Економија
Македонија ќе произведе повеќе енергија во 2010 година
Македонија во наредната година ќе произведе и потроши поголемо количество на енергија во споредба со 2009 година, но и покрај тоа ќе увезе енергенси во вредност од 383 милиони евра.
Македонија во наредната година ќе произведе и потроши поголемо количество на енергија во споредба со 2009 година, но и покрај тоа ќе увезе енергенси во вредност од 383 милиони евра.
Ова се предвидува со Предлог енергетскиот биланс за 2010 година, што во петокот беше претставен пред експертите, енергетските компании и најголемите потрошувачи.
Вкупните потреби од електрична енергија на потрошувачите во Републиката за 2010 година изнесуваат 8.621 GWh што е за околу 11 отсто повеќе во однос на 2009 година, односно е на ниво на потрошувачката во 2008 година
Потребите за квалификуваните потрошувачи изнесуваат 1.751 GWh и истите се поголеми за 68% во однос на 2009 година и се помали за 7% во однос на 2008 година.
Потреби на тарифните потрошувачи се планира да изнесуваат 5.554 GWh што е зголемување за 2% во однос на оценката во 2009 година, односно 6% во однос на 2008 година.
Предвидено е домашното производство на струја в година да изнесува 5.750 гигават-часа, додека 2.839 гигават-часа ќе се обезбедат од увоз.
Притоа беше истакнато дека потрошувачката на струја догодина ќе се зголеми за 11 отсто, додека производството ќе порасне за околу 14 отсто, што се должи пред се на пуштањето во употреба на термоелектраните ТЕТО и КОГЕЛ, како и на зголемените капацитети на ЕЛЕМ
Македонија во наредната година се очекува да има потреба од 864.412 тони нафта, што е за пет отсто повеќе во споредба со 2009 година.
Преработката на нафтените деривати е проектирана на 1.200.000 тони, што е зголемување од 9,6 отсто, а производството е планирано на 1.107.000 тони, што претставува пораст од девет отсто.
Сериозни забелешки на дел од Предлог енергетскиот биланс изнесе академик Томе Бошевски, кој укажа дека никаде во светот не се користи терминот Бруто потрошувачка на енергија за примарната енергија.
Бошевски изрази изненаденост од планираното зголемување на производството на електрична енергија од околу 14 отсто.
Доколку би успеале да оствариме зголемување на производството на енергијата за 14 отсто, тоа ќе значи и раст на Брутодомашниот производ од околу 20 отсто, што е нереално, рече Бошевски.
Тој изрази чудење и од пресметаните загуби во преносниот и во дистрибутивниот дел за наредната година.
И покрај тоа што е зголемена далноводната мрежа, пресметано е зголемување на загубите во преносниот дел, што мене не ми е јасно. Да беше срушен некој далновод ќе го разберев барањето за зголемување на загубите, вака останува недоволно објаснето, рече Бошевски.
Вкупните загуби во преносната и дистрибутивните мрежи за 2010 година се проценуваат 1.316 GWh, од кои загубите во преносната мрежа се 211 GWh, а во дистрибутивните мрежи загубите се проценуваат на 1.105 GWh.
Регулаторната комисија за енергетика наредната недела треба да расправа за барањата на енергетските компании за поскапување на струјата.
Според неофицијални информации, цената на електричната енергија од 1 јануари ќе се зголеми за околу десет отсто. /крај/ап/Copyright 2009 makfax. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.