Економија
Македонија се претстави во главниот бизнис град на Индија

Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски денеска присуствуваше на бизнис форум, кој се одржа во Мумбај, најголемиот град во Индија, кој воедно се смета и за главен град на бизнисот во оваа земја.
Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски денеска присуствуваше на бизнис форум, кој се одржа во Мумбај, најголемиот град во Индија, кој воедно се смета и за главен град на бизнисот во оваа земја. Бизнис форумот, кој е четврти на кој присуствува македонската делегација во Индија, беше организиран од Конфедерацијата на индиската индустрија, а под покровителство на индиска компанија Сахара Индиа Паривар. На форумот почесно обраќање имаше Сушанто Рој од Сахара Индиа Паривар, кој изрази воодушевеност од можноста неговата компанија да биде дел и да го помогне одржувањето на два деловни настани, во Њу Делхи и во Мумбај, и истакна дека врската помеѓу двете земји во ликот и делото на Мајка Тереза, дава силен поттик и за зајакнување на деловните врски помеѓу двете економии. Премиерот Никола Груевски истакна дека македонските граѓани негуваат голема почит кон вредностите на древниот индиски народ. „Ако пред повеќе децении ја запознававме мудроста на Индија преку делата на Рабиндранат Тагоре и Ганди, денес покрај нив, доаѓаме и во допир со иновациите на индиските научници и инженери, со брилијантни софтверски решенија, со производите на фармацевтската индустрија на Индија… Цивилизацијата која на светот му ги подари алгебрата, тригонометријата, шахот, денес се исправа во нов економски џин на Истокот и бележи импресивни резултати, за кои допрва ќе се учи“, посочи Груевски.Тој истакна дека преку бизнис форумите како овој денешниот, македонската Влада сака да ја пренесе приказната за малата, но растечка европска економија, која неодамна се искачи на третото место на најдобрите реформски ориентирани земји во светот, пред сите земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа во однос на условите за водење бизнис.„Пристапивме кон намалување на даноците и темелни административни и регулаторни реформи. Воведовме едношалтерски систем во царината и даночната администрација, донесовме мерки во делот со управување со градежно земјиште, намалени се комуналните трошоци, воведовме субвенции за тур-операторите, како и други реформи кои позитивно влијаат врз бизнис климата во Македонија“, истакна Груевски. Презентација имаше и вицепремиерот Зоран Ставрески, кој се осврна на макроекономската стабилност, атрактивноста на даночниот систем, реформите во катастарот и континуираната стабилност на македонскиот банкарски сектор во време на светската финансиска криза.Премиерот Груевски и владината делегација остварија повеќе тет-а-тет средби со претставници на индиски компании. Владината делегација со денешниот настан во Мумбај на кој имаше компании од информатичката технологија, фармацевтскиот сектор, градежништвото, туризмот, преработка на храна и други производствени индустрии, ги заврши презентациите на македонските инвестициски можности пред индиските бизнисмени. Во петок владиниот тим предводен од премиерот Груевски ќе одржи бизнис презентација пред заинтересираните малезиски компании во Куала Лумпур. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Мицкоски: Нова инвестиција од 30 милиони евра и 300 нови вработувања

Gentherm со нов инвестициски циклус го потврдува она што сите го чувствуваме, дека Македонија станува сигурна дестинација за долгорочни, стратешки и технолошки напредни инвестиции, истакна
премиерот Христијан Мицкоски.
Инвестицијата согласно деловниот план на компанијата ќе изнесува повеќе од 30 милиони евра со 300 нови вработувања и станува збор за високо интегрирани системи за автомобилската индустрија – со нова технолошка опрема, автоматизирани линии и современо производство. Ова значително ќе го зголеми извозот и ова е високо технолошко производство кое докажува дека сме конкурентни и на тој пазар, најави Мицкоски.
Со тоа, како што рече, стануваме регионален хаб на Gentherm за Европа.
Ова, додаде Мицкоски не е само уште една инвестиција туку двигател на нашата економија.
„Со вакви проекти расте индустриското производство, се отвораат нови работни места, се зголемува извозот, а со тоа расте и довербата во нашата економија, расте вредноста на македонското знаење, умеење и труд. Во време кога владите трошеа енергија на корупција, на непотизам и на лажни ветувања, ние градиме реално, отвораме фабрики, носиме инвеститори, креираме иднина.
Се бориме за секој инвеститор домашен и странски. За секоја нова хала, секое ново работно место, секој денар инвестиран овде“, додаде тој.
Оцени дека економијата не се води со пароли, туку со проекти, со партнерства и со сигурни инвестиции.
„Gentherm е уште еден доказ дека доаѓа времето на Македонија“.
Економија
Стојаноски: За првпат после долго време, носиме ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет, се обрати и истакна дека ребалансот е резултат на анализа, одговорност и јасна визија. Според него, со зголемени приходи и рационално трошење, се вложува во плати, пензии, образование, здравство, транспорт, локален развој и млади. Стојаноски додаде дека ова не е симболика, туку конкретна инвестиција во квалитетен и достоинствен живот за сите граѓани во земјава.
,,Ова е порака, порака за нова економска парадигма, порака за домаќинско водење на државните финансии, порака дека не чекаме кризите да не затекнат, туку со рационален пристап и силна политичка волја ги пренасочуваме средствата таму каде што најмногу треба кај граѓаните. Затоа што буџетот, тоа не се само бројки. Тоа е политика во својата најконкретна форма За првпат после долго време, носиме Ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи“, рече Стојаноски.
Истакна дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за плати 800 милиони денари, пензии 2,5 милијарди денари и капитални проекти 300 милиони денари, со што се засилува економскиот развој.
,,Оваа рамка е показател дека Буџетот не е притиснат и потрошен, туку управуван мудро и рационално. Приходите растат, трошењето е контролирано, а приоритетите се кристално јасни“, кажа Стојаноски.
Тој посочи дека ова ќе овозможи повеќе луѓе со попреченост да живеат во заедницата, а не во институции, а ќе има повеќе лични асистенти, повеќе дневни центри, повеќе услуги достапни во секоја општина. Тој напомена и дека најважно од се е тоа што значи дека младите не се заборавени, туку активно вклучени во секоја социјална политика.
Тој додаде дека овој ребаланс значи вложување во луѓето и иднината, во подобри услови за факултети, студентски домови и училишта, во достапен транспорт и здравство за сите, без разлика каде живеат, во поддршка за културата, енергетска независност и младите. Според него, ова не е трошок туку инвестиција во достоинствен живот.
Економија
Битиќи: Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4 проценти, над законскиот лимит

Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот рекорден инвестициски циклус“.
Како што рече, Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка.
Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.