Македонија
Компании дискутираа за можностите за извоз и за предизвиците

Тркалезна маса на тема „Развој на извозот и можности за трговски партнерства“, се одржа во средата во Скопје во организација на Македонија2025.
На тркалезната маса се дискутираа можностите за извоз на македонските компании, предизвиците со кои се соочуваат при откривање на нови пазари и промените кои треба да бидат имплементирани за да бидат поконкурентни.
Претседавачи со тркалезната маса беа Вера Ставроф, Претседател и Извршен Директор на HerbalScience и член на Одборот на директори на Македонија2025 и Живко Мукаетов, Извршен Директор и Претседател на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје, исто така член на Одборот на директори на Македонија2025.
На тркалезната маса учествуваа некои од најуспешните македонски компании од кондиторската индустрија, производители на вино и други прехрамбени производи кои веќе успешно извезуваат во регионот но и во светски рамки.
Мукаетов истакна дека овие се некои од клучните индустрии кои би можеле да и помогнат на Македонија да се позиционира како светски препознатлив бренд. Но, за да може сето тоа да се реализира потребна е синергија во дејствувањето на македонската бизнис заедница, институциите и на македонската бизнис дијаспора.
Македонија2025 како организација која има за цел да го помогне економскиот развој на земјата, преку својата глобална мрежа се труди да им ги отвори вратите на иновативните македонски компании кон светот. Тркалезната маса беше настан кој го најавува Форумот кој Македонија2025 ќе го одржи во Торонто, Канада на 23 и 24 октомври. Покрај бројните претставници од Северна Америка на Форумот ќе учествуваат и владини претставници од Македонија кои ќе ги презентираат инвестициските потенцијали на земјата како и бизнис делегација од Македонија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ЕСМ: Термоелектраните во Битола и Осломеј со 40 oтсто зголемено производство

РЕК Битола и РЕК Осломеј произвеле за приближно 40 проценти повеќе електрична енергија во првите седум месеци од годинава во споредба со истиот период лани.
Од ЕСМ информираа дека од јануари до јули 2022 година термоелектраните произведоа 1559 гигавајт часови електрична енергија, додека од јануари до јули 2021 година произвеле 1126 гигавајт часови. Зголеменото производство, велат, се должи на зголемениот ископ на јаглен во сопствените рудници, набавката на јаглен за дополнително производство, и подготвеноста и техничкото одржување на блоковите.
„Во истиот период, постигнато е да се намали потрошувачката на вода, односно производството на електрична енергија од хидроелектраните е намалено за 25% и нивото на акумулациите се држи на оптимална кота, со цел заштеда на хидропотенцијалот за следниот период, кога во текот на грејната сезона се очекува пораст на побарувачката и на потрошувачката на електрична енергија“, информира од Електраните.
ЕСМ ги поздравува владините мерки и препораки за штедење на електрична енергија, и смета дека истите ќе придонесат да се намали притисокот врз производните капацитети и да се растовари електро-енергетскиот систем во услови на високи цени на енергенсите и отежнато снабдување на пазарот со енергенси.
Економија
Од септември мерки за штедење на струја, државните институции ќе мора да ги намалат сметките за 15 отсто

Државните институции од септември ќе мора да ги намалат сметките за електрична енергија за 15 отсто во однос на истиот период од претходната година, а за таа цел Министерството за економија донесе сет препораки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична енергија за безбедна зима, соопшти министерот Крешник Бектеши.
– Прогнозите се дека ќе преживееме една од најтешките зими, не само ние, туку и во регионот и во Европа. Со цел да имаме непречено снабдување со струја и пониски сметки. Препораките се поделени во повеќе категории. За домаќинствата и компаниите се предвидени само препораки, а за институциите се предвидени конкретни задолженија. Целта е да се постигне 15% помала потрошувачка во однос на истиот месец од претходната година. Ако не се постигне оваа цел, ќе следуваат санкции за институциите – рече тој.
Државните објекти кои се во сопственост на централната власт се задолжени да го исклучат декоративното осветлување на фасадите. Не смее да се користи светло внатре во објектите во период кога има доволно дневна светлина. Во јавните објекти во сезона на ладење температурата да се мести не пониско од 27 степени, односно во сезоната на греење не повисоко од 20 степени.
– Кратко и интензивно проветрување, исклучување на осветлувањето, да се исклучат сите компјутери по завршување на работата. Да се печатат само неопходни документи, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела, се препорачува менување на ПВЦ-прозорци каде што е можно. Ќе треба институциите да имаат ангажирано лица кои ќе се грижат дали ова ќе се спроведува. Раководителите секој месец ќе достасуваат извештаи до Владата за потрошувачката на енергија. Овие задолженија ќе стапат на сила од 1 септември 2022 сè до 31 март 2023 година – додаде тој.
Во делот на јавните патишта треба да се намали осветлувањето до минимален сигурносен обем на осветлување улици, плоштади и други објекти.
Орце Костов
Економија
Бензините поскапуваат за половина денар, цената на дизелот останува иста

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,58 отсто во однос на одлуката од 11.08.2022 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 2,140%, кај дизелот зголемување во просек за 2,090%, кај екстра лесното масло зголемување во просек за 2,044% и кај мазутот зголемување во просек за околу 1,868.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, се зголемува за 0,50 ден/лит,
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемуваат за 1,00 ден/лит,
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Од 16.8.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 88,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 91,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 90,00 (денари/литар)
– Масло за горење – екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 86,50 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 52,814 (денари/килограм)
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,418 %.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 16.8.2022 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.