Економија
Се намалува бројот на вработени со скратено работно време
Опаѓање на бројот на пријавени работници со скратено работно време, односно трансформација во редовен работен однос се постигна со последните активности на Министерството за труд и социјална политика и Управата за јавни приходи, забележаа првите луѓе на овие институции, Спиро Ристовски и Горан Трајковски.
Трајкоски информира дека минатата година кај 9.281 работодавач со 83.659 вработени имало 20.260 со скратено работно време или 24,5 отсто, заклучно со вчера бројот на работодавачи кои имаат работници со скратено работно време е намален 8.468 компании.
„Бројот на вработени е зголемен од 83.659 на 88.436, а бројот на вработени со скратено работно време од 20.260 е паднат на 16.671. Се работи за 6,5 отсто за намалување на вработени кои се пријавуваат со скратено работно време”, рече Трајковски.
Најмногу вработени со скратено работно време има во трговијата на мало, дејности за подготовка на оброци и служење на храна, а тоа се целни групи за следење.
Од 599 извршени инспекциски надзори на Државниот инспекторат за труд кај работодавачи кои имаат вработено 4.505 работници со скратено работно време, кај 116 работодавачи констатирани се неправилности со неводење или неправилно водење на евиденција за работното време на работниците, работниците вработени со скратено работно време да работат подолго од договореното или не се евидентира и не се исплатува прекувремената работа, информира министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
„Врз основа на констатираните неправилности донесени се решенија со кои се задолжуваат работодавачите да ги отстранат утврдените недостатоци и неправилности. При повторните контроли констатирано е дека на 1.254 работници кои работеле со скратено работно време, работниот однос им е трансформиран во работен однос со полно работно време”, рече Ристовски.
За констатирани прекршувања на законот, односно неотстранување на утврдени недостатоци, против 14 работодавачи се поднесени барања за поведување на прекршочна постапка. За прекршоците работа подолго од скратеното работно време и подолго од полното работно време предвидена е глоба од 2.000 до 3.000 за правното лице и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице.
Ристовски се осврна и на проблемот со прекршувања на Законот за минимална плата, односно неисплаќање минималниот износ.
„Неофицијалните сознанија говорат дека во приватниот сектор работниците даваат овластувања на своите работодавачи да ја повлечат исплатената плата и потоа на вработениот да му исплатат пониска плата од законски утврдениот износ. За оваа непопуларна појава, се уште нема доставени дојави/пријави до Инспекоратот за труд”, рече Ристовски.
Ги повика вработените кои се нашле или доколку се најдат во ваква ситуација, да пријават до Државниот инспекторат за труд – електронски преку интернет страницата, телефонски на броеви 15 131 и 15 505, или поштенски, а инспекцијата ќе постапи согласно законските прописи.
За непочитување на Законот за минимална плата предвидени се глоби од 6.000 до 7.000 илјади евра за работодавач, ако на работникот не му исплати минимална плата и од 3.000 до 4.000 илјади евра за одговорното лице./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.