Економија
САД воведоа санкции за челниците на Крим и за гасната компанија
САД воведоа санкции за шест функционери на Крим, еден поранешен украински функционер и на гасна компанија од црноморскиот полуостров кој се присоедини на Русија, осомничени дека „претставуваат закана за мирот и стабилноста на Украина”.
„Крим е окупирана територија. Ќе продолжиме со санкциите за оние кои го нарушуваат територијалниот суверенитет и интегритет на Украина”, изјави во петокот навечер по средноевропско време, потсекретарот во американското министерство за финасии Дејвид Коен.
Меѓу функционерите од Крим кои се обвинети дека се „сепаратисти” се Рустем Темиргалиев, заменик на премиерот во периодот кога на полуостровот на кој над 58 отсто од населението се етнички Руси беше организиран референдумот за враќање на автономијата на републиката и присоединувањето кон Руската Федерација, потоа градоначланикот на Севастопол, Алексеј Чали, Пјотр Зима, Јуриј Зеребцев, Михаил Малшев, Валериј Медведев и поранешниот украински функционер Сергеј Цеков, се прецизира во соопштението на американското министерство. Се додава дека овие седуммина веќе се санкционирани на листата на Европската унија.
Нафтената компанија „Черноморнефтегаз”, за која исто така се одредени американски санкции, има седиште на Крим, но се смета дека преминала под контрола на Русија. Според овие санкции, на компанијата и нејзините челници ќе им биде замрзнат имотот во САД и на секоја американска или друга компанија која работи во САД ѝ е забрането да работи со нив.
Американски функционери изјавија дека воведувањето на санкциите кон кримската енергетска компанија има цел да ѝ оневозможи на руската државна нафтено-гасна компанија „Газпром” да работи со „Черноморнефтегаз”.
Руското министерство за енергетика на почетокот од април соопшти дека „Газпром” ќе ја плати изградната на подморскиот гасовод до Крим и ќе учествува на тендерот за приватизација на оваа кримска енергетска компанија.
„Му кажуваме на светот, покажувајќи помалку заби, дека нема да инвестира во Крим неказнето”, изјави неименуван американски функционер. Тој барал да остане анонимен, поради чувствителноста на дипломатијата кон Украина, и додал дека „Газпром” доколку стекне удел во „Черноморнефтгаз” или ќе работи со неа, ќе се соочи со санкции.
Станува збор за трет круг американски санкции по избувнувањето на украинската криза и ги заострува односите пред закажаните разговори на оваа тема меѓу САД, Русија, Европската унија и Украина за 17-ти април, четврток, во Женева./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.