Македонија
Компании дискутираа за можностите за извоз и за предизвиците

Тркалезна маса на тема „Развој на извозот и можности за трговски партнерства“, се одржа во средата во Скопје во организација на Македонија2025.
На тркалезната маса се дискутираа можностите за извоз на македонските компании, предизвиците со кои се соочуваат при откривање на нови пазари и промените кои треба да бидат имплементирани за да бидат поконкурентни.
Претседавачи со тркалезната маса беа Вера Ставроф, Претседател и Извршен Директор на HerbalScience и член на Одборот на директори на Македонија2025 и Живко Мукаетов, Извршен Директор и Претседател на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје, исто така член на Одборот на директори на Македонија2025.
На тркалезната маса учествуваа некои од најуспешните македонски компании од кондиторската индустрија, производители на вино и други прехрамбени производи кои веќе успешно извезуваат во регионот но и во светски рамки.
Мукаетов истакна дека овие се некои од клучните индустрии кои би можеле да и помогнат на Македонија да се позиционира како светски препознатлив бренд. Но, за да може сето тоа да се реализира потребна е синергија во дејствувањето на македонската бизнис заедница, институциите и на македонската бизнис дијаспора.
Македонија2025 како организација која има за цел да го помогне економскиот развој на земјата, преку својата глобална мрежа се труди да им ги отвори вратите на иновативните македонски компании кон светот. Тркалезната маса беше настан кој го најавува Форумот кој Македонија2025 ќе го одржи во Торонто, Канада на 23 и 24 октомври. Покрај бројните претставници од Северна Америка на Форумот ќе учествуваат и владини претставници од Македонија кои ќе ги презентираат инвестициските потенцијали на земјата како и бизнис делегација од Македонија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши: Цените на основните прехранбени производи се стабилизираат, инфлацијата во март е намалена

Инфлацијата во март 2025 година споредено со февруари бележи намалување од 1,3 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, објави на Фејсбук министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
„Мерките на Министерството за економија и труд даваат резултати. Цените на основните прехранбени производи се стабилизираат и се намалуваат. На годишно ниво во март 2025 година споредено со март 2024 година инфлацијата мерена преку трошоците за живот изнесува 2,7 отсто. Континуирано работиме на мерки за подобрување на стандардот на граѓаните и стабилизација на цените“ напиша министерот Дурмиши.
Владата на предлог на Министерството за економија и труд донесе одлука за ограничување на бруто-профитна маржа на 102 групи на основни прехранбени производи, како и Одлука за утврдување на највисоки цени на 8 групи на основни прехранбени производи. Овие две одлуки стапија на сила на 20 февруари и ќе важат до 30 април 2025 година.
Со одлуката за ограничување на бруто профитната маржа во трговија на големо и мало мало на 102 групи на производи или над 1000 перехранбени и непрехранбени производи се опфатени :
5 отсто бруто профитна маржа на основите 8 прехранбени производи млеко,леб, брашно (тип 400 и тип 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко)
10 отсто бруто профитна маржа на прехранбени производи каде опфаќа група од 55 прехранби производи (месо и преработки од месо, шеќер,млечни производи, маргарин, путер, конзервирани зеленчук и овошје, грав, ориз, тестенини)
15 отсто бруто профитна маржа на 39 прехранбени производи и средства за хигена (свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и друго.
Замрзнати беа цените на 8 групи основни прехранбени производи: млеко,леб, брашно (тип 400 и тип 500), јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко.
Целта на овие мерки, како што велат од Владата, е заштита на стандардот на граѓаните, намалување на цените на основните прехранбени производи и стабилизација на инфлацијата.
Економија
Од полноќ пониски цени на бензинот, дизелот, мазутот и на екстра-лесното масло за домаќинство

Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,87 отсто во однос на одлуката од 1 април.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 0,730%, кај дизелот за 1,046%, кај екстра лесното масло за 1,189% и кај мазутот намалувањето е за 1,815%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,4386%.
Од 8 април од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 41,025 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,680 ден/кг и сега ќе изнесува 41,025 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 8.4.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Годишен раст на зелените кредити од 8,5 отсто заклучно со 2024 година

Податоците за зелените кредити доставени од банките покажуваат раст во четвртиот квартал од 2024 година. На крајот на декември 2024 година, растот на зелените кредити во однос на истиот период лани изнесува 2,3 милијарди денари, или 8,5%. Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, зелените кредити се зголемени за 4 пати. Зелените кредити се заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што се инвестициите во нова еколошка технологија.
Според податоците на Народната банка, на крајот од четвртото тримесечје од 2024 година, состојбата на зелените кредити во билансите на банките изнесува 29.177 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Зелените кредити одобрени на компаниите, коишто на крајот на 2024 година изнесуваат 28.032 милиона денари, преовладуваат во вкупното зелено кредитно портфолио на банките.
Уделот на зелените во вкупните кредити на крајот на 2024 година изнесува 6%, што е речиси тројно зголемување во однос на крајот на 2019 година, кога изнесувале 2,2%.
Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки.
За таа цел, Народната банка на својата веб-страница од 2022 година почна да објавува и квартални податоци за кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва, коишто можете да ги најдете на следнава врска: https://www.nbrm.mk/podatotsi_i_pokazatieli_za_bankarskiot_sistiem_na_riepublika_makiedonija.nspx