Економија
Берза: МБИ10 со пад од 4%
Денешното тргување како и на останатите берзи од регионот, така и на Македонската берза беше проследено со остри падови на акциските индекси, а не беше поштеден, ниту индексот за обврзници.Опаѓачкиот тренд продолжува веќе четири денови по ред, со тоа што немаше
Денешното тргување како и на останатите берзи од регионот, така и на Македонската берза беше проследено со остри падови на акциските индекси, а не беше поштеден, ниту индексот за обврзници.
Опаѓачкиот тренд продолжува веќе четири денови по ред, со тоа што немаше ниедна акција од МБИ10 која оствари зголемување на дневно ниво. МБИ10 оствари забележителен пад од 4%, а неговото ниво се спушти на 2.852,02 индексни поени, додека во апсолутен износ намалувањето изнесуваше 118,70 индексни поени. МБИД го надмина падот на десетте најликвидни за 0,66%, односно изнесуваше 4,66%, а оствари вредност од 3.042,61 индексни поени.
ОМБ оствари незначително намалување од 0,66% при вредност од 109,79 индексни поени. Остварен беше вообичаено слаб вкупен промет од 12.717.577,35 денари. Прометот на официјалниот пазар изнесуваше 9.929.364,35 денари кои се реализираа преку 116 трансакции. На редовниот пазар беше остварен промет од 2.788.213,00 денари при реализирани 50 трансакции.
Убедливо најтргувана акција беше Алкалоид Скопје со промет од 3.452.400,00 денари кој изнесуваше околу 27% од целиот берзански промет. Оваа акција го следи опаѓањето на МБИ10 и веќе четири денови по ред остварува намалување. При вчерашното тргување беше остварен пад од 2,81%, а просечната цена изнесуваше 4.932,00 денари. Истргувани беа 700 акции кои се реализираа преку 25 трансакции.
По неа следеше Комерцијална Банка Скопје со промет од 1.222.200,00 денари кој изнесуваше околу 9,6% од вкупниот промет. Просечната цена од 2.910,00 денари значеше намалување од 3,01%. Со тоа беше остварено второ последователно дневно намалување. Истргувани беа вкупно 420 акции при реализирани 10 трансакции.
Меѓу најтргуваните на официјалниот пазар се најде и Гранит Скопје со промет од 1.073.879,00 денари. При просечна цена од 718,31 денари беше реализиран остар пад од 5,61%. За последните два трговски дена кои беа со опаѓачка тенденција, остварен беше пад од 8,15%. Ценовниот распон се движеше од 704,00 денари до 725,00 денари. Истргувани беа 1.495 акции кои се реализираа преку 18 трансакции.
Најликвидна од редовниот пазар беше Тутунска Банка Скопје со промет од 1.200.660,00 денари. Оваа акција беше под влијание на системската нестабилност, така што при просечна цена од 4.783,51 денари се оствари намалување од 4,35%. Истргувани беа 251 акции кои се реализираа преку 10 трансакции.
Втора акција која се издвои според обемот на тргување беше Македонски Телеком Скопје, а нејзиниот промет изнесуваше 622.990,00 денари. По дводневниот раст, при вчерашното тргување беше остварен умерен пад од 1,1,%, а просечната цена изнесуваше 415,33 денари. Распонот на цените се движеше од 411,00 денари до 420,00 денари. Истргувани беа 1.500 акции. Пет најтргувани хартии од вредност 1. Алкалоид Скопје2. Комерцијална Банка Скопје3. Тутунска Банка Скопје4. Гранит Скопје5. Р.Македонија – Денационализција 08
Хартии од вредност со најголем пораст 1. ОХИС Скопје 2,57%2. РЖ Интер – Трансшпед 1,25%3. Раде Кончар Скопје 0,70%4. Р.Македонија – Денационализација 05 0,36%Хартии од вредност со најголем пад1. ОКТА Скопје 11,24%2. Арцелормиттал (ХРМ) Скопје 9,84%3. РЖ Услуги Скопје 9,67%4. Топлификација Скопје 8,84%5. Арцелормиттал (ЦРМ) Скопје 8,15%
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

