Економија
МЕПСО : Регионот се подготвува за ерата на електромобилите
Електропреносните систем-оператори од нашиот регион активно се подготвуваат да спроведат решенија за имплеметација на паметните мрежи со кои меѓу другото ќе се овозможи масовно користење на електрични автомобили, ова е еден од заклучоците на супер – панелот на кој говореа генералните директори на електропреносните систем-оператори на Република Македонија, Р.Србија, Р.Црна Гора, Р. Босна и Херцеговина, Р.Хрватска и Р.Словенија, што се одржа денеска во Сараево, Босна и Херцеговина.
Актуелни беа и прашањата за имплементација на обновливите извори на електрична енергија и отворањето на регионалниот пазар за балансна енергија во земјите од нашиот регион.
Генералниот директор на МЕПСО, Сашо Василевски говореше за актуелните инвестициски проекти, за отворањето на пазарот на електрична енергија и интеграциите на регионално ниво и за предизвиците од транзицијата на електропреносните во паметни мрежи.
„МЕПСО започна со реализација на компонентите од т.н. „паметни мрежи“ од кои некои се во иницијална фаза, додека поголемиот дел се веќе во фаза на спроведување. Како најзначаен проект, кој е од суштинско значење за интеграцијата на паметните мрежи е монтажата на оптички јажиња во должина од 200 км, која е цврста основа за понатамошна интеграција на компонентите од паметните мрежи“, истакна Василевски.
Панелот на кој учествуваа првите луѓе на електропреносните системи од сите земји кои произлегоа од поранешна СФРЈ е дел од најголемиот светски собир на инженери од областа на електроенергетиката, кој го организира најголемата меѓународна инженерска организација ИЕЕЕ ПЕС и годинава се одржува во Сараево започнувајќи од 22 до 25 октомври. На овој научно-технички собир се разменуваат искуства од најразлични области на енергетиката и се презентираат искуства за транзицијата на електропреносните мрежи во паметни мрежи.
ИЕЕЕ ПЕС е интернационална организација на инженери која е основана во 1886 година и ширум светот има повеќе од 38.000 членови меѓу кои многу светски истакнати инженери, менаџери и научници, а годишно организира над 40 конференции на различни локации ширум светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.