Економија
Нови вагони во `Македонски железници` со поддршка од ЕБОР
Европската банка за обнова и развој даде заем од 50 милиони евра гарантиран од државата за железнички возни средства и енергетска ефикасност.
Патувањето со воз во Македонија ќе стане полесно и поеколошко благодарение на финансирањето на програмата за модернизација од страна на ЕБОР, од која ќе имаат корист и патниците и превозниците во товарниот сообраќај.
ЕБОР одобри заем од 50 милиони евра на Националното претпријатие за железнички транспорт, `Македонски Железници -Транспорт` (МЖТ), за да инвестира во нови возни средства и да ја зголеми енергетската ефикасност на своите активности.
Во услугите на МЖТ, кои се реализираат на мрежа од вкупно 700 километри, инвестирано е многу малку од почетокот на деведесеттите години досега, а просечната старост на постојниот возен парк е меѓу 30 и 45 години.
Како резултат на тоа, патничките и товарните услуги во Македонија се често несигурни и неефикасни од аспект на користење на горивото.
Истиот ќе биде наменет и за подобрување на енергетската ефикасност на работилниците за одржување на МЖТ и за воведување систем за управување со енергетска ефикасност на ниво на целото претпријатие.
Неповратните средствата за техничка помош од Специјалниот акционерски фонд на ЕБОР ќе помогнат во модернизацијата на начинот на кој работи МЖТ, со тоа што ќе се одделат патничкиот и товарниот превоз.
„Подобрувањето на квалитетот на железничките услуги во Македонија и намалувањето на потрошувачката на енергија се важни цели на овој прв проект на ЕБОР со МЖТ, од кој ќе има полза целата економија“, изјави Елена Урумовска, претставник на ЕБОР за Македонија.
Проектот ќе овозможи подобрување на квалитетот на услугите што ги нуди железницата на клиентите, како и за намалување на емисија штетни материи во воздухот и подобрување на енергетската ефикасност на возниот парк.
„Со обновување на возните средства, МЖТ значително ќе ја подобри ефективноста и ефикасноста на нејзините активности поврзани со патничкиот и товарниот сообраќај“, рече генералниот директор на МЖТ, Оливер Деркоски.
„Железницата е најекономичниот вид транспорт и едно од барањата на бизнис секторот за подобрување на бизнис климата во земјава. Но, во железницата има потреба од инвестиции, бидејќи она со што располагаме во моментот е далеку под нашите потреби. Затоа Владата почнува со еден инвестициски пакет во железничикиот сектор“, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Заемот на ЕБОР, кој е обезбеден со гаранција од државата и има период на отплатување од 15 години, ќе се искористи за набавка на шест нови патнички воза и 150 вагони, како и за поправка на три електрични локомотиви. /крај/бб/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.