Економија
Сојузот на стопанските комори: Малите и микропретпријатијата на удар на измените на Законот за данокот на добивката
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/10/ca7193f2-80ac-4fae-82b0-afea229bc53f.jpg)
Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за данок на добивката, наместо да создаде услови за правично даночење, предизвикува сериозен удар врз малите и микрофирмите, го загрозува нивниот опстанок, а предизвикува и стимулирање даночна евазија, истакнува Сојузот на стопанските комори на Македонија.
Со укинување на постојното ослободување од обврската за плаќање годишен данок на вкупен приход на субјектите со остварен вкупен приход во годината до 3.000.000 денари, како што се предлага со законските измени, се создава дополнително даночно оптоварување за речиси 50.000 деловни субјекти, што не е во духот на првично даночење.
Концептот на правично даночење значи дека во даночниот систем треба да бидат опфатени нерегистрираните субјекти, кои сега работат во сивата зона и не плаќаат никакви давачки, со што ќе престанат да бидат нелојална конкуренција на микро и на малите деловни субјекти, кои се значајна алка во економскиот екосистем.
Со цел заштита на опстанокот на микро и малите деловни субјекти бараме да не се укинува досегашното ослободување од данокот на добивка на оние што имаат промет до 3 милиони денари, како би можеле да продолжат да работат непречено, велат од таму.
„Втора клучна забелешка на истиот предлог-закон е одредбата со која се предвидува обврска за плаќање петкратен износ на данокот во случаите кога даночниот обврзник документирано не докаже дека даночното ослободување го искористил за вложувања во материјални средства и во нематеријални средства за проширување на дејноста. Овој начин на правно регулирање на постапката остава простор за субјективно одлучување и казнување, намалување на инвестициите кај компаниите, можност за коруптивни активности, како и значајно дестимулирање за инвестирање и проширување на капацитетите кај даночните обврзници. Законското решение што се предлага нема развојна димензија, не кореспондира со разумни одлуки, особено кога е оставено на дискрециско право на даночен инспектор по негово видување да утврди дали тие инвестиции се за развојни цели на даночниот обврзник или не“, додаваат од Сојузот на стопанските комори.
Дополнително, истакнуваат дека ваквите и слични законски или предлог-законски одредби создаваат нејасности и несигурност во работењето кај даночните обврзници, со што значително се зголемуваат правната несигурност во нивното функционирање. Сојузот на стопанските комори на Македонија е на став дека казнените одредби треба да се водат во согласност со законот што ги уредува прекршоците и тие веќе се уредени во материјалниот Закон за данок на добивката.
„Забележуваме и дека предлогот за законски измени не беше воопшто објавен на Електронски национален регистар на прописите, а измените се носат во брза постапка, без да се остави период на приспособување и соодветно планирање од страна на компаниите.
Водејќи се од ветувањата и заложбите на Владата за главните цели на даночните реформи, кои се однесуваат на обезбедување праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем, кој ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во даночењето во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, сметаме дека двете спорни одредби од предлог-законот треба да бидат отстранети“, е истакнато во информацијата од Сојузот на стопанските комори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Економија
Величковски очекува раст на конкуренцијата на пазарот на платежни услуги
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/Velickovski.jpg)
Се очекува засилување на конкуренцијата на домашниот пазар на платежни услуги. Народната банка ги издаде првите дозволи за платежни институции, во согласност со новата законска рамка, преку кои граѓаните ќе може да извршуваат плаќања во земјата и прекугранично, истакна директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски во гостување на „Блумберг Адрија“.
Тој посочи дека една од значајните придобивки на новата правна рамка во платежната сфера е отворањето на пазарот за влез на нови даватели на платежни услуги, односно покрај банките, платежни услуги може да даваат и штедилниците, а како нови учесници на пазарот може да се јават и платежните институции и институциите за електронски пари.
Како што соопшти од центраната банка, новите институции треба да добијат дозвола за давање платежни услуги и/или издавање електронски пари од Народната банка, за што треба да исполнат соодветни услови коишто се јасно пропишани со новата правна рамка. Во изминатиот период, поголем број субјекти се обратиле до Народната банка со цел да го почнат процесот за добивање дозвола за давање платежни услуги, при што пет трговски друштва коишто даваа одредени видови платежни услуги (брз трансфер на пари или издавање кредитни картички), во согласност со претходната правна рамка, поднесоа официјално барање со потребната документација во согласност со новата правна рамка и беа позитивно оценети. Покрај тоа, Народната банка му издала дозвола на постоечкиот оператор на платниот систем-КИБС, којшто овозможува порамнување трансакции со кредитни трансфери, при што е лиценциран првпат во согласност со новите законски барања коишто ги следат практиките во земјите од Европската Унија.
Во однос на интересот на новите небанкарски даватели на поширока лепеза платежни услуги, Величковски истакнува дека во моментов Народната банка е во активна комуникација со повеќе субјекти, од кои еден дел веќе даваат платежни услуги на пазарот во Европската Унија и во регионот.
„Очекуваме дека овие субјекти, доколку ги исполнат пропишаните услови, ќе донесат иновативни решенија за плаќања на македонскиот пазар во согласност со глобалниот тренд поврзан со финтек-услугите“, рече Величковски.
Покрај зајакнувањето на конкуренцијата преку навлегувањето на нови даватели на платежни услуги на домашниот пазар, коишто би обезбедиле поевтини, побрзи и поудобни плаќања за граѓаните и компаниите, НБ укажува дека новата правна рамка создаде основа за поедноставување и поевтинување и на прекуграничните плаќања.
„Ова би го постигнале со пристапувањето во СЕПА (Единствена област за плаќања во евра). Народната банка и релевантните државни институции со заеднички напори ја пополнија апликацијата за пристапување на нашата земја во СЕПА и на крајот на април годинава, Народната банка ја достави апликацијата до Европската комисија за добивање неформално мислење. Откако ќе го добиеме неформалното мислење и откако соодветно ќе постапиме според него, апликацијата ќе биде формално поднесена до Европскиот совет за плаќања за добивање формална оцена и одлучување за пристапот во СЕПА“, посочи Величковски.
Економија
Поскапува дизел горивото
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/benzin-gorivo-960x639-1-2.jpg)
Од вечерва по полноќ за 2 денари ќе се зголеми цената на дизел горивото и нафтата за домаќинствата, додека цените на бензинот и на мазутот не се менуваат.
Максималните цени на горивата ќе изнесуваат:
Моторен бензин Еуросупер БС – 95 80,00 (денари/литар)
Моторен бензин Еуросупер БС – 98 82,00 (денари/литар)
Дизел гориво Еуродизел БС (Д-Е V) 73,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 43,639 (денари/килограм)
Економија
Вицегувернерката Митреска на годишното собрание на ЦЕФ: Инвестирањето во човечките ресурси е клучно за градењето силни институции
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/Учество-на-вицегувернерката-Митреска-на-УО-ЦЕФ.jpg)
Силните институции се предуслов за силни економии и правични општества. Највредниот ресурс на институциите е човечкиот капитал, оттаму инвестициите и стратегијата на постојан развој и унапредување на кадрите е суштинска за нивното јакнење. Забрзаниот развој на технологиите, климатските промени, геополитичката нестабилност и флуктуацијата на кадрите создаваат неизвесно окружување за јавните институции. Оттаму, тие треба да вложуваат во задржување на постоечките капацитети, како и развој на новите, со цел да се справат со комплексното окружување. Ова беше истакнато на Годишното собрание на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ), на кое учествуваше вицегувернерката Ана Митреска.
Во рамките на Годишното собрание на ЦЕФ, гувернери, министри, државни секретари од земјите од Југоисточна Европа зборуваа за знаењата и вештините коишто им се потребни на институциите за да ги остварат своите мандати. Беше зборувано и за важноста на систематскиот и структуриран пристап за развојот на институционалните капацитети и резултатите од вложувањето во институционалните таленти, размената на регионалните добри практики и научените лекции.
Народната банка постојано инвестира во ангажирање, градење и задржување на висококвалитетните кадри, кои се неопходни за спроведувањето на нејзините цели и мандат. Централната банка меѓународно е препознаена како институција со високо ниво на кредибилитет, којашто постојано работи на зајакнување на своите капацитети. Во рамките на Стратегискиот план на Народната банка 2025 − 2027 година, значајно место му е дадено на унапредувањето на човечкиот потенцијал. Процесот на управување со човечките ресурси ќе се унапредува преку воведување нов процес за управување со талентираните кадри и постојан кариерен развој во Народната банка. Преку постојано учење и примена на дигитализацијата со воведување нови решенија, ќе се придонесе за унапредување на работните процеси и поддршка во работните задачи.