Економија
Нова Железна завеса во Европа?!
Чешкото претседателство на ЕУ ги обвини медиумите дека со нивните написи ја влошуваат економската криза и ја доведуваат под прашалник иднината на Унијата. Говорејќи по вчерашниот вонреден самит што самиот го свика, чешкиот премиер Мирек Тополанек им изјави на новинарите дека економската катастрофа и европското несогласување се дел од виртуелна дебата, креирана од медиумите и оти тие немаат врска со реалноста.
Криза? Каква криза?, беше одговорот на чешкиот премиер Тополанек на крајот од брзиот самит на Европската унија, очигледно свикан поради влошувањето на економските тешкотии во Унијата. Тој оцени дека извештаите за распад во Европската унија и претскажувањата за економска катастрофа се медиумски преувеличени. Според него, во Унијата постои универзална согласност дека владите ќе ги почитуваат европските правила во зачувувањето на финансиската дисциплина и ќе се воздржат од протекционистички мерки за заштита на нивните пазари. Притоа, Тополанек ги отфрли известувањата за страшната економска ситуација во Источна Европа, наведувајќи дека таму има значаен прогрес и добра перспектива за натамошен одржлив развој. Тоа, по се изгледа, ќе ги разочара повеќето членки од Источна и Централна Европа. Имено, Летонија и Естонија предвидуваат нивните економии годинава да паднат за над десет насто, Унгарија е веќе под јаремот на помошта од Меѓународниот монетарен фонд, а скоро сите регионални валути се под силен притисок. Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо исто така ги олади очекувањата на источните членки на Унијата:,,Многу внимателно ја следиме ситуацијата, односно еволуцијата на економската и финасиската ситуација на сите наши членки, вклучувајќи ги и оние од средна и источна Европа. Меѓутоа, јасно е дека тие, така барем ни рекоа, не сакаат програма само за нив, бидејќи всушност не постои ни посебна причина за таков третман,, -изјави Барозо, изразувајќи надеж дека на следниот формален самит ќе преовладее духот на заедништвото во Унијата. – Токму затоа, како што Чешкото претседателство вели во своето мото, ова е Европа без граници. Но, за да ја зачуваме Европа внатре во нејзините границини ни треба Европа со правила, Европа со заеднички принципи и мислам дека така ќе биде и на наредниот самит,,. Како и да е, повеќето од новите членки на Унијата, предводени од Унгарија, Летонија, Романија и Бугарија веќе побараа големи кредити. Другите, како Чешка и Словачка, пак изразија страхување дека нивните новоотворени фабрики ќе се вратат од онаму каде што дојдоа, на пример од Франција. Растат и барањата на оние земји што не се дел од заедничката европска валута за побрзо вклучување во еврозоната. Имено, кај нив постои сомневање дека ќе останат надвор од заедничката фискална политика во која би влегле земјите со евро валута. Всушност, кај некои од нив веќе се зборува за заканата од спуштање на нова Железна завеса, овој пат економска и во рамките на самата Европска унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.
Економија
Божиновска – Рама: Гасното поврзување на државата е клучен чекор кон енергетска стабилност и регионална интеграција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама, на која беа разгледани тековните активности и следните чекори за развој на гасната инфраструктура во државата.
Во фокусот на разговорите беше изградбата на интерконекторот со Грција, како еден од најзначајните стратешки енергетски проекти во земјата. На средбата беше направен пресек на досегашната динамика на реализација, текот на градежните активности и координацијата меѓу институциите и изведувачите, со цел проектот да се реализира согласно предвидените рокови.
Посебно внимание беше посветено и на подготовките за реализација на интерконекторот со Србија, при што беше разгледан напредокот во техничките и административните активности, како и тековната комуникација и координација со српската страна. Двете страни оценија дека регионалното гасно поврзување претставува значаен чекор кон диверзификација на изворите на снабдување и зголемување на енергетската сигурност.
На состанокот се разговараше и за долгорочните планови за развој и проширување на националната гасоводна мрежа, со цел овозможување поголема достапност на природниот гас за индустријата, општините и домаќинствата, како и поддршка на енергетската транзиција и намалување на загадувањето преку почисти енергетски решенија.
Министерката Божиновска ја истакна важноста од забрзана реализација на инфраструктурните проекти, нагласувајќи дека развојот на гасната мрежа е стратешки приоритет кој директно влијае врз економската стабилност, конкурентноста на стопанството и сигурноста во снабдувањето со енергија.
Соговорниците се согласија дека координираниот институционален пристап и засилената регионална соработка се клучни за успешно позиционирање на државата како стабилен енергетски јазол во регионот.

