Економија
Стопанската комора на Mакедонија „Најкомора во регионот“
Стопанската комора на Македонија е „Најкомора во регионот“, а Михајло Михајловски, извршен директор на „Фени“ од Кавадарци и директор и сопственик на „Ватростална“ – Скопје, е прогласен за најменаџер во регионот на југоисточна и средна Европа.
Овие признанија на македонските претставници им беа доделени на традиционалната 28. по ред манифестација „Избор на најменаџер на југоисточна и средна Европа“ што се одржа во Сараево.
На свеченоста, што се одржа во хотелот „Холидеј Ин“ во главниот град на Босна и Херцеговина, беа собрани врвните претставници од бизнисот од регионот, а претходно беше одржана деловна конференција на тема: „Регионалната стопанска соработка и развојот“.
„Друштвото со најдобрите менаџери од југоисточна и средна Европа е вистинска прилика човек да се почувствува горд на резултатите што може да ги постигне. Воедно, и да се запраша секој од нас што треба да направи за да се подобри ситуацијата во секоја земја посебно и во регионот. Позитивноста, упорноста и професионалноста се единствените работи со кои може да се оди напред. Добитниците се вистинските луѓе кои што во своите дејности постигнуваат извонредни резултати и отвораат простор за развој на општеството“, рече Бранко Азески, кој го прими врвното признание.
Михајло Михајловски вели дека признанието му годи и ќе му биде потстрек во иднина за постигнување на уште повисоки резултати во својата дејност – металургијата.
„Се надевам дека овие компании во иднина не само што ќе бидат најдобри во Македонија, туку со поврзувања во регионот ќе придонесат за развој на македонското стопанство и воопшто на регионот“, рече Михајловски.
Бизнисмените на деловната конференција и` честитаа на Хрватска за прием во Европската унија, но истовремено побараа од своите влади да продолжат да работат во правец на прием на сите држави од регионот во Европската унија. Поддржан е развојот на конзорциуми во регионот, по примерот како што сега тоа го прават градежниците, бидејќи само со заеднички настап компаниите ќе можат да бидат поприсутни со производи на пазарите во Европската унија и воопшто во светот.
Стопанственици и политичари на деловната конференција дискутираа за побрз развој и за поврзување на бизнисот во регионот. Мирко Шаровиќ, министер за надворешна трговија и економски односи на БиХ, констатира дека регионалната соработка и проектите не се доволно искористени.
„Во регионот имаше повеќе проекти во други области, а најмалку во областа на економијата и стопанството. ЦЕФТА е еден од ретките успешни проекти во оваа област“, рече Шаровиќ.
Верица Калановиќ, министерка за регионален развој и локална самоуправа на Србија, истакна дека политиката мора во иднина да прави многу повеќе компромиси. За среќа, според нејзините зборови, економијата која трпеше последици заради лошо водената политиките за соработка, побрзо ги воспостави мостовите за соработка.
„Без вистински конкурентни производи, маркетинг и заедничка соработка не може регионот и секоја држава посебно да одат напред во својот развој. А сето тоа зависи од менаџерите“, истакна Михајло Михајловски. „Ќе направам една паралела со спортот. По моја иницијатива ја формиравме СЕХА – лигата во ракомет, и сега таа е втора по Бундес лигата по квалитет во Европа. Значи, заеднички може многу да се постигне“./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска на форумот на Виенската иницијатива: Капитализираноста на македонскиот банкарски систем порасна двојно повеќе од ЦЈИЕ
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како претставничка на шесте централни банки од Западен Балкан во Одборот на „Виенската иницијатива“, учествуваше на Годишниот форум на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ), којшто оваа година се одржа во Вилнус, Литванија.
И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучително и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста, туку и уште повеќе ја зголеми. „Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу 2 п.п., што е двојно повеќе од порастот во регионот на ЦЈИЕ и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Притоа, особено е важно што и во овие кризни години имаше солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите (просечен кредитен раст од околу 7%). Во услови на циклус на монетарно затегнување, каматните стапки на кредитирање пораснаа, но растот беше помал од растот на каматните стапки во ЕУ. Со тоа домашните каматни стапки на кредитите значително се приближија до каматните стапки во ЕУ и разликата меѓу нив е историски најниска. Во овој момент, просечната каматна стапка изнесува 5,5%, односно е двојно пониска во споредба со периодот пред Големата финансиска криза, кога изнесуваше околу 11%, во просек.
Гувернерката се осврна и на финансиската писменост и заштитата на корисниците на финансиските услуги, коишто се значајни за носење соодветни финансиски одлуки, но и за зголемување на конкурентските притисоци и за понуда на поконкурентни финансиски услови. „Финансиската писменост, едукацијата и заштитата на потрошувачите, коишто се стратешки приоритети на Народната банка, се важни за клиентите за да можат подобро да ги разберат и правилно да ги споредат понудите меѓу различните банки. Неодамна формиравме посебна организациска единица за финансиската писменост и заштитата на потрошувачите. Под водство на Народната банка, беше усвоена и првата национална Стратегија за финансиска инклузија и писменост, додека регулативната рамка беше зајакната минатата година, вклучително и преку усвојување на Насоките за банките и штедилниците за добри практики за заштита на потрошувачите, фер и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги обезбедуваат. Беа преземени и мерки за зголемување на транспарентноста преку споредба на надоместоците за најрепрезентативните банкарски платежни услуги, коишто заедно со либерализацијата на пазарот на платежни услуги, ја поттикнуваат конкуренцијата во системот“, истакна Ангеловска-Бежоска.
„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ и секоја година, од 2009 година до денес, организира собири во областа на финансиите на кои сите засегнати чинители зборуваат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор и за поопшти макроекономски прашања.
Економија
Се намалува мазутот, цените на дизелот и бензините остануваат непроменети
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53 % во однос на одлуката од 7.5.2024 година.
Од 10.5.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 86,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 88,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 74,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,609 (денари/килограм)
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 1,223 денар/кг и сега ќе изнесува 44,609 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,939 %, кај дизелот 1,523 %, кај екстра-лесното масло 1,341 % и кај „мазутот“ намалувањето е 3,608 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,015 %.
Економија
Одлуката за осигурување автомобили е еднострана и штетна за бизнис-секторот и економијата во државата, реагира Комората на северозападна Македонија
Стопанската комора на северозападна Македонија ја квалификува одлуката на Комисијата за осигурување автоодговорност како неодржлива за благосостојбата на бизнисот и стопанството.
„Многу бизниси мора да се потпрат на употребата на возила за извршување на своите активности, како што се транспорт на стоки, услуги или вработени. Повисоките цени на полисата за осигурување автомобили може да имаат пошироки макроекономски ефекти со намалување на довербата и трошењето на потрошувачите, кои се клучни двигатели на економскиот раст“, се истакнува во реакцијата на Комората.
Деловното опкружување, како што оценуваат, станува обесхрабрувачки за домашните компании, но и за странските инвестиции, оставајќи долгорочни последици, но и спротивно на законодавниот систем на ЕУ, кој сè уште му дозволува на Министерството за финансии да одлучува за премиите за осигурување автомобили, што е спротивно на acquis на ЕУ.
„Со оваа одлука на Комисијата за самоодговорност се ограничуваат одговорностите на другите релевантни фактори, како што се компаниите, со кои цените на самоодговорноста се целосно контролирани од државата“, потенцираат од Стопанската комора на северозападна Македонија.