Економија
Енергетската криза ги затвора пекарниците во Белгија
Растечките цени на струјата и природниот гас во Белгија ги доведоа во тешка ситуација пекарниците, поради што некои беа принудени да ги затворат вратите, бидејќи повеќе не можат да ги плаќаат сметките.
Како енергетски интензивен сектор, пекарите ги одржуваат рерните вклучени многу часови без застанување, што значи голема потрошувачка на гас и електрична енергија.
Цените на природниот гас во Белгија неодамна се зголемија за осум пати, заедно со цените на брашното, кои се удвоија, додека цените на маслото за јадење се зголемија за четири пати, пренесува „Танјуг“.
Пекарница по речиси 20 години работа реши да стави катанец на вратата откако објави дека сметката за енергија пораснала од 1.342 евра, колку што беше на почетокот на 2021 година, на 1.860 евра на почетокот на 2022 година за во септември да достигне до неверојатни 11.836 евра.
Адам Езел, пекар со 30-годишно искуство, вели дека најголем проблем во овој сектор е скокот на цената на струјата и природниот гас.
„Сметката за гас скокна од 1.400 евра на 10.800 евра, а со сметката за струја од околу 2.800 евра и други давачки, сето тоа изнесува вкупно 15.000 евра, што е многу голема сума“, раскажува тој.
Додава дека цената на тон брашно се зголемила од 450 на 850 евра, а маслото за јадење од 0,9 на 4,0 евра.
Според него, многу пекарници не можат да ги платат долговите кон големите трговци па сопствениците решиле да ги затворат, бидејќи под овие услови нема да можат да останат отворени повеќе од две-три години.
Многу белгиски пекарници кои сè уште работат отпуштаат работници, го намалуваат производството и ја зголемуваат цената на производите, е наведено во написот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска на форумот на Виенската иницијатива: Капитализираноста на македонскиот банкарски систем порасна двојно повеќе од ЦЈИЕ
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како претставничка на шесте централни банки од Западен Балкан во Одборот на „Виенската иницијатива“, учествуваше на Годишниот форум на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ), којшто оваа година се одржа во Вилнус, Литванија.
И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучително и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста, туку и уште повеќе ја зголеми. „Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу 2 п.п., што е двојно повеќе од порастот во регионот на ЦЈИЕ и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Притоа, особено е важно што и во овие кризни години имаше солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите (просечен кредитен раст од околу 7%). Во услови на циклус на монетарно затегнување, каматните стапки на кредитирање пораснаа, но растот беше помал од растот на каматните стапки во ЕУ. Со тоа домашните каматни стапки на кредитите значително се приближија до каматните стапки во ЕУ и разликата меѓу нив е историски најниска. Во овој момент, просечната каматна стапка изнесува 5,5%, односно е двојно пониска во споредба со периодот пред Големата финансиска криза, кога изнесуваше околу 11%, во просек.
Гувернерката се осврна и на финансиската писменост и заштитата на корисниците на финансиските услуги, коишто се значајни за носење соодветни финансиски одлуки, но и за зголемување на конкурентските притисоци и за понуда на поконкурентни финансиски услови. „Финансиската писменост, едукацијата и заштитата на потрошувачите, коишто се стратешки приоритети на Народната банка, се важни за клиентите за да можат подобро да ги разберат и правилно да ги споредат понудите меѓу различните банки. Неодамна формиравме посебна организациска единица за финансиската писменост и заштитата на потрошувачите. Под водство на Народната банка, беше усвоена и првата национална Стратегија за финансиска инклузија и писменост, додека регулативната рамка беше зајакната минатата година, вклучително и преку усвојување на Насоките за банките и штедилниците за добри практики за заштита на потрошувачите, фер и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги обезбедуваат. Беа преземени и мерки за зголемување на транспарентноста преку споредба на надоместоците за најрепрезентативните банкарски платежни услуги, коишто заедно со либерализацијата на пазарот на платежни услуги, ја поттикнуваат конкуренцијата во системот“, истакна Ангеловска-Бежоска.
„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ и секоја година, од 2009 година до денес, организира собири во областа на финансиите на кои сите засегнати чинители зборуваат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор и за поопшти макроекономски прашања.
Економија
Се намалува мазутот, цените на дизелот и бензините остануваат непроменети
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53 % во однос на одлуката од 7.5.2024 година.
Од 10.5.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 86,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 88,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 74,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,609 (денари/килограм)
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 1,223 денар/кг и сега ќе изнесува 44,609 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,939 %, кај дизелот 1,523 %, кај екстра-лесното масло 1,341 % и кај „мазутот“ намалувањето е 3,608 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,015 %.
Економија
Одлуката за осигурување автомобили е еднострана и штетна за бизнис-секторот и економијата во државата, реагира Комората на северозападна Македонија
Стопанската комора на северозападна Македонија ја квалификува одлуката на Комисијата за осигурување автоодговорност како неодржлива за благосостојбата на бизнисот и стопанството.
„Многу бизниси мора да се потпрат на употребата на возила за извршување на своите активности, како што се транспорт на стоки, услуги или вработени. Повисоките цени на полисата за осигурување автомобили може да имаат пошироки макроекономски ефекти со намалување на довербата и трошењето на потрошувачите, кои се клучни двигатели на економскиот раст“, се истакнува во реакцијата на Комората.
Деловното опкружување, како што оценуваат, станува обесхрабрувачки за домашните компании, но и за странските инвестиции, оставајќи долгорочни последици, но и спротивно на законодавниот систем на ЕУ, кој сè уште му дозволува на Министерството за финансии да одлучува за премиите за осигурување автомобили, што е спротивно на acquis на ЕУ.
„Со оваа одлука на Комисијата за самоодговорност се ограничуваат одговорностите на другите релевантни фактори, како што се компаниите, со кои цените на самоодговорноста се целосно контролирани од државата“, потенцираат од Стопанската комора на северозападна Македонија.