Економија
До 2018 година треба да заштедиме девет отсто енергија
Поттикнување на дискусијата меѓу институциите, како и споделување искуства и добри практики да се забрза развојот на пазарот за ширење на услугите за енергетска ефикасност, и заштеда на енергија беше главната цел на конференција на тема „Подобрување на енергетската ефикасносност во Македонија“.
„Како потписници на Договорот за основање на Енергетската заедница, треба да постигнеме национална индикативна цел за енергетски заштеди од најмалку 9 отсто во 2018 година, поради што треба да обезбеди стапка на пораст на енергетските заштеди на годишно ниво од најмалку 1 отсто. Со реализација на мерките кои се предвидени, пак, со Акциониот план ќе се постигнат вкупни финансиски заштеди од околу 1.360 милиони евра, според либерализирани пазарни цени“, рече Сараќини во своето излагање.
Тој објасни дека покрај изготвените стратешки документи и регулатива, Министерството за економија во досегашниот период реализираше неколку активности во областа на енергетската ефикасност, како ГЕФ Проектот за одржлива енергија, со грант од 5,5 милиони американски долари преку Светска банка, стимулативните мерки за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинства, при што досега се субвенционирани 1.420 домаќинства, а искористени се средства во износ од 21.869.672 денари, како и Кампањата за штедење на електрична енергија.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми, стави акцент на глобалниот предизвик – борбата со климатските проблеми предизвикани од зголемената потрошувачка на енергија и потребата за менување на структурата на горивата и обемот на потрошувачка на фосилните горива.
„Економскиот раст не може да се разгледува без земање предвид на проекциите за емисии на стакленички гасови, на среден и на долг рок. Со други зборови, тоа значи обезбедување услови за ткн. зелен раст. Потребни се проценки на потенцијалот за намалување на емисиите на стакленичките гасови, особено во секторите енергија и транспорт, како и проценка на трошоците од нивните идни ограничувања“, рече Абдилаќим Адеми.
На конференцијата беа презентирани Стратешката рамка во областа на енергетската ефикасност и националното законодавство во предметната област, активностите на локално ниво коишто ги презема ЗЕЛС, како и оние на меѓународните финансиски институции во Република Македонија.
Компаниите за производство и снабдување со електрична енергија, ЕЛЕМ и ЕВН, ги претставија своите активности кои ги преземаат заради заштеда на енергија, а членки на стопанските здруженија во Република Македонија ги запознаа присутните со деловните активности на компаниите кои придонесуваат за унапредување на енергетската ефикасност, пред сé, во градежниот сектор./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.