Економија
Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ поднесе 397 амандмани на предлог-буџетот за 2021 година
СДСМ на чело со Заев во услови на страшна здравствена, економска, образовна и национална криза создаде многу голем и партиски наместо развоен и граѓански буџет, обвини Бојан Стојаноски, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Поради нивната незаинтересираност, негрижа и неспособност да се справат и да им помогнат на граѓаните во овие тешки времиња, ние како пратеничка група поднесовме точно 397 амандмани, кои се однесуваат токму на најголемите проблеми и предизвици со кои се соочува Република Македонија во изминатиот период.
Имено, поднесовме амандмани, кои се однесуваат на здравствената криза предизвикана од Ковид-19 за која сме рекордери во црните статистики и негативен пример како во Европа така и пошироко. Поднесовме амандмани за бесплатни ПЦР-тестови за сите граѓани, како и дополнителни мерки и помош за здравствените работници, но и за градежни зафати за изградба на нови и реновирање веќе постојни инфективни одделенија во болниците во Република Македонија.
Исто така, поднесовме амандмани за обезбедување средства за помош на другите сектори, кои се погодени од оваа криза. Бараме да се обезбедат средства за набавка на компјутери за сите ученици од основното и средното образобание кои не може да ја следат наставата, како и компјутери за сите наставници и професори во основните и средните училишта. За овој реален проблем со кој се соочуваат и родителите и децата, но и професорите, власта, едноставно, како знае и умее, мора да обезбеди средства.
Поднесовме амандмани што се однесуваат на заштитата на животната средина, односно амандмани што мислиме дека доколку се прифатат, ќе дадат голем резултат во решавањето на најгорливиот и повеќедецениски проблем во зимските денови, односно за намалување на загадувањето на воздухот во Македонија. И во врска со ова прашање Владата на Заев покажа дека не води грижа за здравјето и потребите на граѓаните.
Од друга страна, и покрај овие моментно најголемите и најактуелни проблеми со кои се соочуваме сите граѓани во Република Македонија, ние како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ исто така поднесовме голем број амандани, кои се поврзани и се однесуваат на локалните проблеми и барања на граѓаните, односно проблеми со кои граѓаните секојдневно се соочуваат. Тука спаѓаат водоводни и канализациски мрежи, локални и регионални патишта, нови градинки, старски домови и други проекти, кои им се неопходни на граѓаните во секојдневното живеење.
На крајот, како пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство да ги прифатат нашите амандмани бидејќи тие се решение на проблемите со кои се соочуваат граѓаните и Република Македонија и тие претставуваат коректор на овој предлог-буџет, кој е лош за граѓаните, за фирмите, за странските инвеститори, за здравствените работници, за образованието, за земјоделците, за пензионерите и за младите, едноставно овој предлог-буџет е лош за сите граѓани на Република Македонија“, порача Стојановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

