Економија
МЗШВ: Нема никакви незаконски распределби на државно земјоделско земјиште под закуп
Во врска со обвинувањата на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, изнесени на денешната прес-конференција, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најодговорно тврди дека целата процедура за склучување договори за давање државно земјиште под закуп за посоченета катастарска општина Нова Брезница е запазена и е во согласност со законските прописи.
„За посочениот јавен оглас и потпишаниот договор на 26.12.2018 година, лицето Г. Ѓ е воведено во владение на 6.2.2019 година, со записник за воведување во владение изготвен од страна на комисија формирана од подрачната единица за земјоделство во Општина Кисела Вода.
Дополнителниот заменик-министер треба да ја знае разликата помеѓу јавен оглас и јавен повик. Станува збор за две процедури. Во согласност со член 25-б, став 1 и став 2 од Законот за земјоделското земјиште, јасно е пропишано дека постапката за јавен повик се спроведува преку доставување понуди од заинтересирани странки за давање во закуп земјоделско земјиште во државна сопственост. Во овој случај земјоделските парцели не се предмет на проверка, ниту јавна објава.
Јавниот повик, кој го посочува Трипуновски, беше отворен за поднесување апликации од 12.12.2018 година и траеше до 11.1.2019 година. Основен документ за јавните повици е геодетскиот елаборат, чиј составен дел е имотниот лист, преку кој се утврдува службеност и други товари на земјиштето. При евалуацијата на понудите на јавниот повик не е утврдено никакво корисничко право ниту, пак, е прибележан закуп во имотниот лист доставен од апликантот В. Т..
Во согласност со член 30 од Законот за земјоделското земјиште, министерот е должен ја почитува одлуката на Комисијата и да склучи договор со апликантот. Според истиот член, договорите за закуп влегуваат во сила со денот на воведувањето во владение на закупецот врз земјоделското земјиште. Договорот склучен со лицето В. Т. не е ставен во владение и не произведува правно дејство бидејќи Комисијата за воведување во владение при подрачната единица на МЗШВ во Кисела Вода има утврдено право на користење на лицето Г. Ѓ.. Со тоа договорот склучен на 26.12.2018 е единствениот договор кој е стапен во сила и има правно дејство“, се вели во реакцијата на Министерството за земјоделство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.