Економија
Продолжи расправата за предлог буџетот
Второ продолжение на 80 – та седница на Собранието на Република Македонија на кое пратениците ја продолжија расправата по Предлог буџетот за 2014 година.
Спротивставени ставови, негодувања од двете страни, критики и пофалби. За опозицијата лошо проектиран и катастрофален, за владејачкото мнозинство развоен. Вака денеска се развиваше дебатата во Собранието на Република Македонија по однос на расправата за буџетот за идната година.
Лошо проектиран и катастрофален. Граѓаните нема што да очекуваат од него, оцени пратеникот од редовите на СДСМ, Горан Сугарески, кој посебно внимание посвети на борбата со невработеноста и странските инвестиции.
Тој ги оспори мерките за вработување на Владата и ги оцени како непродуктивни бидејќи, како што истакна, 400 илјади луѓе ја напуштиле земјава до сега. Во однос на инвестициите, рече Македонија е последна во регионот. Во своето обраќање побара да се издвојат средства за патниот правец Прилеп-Велес.
„Од 2008 година ова е шести буџет како барам средства за патот Прилеп – Велес. Патниот правец е во катастрофална состојба, гледано и од безбедносен аспект, а во пелагонискиот регион живеат над 300 илјади жители“, рече Сугаревски.
На неговото излагање реплицираше Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ, која истакна дека во Прилеп се завршени или во фаза на имплементација повеќе проекти планирани за 2013 за подобрување на животот на граѓаните. Таа посочи дека во градот почна изградба на 78 социјални станови, формирано е јавно претпријатие за превоз и набавени се автобуси, набавена е опрема за селекција на отпад итн.
За претставниците на Албанците од опозициониот блок буџетот е дискриминирачки. Илјази Садие од ДПА рече дека и покрај забелешките, Владата продолжува да ја загрозува иднината на земјата со нови задолжувања, а расте внатрешниот и надворешниот долг на државата. Оцени дека се лоши состојбите во стопанството, здравството и образованието, а народот осиромашува.
„ДПА предложи 57 амандмани на буџетот за да се подобри состојбата и за праведна распределба на буџетските средства за проекти за патишта, за обезбедување питка вода, за реконструкција на училишта, болници и др. Но за жал не наидовме на разбирање кај парламентарното мнозинство, а ДУИ како партнер во оваа коалиција со голема посветеност помага во дискриминацијата на Албанците“, рече Илјази.
Беким Ќоку од ДПА се осврна на проектот Скопје 2014 и истиот го оцени како непотребен, кич и антиалбански, за кој вели се одлеале над 700 милиони евра, а кој го поддржале пратениците од ДУИ. Според него, ДУИ како партнер на власта нема никакво влијание врз институциите кои се задолжени за финансиите, поради што добиваат само трошки од средствата во буџетот. За странските инвестиции, пак, рече се инвестиции главно лоцирани во источна Македонија, каде се вработуваат само Македонци, а ТИРЗ Тетово е запоставена.
Од ДУИ реагираа дека предложените мерки на ДПА веќе се во плановите на Предлог буџетот и дека до сега остварени се многу проекти меѓу кои проектот за регионален водовод во Општина Липково започнат во 2009 година, во вредност од девет милиони евра, за кој се завршени првите две фази и сите села во таа општина се опфатени со водоводна мрежа./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

