Економија
Министерот Сараќини го посети рудникот за антимон во Лојане
Министерот за економија Ваљон Сараќини во вторник го посети рудникот за експлоатација на минералната суровина антимон во локалитетот Лојане општина Липково.
Министерството за економија преку Владата на Република Македонија објави Јавен повик за негово доделување под концесија за експлоатација.
„Рудникот во Лојане се очекува да започне со работа во 2017 година, со ангажирање на најмалку 300 работници. Инвестицијата за отварање на овој рудник е 30 милиони евра, со што освен директните приливи од концесијата и новите работни места, оваа инвестиција ќе значи и дополнителна можност за заработка на многу локални мали и средни компании од кумановско-липковскиот регион”, информираше министерот Сарачини.
Согласно законот за минерални суровини, досега доделени се вкупно 332 концесии за експлоатација и околу 100 концесии за детални геолошки истражувања на минерални суровини. Уплатените средства по основ на концесиски надоместок се 22% приход на Буџетот на Република Македонија и 78% приход на буџетот на општината на чие подрачје се врши концесиската дејност.
Од економски аспект, споредено со истиот период од минатата година во индустриското производство во секторот рударство и вадење на камен се бележи пораст од 6.7%. Овој сектор континуирано има позитивна стапка на раст на производството што го прави истиот еден од водечките сектори од индустриското производство и со учеството од 1,5 % во бруто домашниот производ и е од големо значење за македонската економија.
“Што се однесува, пак, до општините на чија територија се врши експлоатација на минерални суровини, би сакал да потенцираам дека, општините имаат значително големи приходи по основ на уплата на концесискиот надоместок, особено кај оние, каде што има рудници за експлоатација на металични минерални суровини.За потсетување, само во последната 2013 година вкупните средства уплатени по основ на концесиски надоместок се околу 450 милиони денари, од кои 78 % се распределни по општинските буџети на чија територија се врши експлоатација, а 22 % се приходи на државниот буџет”, истакна министерот.
Инаку во последниве неколку години се бележи постојан тренд на пораст на прилив на средства по основ на концесиски надоместоци од експлоатацијата на минерални суровини во Република Македонија, што е доказ дека овој ресор на државата е во подем на постојан развој. Министерството за економија и понатаму ќе продолжи посветено да работи на промоција на потенцијалите на овој сектор кој нуди сериозна можност за развој на економијата
Изборот на најповолниот понудувач на јавниот повик ќе се изврши после завршувањето на изборниот процес. Заинтересираните инвеститори треба да ги достават своите понуди најдоцна до 14 мај 2014 година, а електронското наддавање преку системот е-концесии ќе се одржи на 19 мај, со што ќе се избере нов концесионер кој ќе работи со рудникот. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.