Економија
„Еуроникел“ оди во стечај, 800 вработени остануваат на улица, сопственикот ГСОЛ истовремено ги затвора фабриките во Кавадарци и во Доминикана
Над 800 вработени во „Еуроникел индустри“, поранешна „Фени“, во Кавадарци, четврти месец се без плата и по којзнае кој пат, Синдикатот ќе поднесе барање за стечајна постапка. Директорот на „Еуроникел“, Димитриос Пасхос, назначен од сопственикот на фабриката, швајцарскиот фонд ГСОЛ (GSOL), веќе четврти месец не е во фабриката ниту, пак, одговара на барањата и апелите на Синдикатот за исплата на платите на вработените. Неизвесна е судбината и на многубројни доставувачи, кои не знаат од каде ќе си ги наплатат долговите оти целокупниот имот на фабриката го изврши Комерцијална банка.
„Ги подготвивме документите и в понеделник ќе поднесеме барање за отворање стечајна постапка. Рочиште веќе има закажано за 2 февруари оти барање веќе поднесе компанија на која фабриката ѝ должи 10.000 евра. Се обидовме со сè што можевме. Седум дена го блокиравме патот, но никој не се загрижи, ниту министер ниту премиер. Ни кажуваа дека даваат натчовечки напори за да ни направат поврат на ДДВ, но место да ни ги дадат парите, кои ќе ги покриеја платите за сите вработени во овие четири месеци, видовме дека ветувањата биле лажни, ни свртеа друга приказна и парите не ни ги исплатија. Од почетокот на овој месец немаме и здравствено осигурување, ќе се лекуваме дома со ракија и ќе молчиме. Директорот избега и ниту се јави ниту нешто кажа сите овие месеци“, вели Миле Ѓорѓиев, претседател на Синдикатот на „Еуроникел“ за „Макфакс“.
Вработените изминатиот период добиле допис од „Еуроникел“, потпишан од избеганиот директор Пасхос, дека не мора да доаѓаат на работа, па од вчера се организирале и во фабриката доаѓаат само стотина од нив, кои се грижат да ја одржат печката топла, а другите седат дома и, како што на шега вели претседателот на Синдикатот, Ѓорѓиев, се лечат со ракија оти здравствено осигурување веќе немаат. Извесно е дека ќе одат под Заводот за вработување, а во постапката приоритет за исплата ќе бидат три од четирите заостанати плати.
Се надеваат дека ќе се најде нов инвеститор за фабриката, но претседателот Ѓорѓиев вели дека на секој негов обид да праша дали некој е заинтересиран, добива одговори дека се работи за класифицирани информации.
Управата на „Еуроникел“, компанија што во земјата ја формира швајцарскиот фонд ГСОЛ, а кој ја презеде фабриката, веќе со месеци не одговара на прашањата од „Макфакс“ во врска со исплатата на платите на вработените и со плановите со фабриката.
Иста судбина со кавадарчани вработени во „Еуроникел“ делат и вработените во доминикански „Фалкондо“ (Falcondo), исто така сопственост на ГСОЛ. Таму фабриката запрела со производство во октомври минатата година, во исто време кога од „Еуроникел“ си замина директорот Пасхос. Како што известуваат локалните доминикански медиуми, фабриката се наоѓа на работ на пропаст поради серија сериозни финансиски и управувачки проблеми предизвикани од лошо менаџирање од страна на ГСОЛ.
И таму банката позајмувач почнала процес на конфискација на имотот. Резервоарите за гас биле заложени кај Лафисе банка (Banco Lafise) за долг од 2 милиона американски долари, што „Американо никел“ (Americano Nickel), подружницата на ГСОЛ одговорна за долгот, не го платила. Со самата конфискација на резервоарите невозможно е фабриката да почне да работи.
За разлика од вработените во „Еуроникел“, работниците во „Фалкондо“ ја немаат добиено тринаесеттата плата за 2023 година, што е законска обврска. Тамошниот министер за труд го повикал „Фалкондо“ да ја исполни законската обврска кон 1.100 вработени.
Слично како и „Еуроникел“, доминиканските медиуми наведуваат дека „Фалкондо“ е важен извор на придонес кон националната економија преку вработувања и разни други давачки и затоа не смее да се дозволи оваа фабрика да згасне. Тие наведуваат дека на интернет-страницата на ГСОЛ стои дека тие како инвеститор се долгорочни партнери на Доминиканската Република, но дека праксата покажува нешто сосема поинакво: неодговорност и лоши практики во менаџирањето со фабриката.
ГСОЛ слични изјави даваше и во македонската јавност за време на стечајната постапка пред речиси 6 години, преку која го презеде поранешно „Фени“. Тогаш Маркос Камхис, претставникот на ГСОЛ, кој дојде во Македонија, пред судот во Велес праќаше пораки дека тие се подготвени да ја водат фабриката и во добрите и во лошите времиња. Но, вработените во фабриката разочарано велат дека како и претходните сопственици, и тие при првата криза, предизвикана од високата цена на електричната енергија, а и ниската цена и слабата побарувачката на никел, фабриката во Кавадарци ја напуштија, ја оставија во долгови кон доставувачите, со неисплатени плати на вработените, со извршен имот од страна на банката и со најави за стечај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.