Економија
ЕУ усвои нова директива за тутунските производи
Државите членки на Европската унија постигнаа договор во средата со Европскиот парламент за новата директива за тутунските производи, којашто предвидува поголеми предупредувања за опасностите од пушењата на кутиите од цигарите и првите европски правила за електронските цигари.
„Договорот за директивата за тутунските производи претставува голем чекор кон поздравото и попросперитетно општество“, изјави литванскиот министер за здравство Витенис Повилас Андриукаитис, пренесува Reuters.
Договорот е постигнат откако владите на земјите членки на Европската унија и Европскиот парламент го надминаа спорот околу регулацијата на пазарот на електронските цигари, коишто според некои процени за десет години ќе биде поголем од пазарот на обичните цигари вреден 700 милијарди американски долари годишно. Во Европа електронските цигари во моментов ги користат седум милиони луѓе.
Според договорот, повеќето електронски цигари ќе се продаваат како потрошувачки производ без претходно одобрување, а не како построго регулирани медицински уреди, што во почетокот европските влади го бараа. Концентрацијата на никотинот во нив е ограничена на 20 мг/мл, како што бараше Европскиот парламент, а капацитетот на картушите на 2 мл., пренесува AFP. Производите со поголеми концентрации ќе бидат регулирани како лекови.
Европската комисија ќе може да ги забрани електронските цигари кои може да се полнат, доколку ги забранат три или повеќе држави членки на ЕУ, поради здравствени причини. Комисијата две години по усвојувањето на законот ќе подготви извештај за ризиците за здравјето од електронските цигари.
Од 2016 година, која промените во прописите ќе стапат на сила, цигарите, тутунот за виткање и другите производи ќе мора да имаат слика и пишано предупредување за штетноста од пушењето на 65 отсто од предниот и од задниот дел од кутијата. Сегашните правила се поблаги, имено пишаните предупредувања сега мора да ја прекриваат 30 отсто од предната страна и 40 отсто од задната, а сликите не се задолжителни.
Државите членки на ЕУ, исто така, ќе може да воведат и построги одредби од тоа и да го забранат целосното брендирање, под услов тоа да биде оправдано од здравствени причини и за тоа ќе мора да ја известат Европската комисија.
Правилата, исто така, ја вклучуваат и забрана на пушење тутунски производи со арома, на пример на овошје или ванила. Цигарите со ментол ќе бидат забранети четири години подоцна, во 2020 година, бидејќи не кои влади на членките на ЕУ бараа подолг преоден период.
„Цврсто сум убеден дека истакнатите визуелни предупредувања ќе бидат ефикасни потсетници за сериозните последици од пушењето по здравјето и ќе помогнат на луѓето на направат добро информиран избор. А забраната за ароми како што се овошје или ментол, коишто им се допаѓаат на младите, ќе направи почнувањето на пушењето да биде помалку привлечно“, изјавил европскиот комесар за здравје Тони Борг.
Забранети се, покрај тоа, и ознаките за примамување на тутунските производи, како што се „органско“ или „природно“. Владите, исто така, може да воведат забрана за прекуграничните продажби на тутунските производи преку интернет.
Компромисот уште мораат формално да го усвојат министрите на државите членки и Европскиот парламент на пленарна седница пред да стапи на сила следната 2014 година. Кога директивата ќе биде усвоена, државите членки ќе мораат да ја имплементираат и во националните законодавства во рок од две седмици.
Пушењето е главната причина за смрт којашто може да биде избегната во земјите членки на Европската унија со околу 700 илјади жртви секоја година. Мерките преземени за борба против пушењето успеаја да го намалат бројот на пушачите во Европа од 40 отсто во 2002 година, на 28 отсто во 2012 година./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

