Економија
Договорена економска соработка со Сао Паоло
Соработка во областа на здравството, размена на доктори преку студиски посети, обуки и периодична работа на бразилски доктори во Македонија, и македонски во Бразил, како и трансфер на знаења, методи и техники од областа на здравството, е договорено на средбата на премиерот Никола Груевски, со гувернерот на федералната држава Сао Паоло, Џералдо Хозе Родригес Алкмин Фиљо.
Федералната држава Сао Паоло е економски најмоќната држава во Федеративната Република Бразил, а компаниите лоцирани на нејзината територија учествуваат во создавањето на 40 отсто од бруто домашниот производ на Бразил. Градот Сао Паоло е финансиски, економски и индустриски центар на Бразил.
Соговорниците истакнале силна заложба за унапредување на соработката помеѓу Република Македонија и Сао Паоло, при што посебен акцент беше ставен на економските теми и можноста за економска и трговска соработка, размена и инвестиции, но и соработка на полето на информатичките технологии, во образованието и во здравството.
Сметаат дека реализацијата на конкретни теми и проекти ќе биде од големо значење за имплементација на политичката волја за продлабочување на меѓусебните односи.
Премиерот Груевски ги истакна реформите кои се спроведуваат во нашата земја и поволностите кои се овозможуваат за реализација на странски директни инвестиции во Република Македонија. Се осврна на најниските трошоци за водење бизнис во Европа кои ги нуди нашата земја, но и на проектите кои се реализираат во образованието, информатиката и администрацијата.
Гувернерот Фиљо позитивно ги оцени нашите реформи и поволности и истакна дека ќе го искористи својот авторитет и позиција да ги охрабри компаниите од Сао Паоло да се осврнат кон можностите за ширење на бизнисите и опциите кои ги нуди Македонија, но и истакна дека како федерална државна власт се расположени за соработка и поддршка на нашата земја во повеќе сфери од заемен интерес.
Беше договорено во наредниот период да се конкретизира и операционализира соработката во областа на здравството, чија интенција е размена на доктори од двете земји преку студиски посети, обуки и периодична работа на бразилски доктори во Македонија, и македонски во Бразил, како и трансфер на знаења, методи и техники од областа на здравството.
Во рамки на средбата беше потпишан Меморандум за соработка во областа на информатичките технологии, кој од македонска страна го потпиша министерот Веле Самак, чија цел е унапредување на можностите за соработка на ниво на администрација во информатиката, реализација на проекти за унапредување на административните услуги, но и создавање на основа за соработка на компании од двете земји на заеднички проекти од оваа област.
Двајцата соговорници договорија во текот на идниот период да се разгледаат можностите за дополнителна соработка на конкретни проекти во поедини сфери, за што ќе се дефинираат приоритетните теми кои ќе се разработуваат етапно.
Соговорниците разменија мислења за повеќе други прашања и теми од областа на економијата и јавните дејности./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

