Македонија
Компании дискутираа за можностите за извоз и за предизвиците
Тркалезна маса на тема „Развој на извозот и можности за трговски партнерства“, се одржа во средата во Скопје во организација на Македонија2025.
На тркалезната маса се дискутираа можностите за извоз на македонските компании, предизвиците со кои се соочуваат при откривање на нови пазари и промените кои треба да бидат имплементирани за да бидат поконкурентни.
Претседавачи со тркалезната маса беа Вера Ставроф, Претседател и Извршен Директор на HerbalScience и член на Одборот на директори на Македонија2025 и Живко Мукаетов, Извршен Директор и Претседател на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје, исто така член на Одборот на директори на Македонија2025.
На тркалезната маса учествуваа некои од најуспешните македонски компании од кондиторската индустрија, производители на вино и други прехрамбени производи кои веќе успешно извезуваат во регионот но и во светски рамки.
Мукаетов истакна дека овие се некои од клучните индустрии кои би можеле да и помогнат на Македонија да се позиционира како светски препознатлив бренд. Но, за да може сето тоа да се реализира потребна е синергија во дејствувањето на македонската бизнис заедница, институциите и на македонската бизнис дијаспора.
Македонија2025 како организација која има за цел да го помогне економскиот развој на земјата, преку својата глобална мрежа се труди да им ги отвори вратите на иновативните македонски компании кон светот. Тркалезната маса беше настан кој го најавува Форумот кој Македонија2025 ќе го одржи во Торонто, Канада на 23 и 24 октомври. Покрај бројните претставници од Северна Америка на Форумот ќе учествуваат и владини претставници од Македонија кои ќе ги презентираат инвестициските потенцијали на земјата како и бизнис делегација од Македонија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска: За да се искористат предностите од СЕПА, најважно е банките да се подготват оперативно
Гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава, Масимилиано Паолучи, ја отворија работилницата „Техничките и правните аспекти за приклучување кон системот за плаќање во евра СЕПА“, на која учествуваа претставници на Светската банка, Европската централна банка, Европскиот платежен совет, на Италијанската асоцијација на банки и на други финансиски институции.
„Би сакал да ја истакнам посветеноста на Светската банка на поддршката на Северна Македонија на нејзиниот пат кон СЕПА и опсежните реформи за модернизација на плаќањата. Би сакал да ја пофалам Народната банка на Република Северна Македонија за унапредувањето на основните правни и политички реформи во дигиталните плаќања и финансиската вклученост. Исто така, би сакал да ѝ оддадам признание на индустријата и нејзината значајна улога во успешното користење на оваа средина којашто е поволна за воведување иновации и овозможува поголема ефикасност за крајните корисници. Заедно, можеме да создадеме поинклузивен и поефикасен финансиски екосистем којшто ќе биде во корист на сите во земјата“, истакна Паолучи, директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава.
Во обраќањето гувернерката истакна дека нашето барање за пристап кон СЕПА е поднесено во јули минатата година, што е одраз на повеќегодишните напори за усогласување на нашата финансиска регулатива со европската. Пристапот кон СЕПА би бил историски исчекор којшто ќе им овозможи на нашите банки, и покрај тоа што не сме членки на ЕУ, да пристапат на европските платежни системи. Ова треба да доведе до побрзи, посигурни и поевтини прекугранични плаќања. Во моментов, за плаќања од ЕУ кон земјите од Западен Балкан трошоците се повисоки за 12 пати во однос на трошоците за плаќање помеѓу земјите од ЕУ.
Се очекува дека нашето барање за членство во СЕПА наскоро ќе биде одобрено од Европскиот совет за плаќања. Сепак, за да се искористат овие можности, од голема важност е банките да се подготват оперативно. „Иако придобивките од пристапувањето во СЕПА се јасни, мора да признаеме дека нѐ очекуваат и предизвици. Заедно со банкарскиот сектор посветено ќе работиме на обезбедувањето целосна подготвеност за интегрирање во СЕПА до октомври 2025 година, што е првиот можен датум за влез на банките од земјите од Западен Балкан коишто се членки на СЕПА. Народната банка, во соработка со меѓународните партнери, ќе работи и во иднина на поттикнување и олеснување на овој премин, обезбедувајќи техничка поддршка и регулаторен надзор за непречен и ефикасен процес на интеграција“, нагласи Ангеловска-Бежоска, укажувајќи и дека за таа цел е формиран Управувачкиот комитет во рамките на Директоратот за соседство и преговори за проширување при Европската комисија.
Економија
(Видео) Мицкоски: 250 милиони евра од унгарскиот кредит ќе бидат наменети за развој на домашните компании
На денешната владина седница беше донесена одлука, со која му се става на располагање на стопанството сума од 250 милиони евра – средства од унгарскиот заем – за инвестиции и развој на домашните компании.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ова е историски досега најголема сума што директно се става на располагање на стопанството и преставува прва одлука со ваков износ, кој досега државата го обезбедува за стопанството, домашните компании и фирми и тие може да ги користат овие пари преку давање пазарни услови, супер ниска каматна стапка.
„Овие пари се од унгарската кредитна линија, а методологијата по која овие пари ќе станат достапни за компаниите е преку Министерството за финансии, кое со цел воспоставување на кредитната линија за финансирање инвестиции и развој на приватни трговски друштва ѝ одобри на Развојната банка бескаматен заем во износ од 250.000.000 евра. Развојната банка ќе им ги стави на располагање на банките учеснички преку рамковен договор за учество со намена финансирање на инвестициите и развој на приватните трговски субјекти запишани во Трговскиот регистар. Максималниот рок е оној што го зборувавме, до 15 години, со вклучен грејс-период до 3 години за банките учеснички. Краен датум е 15 години од датумот на потпишување на договорот за задолжување. Банките ќе ги одобруваат кредитите на крајните корисници, при што средствата може да се користат за инвестиции во основни средства. Крајниот корисник задолжително учествува со минимум 20 % од вредноста на инвестицијата. Каматната стапка на годишно ниво си останува 1,95 %, она што веќе ѝ е познато на македонската јавност, без дополнителни надоместоци за одобрување, управување и предвремена отплата на средствата. Максималниот износ на кредитот ќе биде до 10 милиони евра во денарска противвредност“, појасни Мицкоски.
Изрази благодарност до банките што изразија интерес да учествуваат во распределбата на овие пари за стопанството, а Министерството за финансии преку развојната банка ќе го менаџира овој процес.
Мицкоски очекува значајно влијание за стопанството од овие средства и пари што доаѓаат во време на криза, предизвици и отежнати глобални услови за домашните компании.
Економија
Средствата од унгарскиот заем наменети за компаниите денеска на владина седница
На денешната владина седница се очекува да помине договорот за средствата од унгарскиот заем наменети за компаниите.
Следен чекор би бил потпишување договор со банките, компаниите ќе треба да имаат минимум 20 отсто сопствено учество, а максималниот износ што може да го добијат е 10 милиони евра.
Фирмите ќе ги добијат парите со каматна стапка од 1,95 процент, грејс-период од 3 години и 12 години рок на отплата.
На социјалните мрежи се огласи премиерот Христијан Мицкоски.
„Денес, очекувам Владата да донесе одлука на домашните компании да се стават на располагање 250 милиони евра евтини кредити по супер евтина каматна стапка од 1,95, што претставува историски највисока поддршка за домашните компании“, напиша Мицкоски.
Како што додаде, ова значи посилна економија, нови инвестиции и нови работни места.