Македонија
Компании дискутираа за можностите за извоз и за предизвиците
Тркалезна маса на тема „Развој на извозот и можности за трговски партнерства“, се одржа во средата во Скопје во организација на Македонија2025.
На тркалезната маса се дискутираа можностите за извоз на македонските компании, предизвиците со кои се соочуваат при откривање на нови пазари и промените кои треба да бидат имплементирани за да бидат поконкурентни.
Претседавачи со тркалезната маса беа Вера Ставроф, Претседател и Извршен Директор на HerbalScience и член на Одборот на директори на Македонија2025 и Живко Мукаетов, Извршен Директор и Претседател на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје, исто така член на Одборот на директори на Македонија2025.
На тркалезната маса учествуваа некои од најуспешните македонски компании од кондиторската индустрија, производители на вино и други прехрамбени производи кои веќе успешно извезуваат во регионот но и во светски рамки.
Мукаетов истакна дека овие се некои од клучните индустрии кои би можеле да и помогнат на Македонија да се позиционира како светски препознатлив бренд. Но, за да може сето тоа да се реализира потребна е синергија во дејствувањето на македонската бизнис заедница, институциите и на македонската бизнис дијаспора.
Македонија2025 како организација која има за цел да го помогне економскиот развој на земјата, преку својата глобална мрежа се труди да им ги отвори вратите на иновативните македонски компании кон светот. Тркалезната маса беше настан кој го најавува Форумот кој Македонија2025 ќе го одржи во Торонто, Канада на 23 и 24 октомври. Покрај бројните претставници од Северна Америка на Форумот ќе учествуваат и владини претставници од Македонија кои ќе ги презентираат инвестициските потенцијали на земјата како и бизнис делегација од Македонија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Новиот Институт за извоз е добра можност стопанските комори од регионот заедно да дискутираат за регионално поврзување, вмрежување и настап на нови пазари
Премиерот Христијан Мицкоски се оврати на одбележувањето на почетокот на работењето на Институтот за извоз.
„Ценам дека како Влада секогаш сме биле, во овие месеци откако сме влада, а и претходно како опозиција, партнер на бизнисот. Така и ќе продолжиме да бидеме и во иднина, мислам дека бизнисот и Владата треба да се партнери и партнерски да соработуваат и да се надополнуваат. И тука нема ништо лошо, нити пак нешто чудно.
Јас мислам дека само на тој начин можеме да бидеме и поконкурентни, добра е оваа можност што денеска најголемите регионални комори се тука, од регионот, заедно со нашата најголема комора, би рекол. На тој начин ќе можат заеднички да дискутираат за иднината и за сето она коешто претставува план, регионално поврзување, вмрежување и настап на нови пазари, бидејќи ценам дека, а и тоа го кажав, во моето обраќање на првиот настан дека, ценам дека полека но сигурно ќе треба заедно да се вмрежуваме и заедно да настапуваме во намерата да бараме нови пазари.
Така што, уште еднаш нека е честит денот, нека е за аирлија овој клуб, овој Институт за извоз и следниот пат кога ќе се собереме да имаме нови бројки кои што ќе бидат многу поголеми во насока на извоз и поголеми проценти раст на македонската економија, генерално“, изјави Мицкоски.
Економија
Мицкоски: Ориентирани сме кон поддршка на директните вложувања на странските и македонските компании
Како Влада сме целосно ориентирани кон поддршка на директните вложувања на странски компании, но и директна поддршка на македонските компании, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата за странските директни инвестиции оваа година.
„Од бројките којшто јас ги имам на располагање, заклучно со ноември месец, имаме во 2024 година повеќе од една милијарда, мислам околу милијарда и четириесет милиона. Што ако се преведе по глава на жител и процент од бруто домашниот производ е, за нас, најголемиот резултат, историски гледано. Очекувам тој тренд да продолжи и во оваа година, во 2025 година заедно со домашните инвеститори и очекувам тоа да биде драјвер за голем раст на македонската економија и бруто домашниот производ, нешто коешто нас ни е потребно насушно после неколку години стагнација или мачење во развојот“, рече Мицкоски.
Додаде дека Владата е целосно ориентирана кон поддршка на директните вложувања на странски компании, но и директна поддршка на македонските компании.
„Веќе зборувавме и со претседателот на Комората, кажавме дека оние 250 милиони евра коишто беа ветени, конечно од денеска, сите формалности се завршени, ајде би рекол од понеделник веќе ќе може да биде ставен на располагање на стопанството. Така што, еве уште еднашка да кажам дека имаме исклучителна соработка, како Влада сме ориентирани во таа насока да го поддржуваме бизнисот. За нас патриотски чин претставува повеќе вработени, давање повисока плата, инвестиции, луѓето да си ги задржиме дома. Тоа е она коешто претставува наша заедничка цел“, додаде премиерот.
Економија
Мицкоски: Минималната плата ќе биде онаа што ќе ја договорат работниците и работодавачите
На денешната собраниска седница за пратенички прашања, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање на пратеничката Јована Тренчевска за тоа дали се планира раст на минималната плата и дали истата ќе изнесува над 500 евра, истакна дека иако на Владата најмногу би му одговарало тоа, минималната плата треба да ја одредат работодавачите и работниците.
„Дали ќе ја зголемиме минималната плата и тоа дали таа ќе била над 500 евра. Мене ако ме прашате лично ќе ви кажам дека 5 илјади треба да биде минималната плата. Со растот на минималната плата можеби Владата најмногу ќе профитира и буџетот.
Не можеби, туку сигурно најмногу ќе профитира затоа што економијата и бизнисот ќе треба пропорционално да ги пондерираат сите плати, што ќе каже дека пропорционално ќе бидат пондерирани и придонесите во буџетот во фондовите итн. реално најмногу можеби ни одговара.
Дали е тоа правилно? Тоа е морален хазард“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека минималната плата ќе биде онаа која што ќе ја договорат работодавачите и работниците, а владата ќе го фасцилитира тој процес
„Минимална плата ќе биде онаа плата којашто ќе ја договорат работодавачите и работодавците.
Ние сме страна која што може да гои фасцилитира тој процес и како таков да го гледа и да го поддржи кога ќе заврши ако има решение. Секое решение кое што тие ќе го поддржат, ние ќе го прифатиме и тука нема никаква дилема. Еве сега во понеделник има една точка на дневен ред која што се однесува до минималната плата.
Се надевам дека работодавачите и работниците ќе постигнат договор, договор којшто ние ќе го поддржиме.“, потенцираше Мицкоски.