Економија
Македонија ќе развива планински туризам
Изградба на Мега атрактивен ски центар на Попова Шапка, како и градење на нови сместувачки капацитети во повеќе планински места во Македонија.
За ова се дискутираше во средата на редовна седница на Комитетот за туризам, што се одржи во Владата на Република Македонија, а со која претседаваше премиерот Никола Груевски.Како што информира владината прес служба, посебен акцент на седницата бил ставен на информацијата за напредокот во реализација на Проектот – Мега атрактивен ски центар Попова Шапка. „Во однос на овој проект за модернизација и развој на скијачкиот центар Попова Шапка, АД ЕЛЕМ потпиша Договор за изработка на Мастер План Студија со консултантската компанија Ecosign Europa Mountain Recreation Planners GmbH, од Австрија. Целта на овој Мастер План кој треба да биде комплетно готов за еден месец е да подготви техничка проценка на природните ресурси на теренот предвиден за модернизација, односно изградба на Мега атрактивниот ски центар Попова Шапка“, стои во соопштението.На седницата се разговарало и за отпочнување на постапката за градење на нови сместувачки капацитети со „планинска конотација“, односно мали хотели и апартмани на локации како Пониква, Берово, Крушево, Галичица, Голак, Пехчево, Вевчани, Лазарополе, Смоларски водопади, Галичник, Тресонче, Радовиш и Гари.Дополнително, на Комитетот за туризам се дискутираше и за создавање на Национална асоцијација на македонски винарии, потоа за можноста за посета на ловните капацитети во Република Македонија од страна на туроператори од Италија кои би помогнале во развој и промоција на ловниот туризам во државата.Воедно, Комитетот за туризам расправаше и за Стратегијата за медицински туризам, потоа за развојот на новите форми на туризам во националните паркови, како и за проектот за изградба на планинарски велосипедски патеки во Република Македонија, за што се донесоа заклучоци за отпочнување со нивна реализација. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

