Економија
ФИТР: 240 илјади евра достапни преку новиот јавен повик „Ваучери за иновации за Западен Балкан”
Фондот за иновации и технолошки развој денеска го објави јавниот повик „Ваучери за иновации за Западен Балкан“, со кој вкупно 240 илјади евра ќе се доделат за поттикнување на соработката помеѓу академската заедница со домашните, мали и средни компании, во насока на поддршка на научноистражувачки проекти, кои ќе придонесат кон зголемување на иновативноста и конкурентноста на бизнисите.
Пилот-програмата „Ваучери за иновации за Западен Балкан“ ја реализира Фондот за иновации и технолошки развој како дел од европскиот проект Policy Answer („Одговори за јавните политики – креирање, спроведување и поддршка на политиките за истражување и развој на Западен Балкан“), во кој Фондот ја доби главната улога во пилотирање мерки за поддршка за истражување, развој и иновации во сите економии од Западен Балкан. Проектот е финансиран од програмата „Хоризонт Европа“ на Европската комисија.
Главен критериум за подобност за прекураничката соработка е апликантот и давателот на услугата мора да бидат од две економии на Западен Балкан. На јавниот повик може да аплицираат: правни деловни субјекти регистрирани како микро, мали или средни компании во која било од економиите на земјите од Западен Балкан, инкорпориран според соодветниот актуелен Закон за трговските друштва на земјите од Западен Балкан и регистриран во која било агенција за регистрација на бизниси на земјите од Западен Балкан и лоциран во земјите од Западен Балкан.
Иновациските ваучери ќе може да се искористат за покривање 80 % од вкупните трошоци на високообразовните институции, во износ од 8.000 евра, без данок на додадена вредност (ДДВ). Преостанатиот дел од 20 отсто е учество на компанијата, корисник на услугите од факултетите. Доделените ваучери за иновации примателот треба да ги искористи во период до девет месеца од датумот на потпишување на договорот.
Средствата од ваучерите ќе може да се искористат за пренос на научно, технолошко или иновативно знаење, што е ново за компанијата или за решавање техничко/технолошки проблем што ќе го идентификува компанијата, односно за: развој на нови или подобрување на постојните производи, процеси или услуги, доказ за концепт, физибилити-студија, производство на лабораториски прототипови, производство на демонстративни прототипови, разни видови тестови, валидизација на технологијата, валидизација на нови или подобрени производи, процеси или услуги, развој и воведување специјален софтвер за производ или процес, како и ИПР и трансфер на технологија.
Рокот за аплицирање на повикот за „Ваучери за иновации“ е најдоцна до 26 јуни 2024 година, до 16 часот. Аплицирањето е исклучиво електронски, преку веб-страницата на ФИТР: https://shorturl.at/qwD17
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Забележителен раст на приходите, инвестициите и добивката на Реплек во првиот квартал од 2024 година
Со раст на оперативните приходи од 25%, на обемот на инвестиции и на добивката во првото тримесечје споредено со истиот период минатата година, „Реплек АД“ продолжи со успех да го реализира бизнис планот за 2024 година и својата долгорочна развојна стратегија која се темели на зголемување на продажбата на странските и на домашниот пазар, на иновациите во портфолиото на производи, како и на значителни вложувања во технолошкиот напредок и во развојот и добросостојбата на своите вработени.
Неревидираниот консолидиран финансиски извештај за работењето на Реплек АД во првиот квартал од 2024 година покажува дека во секторот фармација компанијата остварила раст на приходите од 26,9% во однос на истиот период минатата година. Во најголем дел ваквиот раст се должи на растот на приходите од продажба на странските пазари, каде се генерираат дури 80 % од вкупните приходи и кои во овој временски период се зголемени за 23 %, надминувајќи вредност од над пет (5) милиони евра. Позитивно влијание на ваквиот раст на приходите од извоз има отворањето на новиот пазар за производите на „Реплек АД“ во Туркменистан, што се очекува да придонесе за натамошно зголемување на извозните перформанси и резултати на компанијата.
Истовремено со растот на извозот, „Реплек АД“ продолжи да ја јакне и својата позиција на домашниот пазар, каде во Q1 2024 е остварен раст на приходите од продажба од 50 %, во споредба со истиот период лани.
Значителен раст во овој период од годината е забележан и кај инвестициите кои се зголемени приближно за пет и пол пати во однос на првите три месеци од 2023 година.
„Позитивните резултати на стартот на оваа година ни влеваат дополнителна енергија и мотив да продолжиме уште посилно во остварување на целите дефинирани во деловниот план за оваа година и во нашата стратегија за долгорочен одржлив развој. Остануваме посветени на инвестирањето во натамошна технолошка модернизација, како и на иновациите кои треба дополнително да збогатат нашето портфолио на производи, коишто веруваме дека ќе ни овозможат натамошно зајакнување на нашите позиции на домашниот пазар и ќе ни отворат нови можности и перспективи на странските пазари. Паралелно продолжуваме и со вложувањата кои треба да ја гарантираат натамошната добросостојба на нашите вработени. Веруваме дека ваквите напори ќе вродат со плод, ќе придонесат за натамошен раст на компанијата и ќе донесат дополнителна вредност за сите“, изјави главниот извршен директор на „Реплек АД“, Душан Пецовски.
Инаку, растот на приходите од продажба се одрази и на растот на консолидираната добивка пред оданочување на „Реплек АД“, која за првите три месеци од оваа година бележи зголемување за 24 % во однос на истиот период од минатата година.
(ПР текст)
Економија
Финансии побара до крајот на денов да се стави во мирување поскапувањето на осигурувањето на автомобилите при регистрација
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница го разгледа доставениот извештај од Националното биро за осигурување поврзано со зголемените цени по основ на премија за вршење на дејноста на осигурување.
На состанокот Комисијата му укажа на Националното биро за осигурување и на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурувањето во текот на денешниот ден да им предложи на друштвата за осигурување до крајот на денешниот ден да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците и да ги вратат на ниво од пред 25 април 2024 година и да ја известат Комисијата во текот на денешниот ден. Ваквото укажување е со цел обезбедување транспарентност и предвидливост на процесите, имајќи предвид дека компаниите ниту поединечно, ниту преку Националното биро за осигурување го немаат известено регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето ниту Комисијата дека планираат да ги зголемат трошоците по основ на премијата за вршење на дејноста на осигурување, и на тој начин не е обезбеден инклузивен пристап и кооперативност со сите засегнатите страни при донесување на одлуките.
Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница побара од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да изготви анализа за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на друштвата за осигурување, во насока на заштита на крајните корисници, а со цел обезбедување сеопфатна информација за донесување објективна и транспарентна одлука. Во правец на ова е укажувањето кон регулаторот за ставање во мирување на одлуката за зголемување на цената на трошоците од страна на друштвата за осигурување. Истовремено, побара од друштвата за осигурување преку Националното биро да дадат свој придонес во изготвување на анализата и предлог-заклучоци за промена на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
На состанокот, Комисијата одлучи во најскоро време по доставување на анализата од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да свика седница и да ја разгледа доставената Информација и да донесе соодветни заклучоци.
Економија
Нови цени на бензинот и на дизелот од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,57% во однос на одлуката од 22.4.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,68%, кај дизелот намалувањето е за 2,026%, кај екстра лесното масло намалувањето е за 1,78% и кај мазутот зголемување е за 0,059%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,166%
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 2,107 ден/кг и сега ќе изнесува 46,661 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 30.4.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.