Македонија
Компании дискутираа за можностите за извоз и за предизвиците

Тркалезна маса на тема „Развој на извозот и можности за трговски партнерства“, се одржа во средата во Скопје во организација на Македонија2025.
На тркалезната маса се дискутираа можностите за извоз на македонските компании, предизвиците со кои се соочуваат при откривање на нови пазари и промените кои треба да бидат имплементирани за да бидат поконкурентни.
Претседавачи со тркалезната маса беа Вера Ставроф, Претседател и Извршен Директор на HerbalScience и член на Одборот на директори на Македонија2025 и Живко Мукаетов, Извршен Директор и Претседател на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје, исто така член на Одборот на директори на Македонија2025.
На тркалезната маса учествуваа некои од најуспешните македонски компании од кондиторската индустрија, производители на вино и други прехрамбени производи кои веќе успешно извезуваат во регионот но и во светски рамки.
Мукаетов истакна дека овие се некои од клучните индустрии кои би можеле да и помогнат на Македонија да се позиционира како светски препознатлив бренд. Но, за да може сето тоа да се реализира потребна е синергија во дејствувањето на македонската бизнис заедница, институциите и на македонската бизнис дијаспора.
Македонија2025 како организација која има за цел да го помогне економскиот развој на земјата, преку својата глобална мрежа се труди да им ги отвори вратите на иновативните македонски компании кон светот. Тркалезната маса беше настан кој го најавува Форумот кој Македонија2025 ќе го одржи во Торонто, Канада на 23 и 24 октомври. Покрај бројните претставници од Северна Америка на Форумот ќе учествуваат и владини претставници од Македонија кои ќе ги презентираат инвестициските потенцијали на земјата како и бизнис делегација од Македонија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Задутре ќе бидат исплатени 11 милиони евра од унгарскиот заем за компаниите

Првата транша во износ од околу 11 милиони евра, од средствата наменети за поддршка на компаниите обезбедени со унгарскиот заем, ќе биде исплатена задутре, односно ќе бидат префрлени средствата од централниот Буџет кон Развојната банка.
Ова го најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од Будимпешта.
Како што рече, побарувачката кај компаниите за користење на средства е неколку пати поголема од износот на кредитот и средствата се достапни за сите компании.
„Согласно условите што ги одреди Владата право на пристап до овие средства имаат сите компании со исклучок на оние што се занимаваат со производство на алкохолни пијалоци, производство или трговија со тутун, како и дејности поврзани со коцкање, казина и еквивалентни претпријатија“, рече министерката додавајќи дека директен увид во одлуките на банките за тоа кои проекти ќе бидат поддржани нема, но дека доколку има отстапки банките би можеле уште еднаш да ги разгледаат апликациите и да ги земат предвид билансите на компаниите.
Таа се осврна и на делот од заемот кој е повлечен од Унгарија за поддршка на општините и изрази задоволство од реализацијата на тие средства.
„Очекувам да имаме одлична реализација имајќи предвид дека имаме изборна година и дека секој еден градоначалник без разлика од која политичка партија ќе има желба да праави побрза реалиација на проектите со кои ќе аплицира“, рече министерката.
Министерката за финансии вчера и денеска, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и министри од Владата, учествуваше во Будимпешта на Македонско-унгарскиот самит.
Економија
Божиновска на меѓувладината седница во Будимпешта: Градиме модерна и одржлива енергетска иднина со Унгарија

Министерката за енергетика, минерални суровини и рударство, Сања Божиновска, учествуваше на Втората меѓувладина седница меѓу владите на Македонија и Унгарија, која се одржа во Будимпешта.
Божиновска, имаше обраќање на заедничкиот состанок на владите на Македонија и Унгарија, нагласувајќи ја важноста на енергетската соработка како клучен фактор за економски развој и енергетска безбедност.
Во своето излагање, министерката ги истакна реформите што Македонија ги спроведува во енергетскиот сектор и потенцијалот за соработка со Унгарија во областа на обновливите извори, модернизацијата на енергетската инфраструктура и иновациите во енергетската ефикасност.
„Македонија ја прифаќа иднината со смели енергетски реформи, при што новиот Закон за енергетика не е само технички документ, туку стратешка алатка што ќе привлече инвестиции, ќе ја зголеми енергетската независност и ќе ги забрза обновливите извори. Работиме интензивно на решенија за да привлечеме поголеми инвестиции во енергетскиот сектор, да ја зголемиме енергетската независност на нашата земја, да го забрзаме развојот на обновливите извори на енергија, и да ги усогласиме нашите енергетски стандарди со највисоките европски норми“, истакна Божиновска.
Министерката Божиновска ја потенцираше природната предност на Македонија со над 280 сончеви денови годишно, што ја прави земјата природен центар за соларна енергија. Исто така, министерката истакна дека вратите на Македонија се отворени за инвестиции, со цврста посветеност да се создаде енергетски систем што ќе биде од корист за сите.
Министерката истакна дека ова партнерство со Унгарија е пример како стратешките соработки можат да донесат конкретни резултати, од подобрување на енергетската ефикасност до зголемување на интерконективноста и развој на иновативни енергетски решенија.
„Преку соединување на нашите визии, експертиза и ресурси, можеме да создадеме поотпорни енергетски системи што ќе обезбедат сигурно, чисто и достапно снабдување со енергија за нашите граѓани и економии. Ова не е само заедничка визија, туку и заедничка обврска – да изградиме сигурен, модерен и одржлив енергетски систем што ќе ги задоволи потребите на нашите граѓани и економии“, подвлече Божиновска.
Економија
Економијата во четвртиот квартал лани порасна за 3,2 отсто

Стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) во државава во четвриот квартал лани е 3,2 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.
Во четвртиот квартал од 2024 година, поголем пораст е забележан во секторите Градежништво од 13,2 проценти и Стручни, научни и технички дејности; Административни и помошни услужни дејности од 10,6 проценти.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во четвртото тримесечје од 2024 година, номинално расте за 6 проценти, а нејзиното учество во структурата на брутодомашниот производ изнесува 66,1 процент.
Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално е намален за 3,1 процент, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од два проценти.
Минатата година, во првиот квартал БДП изнесуваше 1,2 проценти, во вториот квартал 2,3 проценти, а во третиот 3 проценти.