови коишто се јасно пропишани со новата правна рамка. Во изминатиот период, поголем број субјекти се обратиле до Народната банка со цел да го почнат процесот за добивање дозвола за давање платежни услуги, при што пет трговски друштва коишто даваа одредени видови платежни услуги (брз трансфер на пари или издавање кредитни картички), во согласност со претходната правна рамка, поднесоа официјално барање со потребната документација во согласност со новата правна рамка и беа позитивно оценети. Покрај тоа, Народната банка му издала дозвола на постоечкиот оператор на платниот систем-КИБС, којшто овозможува порамнување трансакции со кредитни трансфери, при што е лиценциран првпат во согласност со новите законски барања коишто ги следат практиките во земјите од Европската Унија.
Во однос на интересот на новите небанкарски даватели на поширока лепеза платежни услуги, Величковски истакнува дека во моментов Народната банка е во активна комуникација со повеќе субјекти, од кои еден дел веќе даваат платежни услуги на пазарот во Европската Унија и во регионот.
„Очекуваме дека овие субјекти, доколку ги исполнат пропишаните услови, ќе донесат иновативни решенија за плаќања на македонскиот пазар во согласност со глобалниот тренд поврзан со финтек-услугите“, рече Величковски.
Покрај зајакнувањето на конкуренцијата преку навлегувањето на нови даватели на платежни услуги на домашниот пазар, коишто би обезбедиле поевтини, побрзи и поудобни плаќања за граѓаните и компаниите, НБ укажува дека новата правна рамка создаде основа за поедноставување и поевтинување и на прекуграничните плаќања.
„Ова би го постигнале со пристапувањето во СЕПА (Единствена област за плаќања во евра). Народната банка и релевантните државни институции со заеднички напори ја пополнија апликацијата за пристапување на нашата земја во СЕПА и на крајот на април годинава, Народната банка ја достави апликацијата до Европската комисија за добивање неформално мислење. Откако ќе го добиеме неформалното мислење и откако соодветно ќе постапиме според него, апликацијата ќе биде формално поднесена до Европскиот совет за плаќања за добивање формална оцена и одлучување за пристапот во СЕПА“, посочи Величковски.
Економија
Поскапува дизел горивото
Од вечерва по полноќ за 2 денари ќе се зголеми цената на дизел горивото и нафтата за домаќинствата, додека цените на бензинот и на мазутот не се менуваат.
Максималните цени на горивата ќе изнесуваат:
Моторен бензин Еуросупер БС – 95 80,00 (денари/литар)
Моторен бензин Еуросупер БС – 98 82,00 (денари/литар)
Дизел гориво Еуродизел БС (Д-Е V) 73,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 43,639 (денари/килограм)
Економија
Вицегувернерката Митреска на годишното собрание на ЦЕФ: Инвестирањето во човечките ресурси е клучно за градењето силни институции
Силните институции се предуслов за силни економии и правични општества. Највредниот ресурс на институциите е човечкиот капитал, оттаму инвестициите и стратегијата на постојан развој и унапредување на кадрите е суштинска за нивното јакнење. Забрзаниот развој на технологиите, климатските промени, геополитичката нестабилност и флуктуацијата на кадрите создаваат неизвесно окружување за јавните институции. Оттаму, тие треба да вложуваат во задржување на постоечките капацитети, како и развој на новите, со цел да се справат со комплексното окружување. Ова беше истакнато на Годишното собрание на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ), на кое учествуваше вицегувернерката Ана Митреска.
Во рамките на Годишното собрание на ЦЕФ, гувернери, министри, државни секретари од земјите од Југоисточна Европа зборуваа за знаењата и вештините коишто им се потребни на институциите за да ги остварат своите мандати. Беше зборувано и за важноста на систематскиот и структуриран пристап за развојот на институционалните капацитети и резултатите од вложувањето во институционалните таленти, размената на регионалните добри практики и научените лекции.
Народната банка постојано инвестира во ангажирање, градење и задржување на висококвалитетните кадри, кои се неопходни за спроведувањето на нејзините цели и мандат. Централната банка меѓународно е препознаена како институција со високо ниво на кредибилитет, којашто постојано работи на зајакнување на своите капацитети. Во рамките на Стратегискиот план на Народната банка 2025 − 2027 година, значајно место му е дадено на унапредувањето на човечкиот потенцијал. Процесот на управување со човечките ресурси ќе се унапредува преку воведување нов процес за управување со талентираните кадри и постојан кариерен развој во Народната банка. Преку постојано учење и примена на дигитализацијата со воведување нови решенија, ќе се придонесе за унапредување на работните процеси и поддршка во работните задачи.