Македонија
Компании дискутираа за можностите за извоз и за предизвиците

Тркалезна маса на тема „Развој на извозот и можности за трговски партнерства“, се одржа во средата во Скопје во организација на Македонија2025.
На тркалезната маса се дискутираа можностите за извоз на македонските компании, предизвиците со кои се соочуваат при откривање на нови пазари и промените кои треба да бидат имплементирани за да бидат поконкурентни.
Претседавачи со тркалезната маса беа Вера Ставроф, Претседател и Извршен Директор на HerbalScience и член на Одборот на директори на Македонија2025 и Живко Мукаетов, Извршен Директор и Претседател на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје, исто така член на Одборот на директори на Македонија2025.
На тркалезната маса учествуваа некои од најуспешните македонски компании од кондиторската индустрија, производители на вино и други прехрамбени производи кои веќе успешно извезуваат во регионот но и во светски рамки.
Мукаетов истакна дека овие се некои од клучните индустрии кои би можеле да и помогнат на Македонија да се позиционира како светски препознатлив бренд. Но, за да може сето тоа да се реализира потребна е синергија во дејствувањето на македонската бизнис заедница, институциите и на македонската бизнис дијаспора.
Македонија2025 како организација која има за цел да го помогне економскиот развој на земјата, преку својата глобална мрежа се труди да им ги отвори вратите на иновативните македонски компании кон светот. Тркалезната маса беше настан кој го најавува Форумот кој Македонија2025 ќе го одржи во Торонто, Канада на 23 и 24 октомври. Покрај бројните претставници од Северна Америка на Форумот ќе учествуваат и владини претставници од Македонија кои ќе ги презентираат инвестициските потенцијали на земјата како и бизнис делегација од Македонија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Државата нема контрола како се враќаат парите од ковид-мерките, тоа ќе ја чини 23 милиони евра

Државата не предвидела како ќе го контролира враќањето на доделените средства за финансиска поддршка на работодавците и физичките лица за време на пандемијата, а тоа што институциите немаат целосни податоци колку пари досега се вратени во буџетот, ќе резултати со намалени приходи од 23 милиони евра во државниот буџет, откри ревизијата за Државниот завод за ревизија.
Според анализата на ревизијата, работодавците и физичките лица корисници на мерките за субвенционирање придонеси и исплата на плати вратиле само 29 % од пресметаната обврска за враќање, што како ефект има помалку вратени средства во буџетот во износ од 16 милиони евра.
Дополнително, поради тоа што не е предвиден начин на контрола и враќање на доделените средства за еднократна финансиска поддршка на физички и правни лица од одделни дејности, ревизорот смета дека постои ризик правните субјекти што не ги исполниле условите да не ги вратат средствата во буџетот во износ од седум милиони евра.
„Наведените состојби предизвикуваат намалени буџетски приходи во вкупен износ од 1.437.005 илјади денари, односно околу 23 милиони евра“, се вели ревизорскиот извештај.
ДЗР изврши ревизија на преземените мерки и политички за поддршка на вработувањата и професиите погодени од економската криза предизвикана од Ковид-19, а извештајот дава одговори дали мерките биле ефикасни креирани, реализирани и контролирани од институциите.
„Со ревизијата ги опфативме планирањето и реализацијата на шесте пакети економски мерки донесени од Владата на РСМ во 2020 и 2021 година во делот на мерките за финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување, финансиска поддршка на работодавците за исплата на плати, финансиска поддршка за физички лица што вршат самостојна дејност, паричен надоместок за сите лица што останале без работа од 11 март до 30 април 2020, како и мерки за поддршка на професиите погодени од здравствено економската криза – поддршка за спортистите, самостојните уметници и културните работници. Со оваа ревизија на успешност опфативме 36 % од вкупно планираните средства за 2020 и 2021 година преку владината програма ‘П-мерки за справување со ковид-кризата’, што претставува 12.637.534 илјади денари (околу 205 милиони евра), од кои реализирани се 11.512.447 илјади денари“, велат од Државниот завод за ревизија.
Нецелосните податоци за бројот на работодавци што ја исполниле или не ја исполниле обврската за враќање на финансиската поддршка во утврдените рокови и како ефект има помалку вратени средства и остварување помали приходи во буџетот.
Со извршената ревизија е утврдено дека постои висок степен на реализација на опфатените мерки за финансиска поддршка за исплата на плати и поддршка на професиите, но и дека постојат и разлики во податоците за број на корисници и одобрени или исплатени средства на корисниците што се презентираат од разни
надлежни институции.
„По спроведената реализација на мерките за финансиска поддршка на работодавците за исплата на плати, УЈП има утврдено дека одреден број работодавци – корисници на поддршка им немаат исплатено плата на вработените. Бројот на работодавци што не исплатиле плата до јануари 2022 година изнесува 135 за вкупно 435 вработени за износ на искористена поддршка од 6.317 илјади денари, што како ефект има ненаменско располагање со доделената финансиска поддршка. Ненавременоста и малиот опфат на спроведени теренски контроли од 0,53 % од доделениот износ на финансиска поддршка, начинот на избор на работодавци за контрола, како и недоволната кадровска екипираност на институциите, создаваат ризик дека некои од работодавците искористиле средства од финансиската поддршка, без исполнување предвидени услови со уредбите и законите“, открива извештајот.
Орце Костов
Економија
НБРМ: Основната каматна стапка е непроменета и е на нивото од 2,50 отсто

На 9 август 2022 година се одржа редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и за глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари, информираат од оваа институција.
На седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане непроменета на ниво од 2,5%, а понудата на благајнички записи на редовната аукција не се промени и изнесува 10 милијарди денари. При носењето на ваквата одлука беа земени предвид неколку клучни фактори, пред сѐ досега преземените чекори за нормализирање на монетарната политика, како и последните движења кај инфлацијата и на девизниот пазар. На девизниот пазар се забележува значајно стабилизирање во последниот период, а Народната банка интервенира со откуп на девизи. Притоа, притисоците од енергетската криза се намалени значително, додека приливот на девизи на менувачкиот пазар во овој период е значително повисок од очекувањата. Воедно, на девизниот пазар видливи се и одредени позитивни поместувања во однос на побарувачката на девизи од страна на домашните физички лица, што укажува на постепено стабилизирање на очекувањата и довербата на домашните субјекти.
Во изминатиот период Народната банка делуваше кон постепено нормализирање на монетарната политика, со цел одржување на среднорочната ценовна стабилност, преку соодветно управување со ликвидноста, како и зголемување на основната каматна стапка во четири наврати последователно. Ваквата монетарна поставеност беше поддржана и со дополнителни мерки, односно промени кај инструментот задолжителна резерва заради понасочено делување врз процесот на евроизација (во два наврата), како и системски мерки преку донесување одлука за воведување противцикличен заштитен слој на капиталот од 0,5%, со која дополнително се јакнат заштитните механизми во банкарскиот систем. Се очекува зголемувањето на основната каматна стапка, заедно со досегашните промени во стапките на издвојување на задолжителната резерва во домашна и странска валута, и понатаму да делуваат на каматната политика на банките за стимулирање на штедењето во домашна валута.
Најновите податоци за инфлацијата покажуваат просечна инфлација од 10,9% во периодот јануари – јули 2022 година, при што три четвртини од овој раст и натаму се објаснува со растечките цени на храната и енергијата. Оттука, динамиката на инфлацијата и натаму главно е одраз на фактори на страната на понудата, односно на порастот на увозните цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електрична енергија, која е под влијание на случувањата во глобалниот пазар на енергија. Сепак, со оглед на долготрајноста на овие трендови, ваквите притисоците брзо се прелеваат врз цените и на останатите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања, што упатува на потребата од водење претпазливи домашни политики. Сепак, месечната промена на потрошувачките цени покажува одредено забавување, а голем дел од месечниот раст се должи и на донесената одлука за промени во регулираната цена на електричната енергија. Воедно, годишната динамика на базичната инфлација остана стабилна. Исто така, најновите податоци и очекувања на светските пазари навестуваат постепено стивнување на ценовните притисоци, односно очекувањата за цените на храната се ревидирани надолу, додека кај цените на нафтата се очекува стабилизирање на крајот на 2022 година, а потоа и нивно намалување. Сепак, ризиците на страната на понудата, особено во поглед на идните движења на цените на енергијата и храната и натаму се значително изразени поради воените случувања во Украина, со што останува голема и неизвесноста поврзана со пренесените ефекти врз домашната инфлација.
Девизните резерви се одржуваат во сигурната зона, а нивното ниво ги задоволува барањата за адекватност согласно со меѓународните стандарди. За ова придонесува високото ниво на девизните резерви во претпандемичниот период и натамошниот раст во двете години од пандемијата. Движењата на девизниот пазар засега се поволни, односно притисоците од енергетската криза во моментов се значително намалени, додека приливот на девизи на менувачкиот пазар во овој период е значително повисок од очекувањата. Во вакви околности, Народната банка во текот на јули и август интервенира со откуп на девизи, што дополнително го зголемува нивото на девизни резерви.
Податоците за активноста во домашната економија во првиот квартал од 2,4%, како и оцените за понатамошен раст согласно со високофреквентните податоци за периодот април – јуни 2022 година засега се во согласност со последните очекувања. Ризиците за понатамошниот период остануваат надолни, во услови кога воениот конфликт во Украина, продолжената пандемија и глобалните геополитички тензии делуваат на голема променливост и непредвидливост на надворешните економски и финансиски услови. Така, во овој период се забележува натамошен, но малку поумерен годишен раст кај индустријата, прометот во вкупната трговија и угостителството, додека активноста во градежништвото во периодот април – мај бележи забавување на падот.
Од аспект на движењата во монетарниот сектор, последните податоци покажуваат понатамошен раст и на кредитите и на депозитната база, при што кредитната активност е над проекциите, додека динамиката на вкупната депозитна е нешто послаба споредено со очекувањата.
Во однос на глобалните движења, во јули, на меѓународните финансиски пазари преовладуваше загриженоста на инвеститорите околу глобалниот економски раст, односно ризикот од рецесија на водечките економии. Во такви околности, цените на државните обврзници во САД и во еврозоната забележаа пораст, односно нивните приноси се намалија, а вредноста на САД-доларот во однос на еврото продолжи да се зголемува. Притоа, САД-доларот привремено се сведе под нивото на паритет во однос на еврото, главно како одраз на побарувачката на безбедни инструменти и очекувањата за значително затегнување на монетарната политика на ФЕД. Во текот на месецот беше забележан раст на цените повеќето енергенти, додека цените на храната се намалија.
Општо земено, ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени. Главниот ризик и понатаму претставува неизвесноста предизвикана од глобалните геополитички тензии и нивното влијание врз цените и економската активност во глобални рамки. Не треба да се занемарат и ризиците од пандемијата на КОВИД-19, којашто сѐ уште не е завршена. Во вакви услови уште повеќе доаѓа до израз потребата за водење претпазливи домашни политики. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците поврзани со нив и ќе продолжи со делување користејќи ги сите расположливи инструменти, со цел да се одржи стабилноста на девизниот курс и среднорочната ценовна стабилност.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Фискалната неодговорност на грбот на граѓаните и бизнисот

Укажувавме дека неодговорнототрошење на државните пари од стана на Владата на ДУИ и СДСМ ќе нè чини многу во годините кои доаѓаат, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„ Истата влада којашто петта година по ред се покажа како НАЈНЕУСПЕШНА влада во независна Македонија, којашто покрај продажбата на националните интереси не успеа да ја ублажи длабоката рецесија во 2020 година, не успеа да ја ограничи инфлацијата во 2022 година, не успеа да ја ублажи енергетската криза – за три години ќе креира нов долг од 2,9 милијарди евра, колку што за 10 години креираше претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Долгот во последните три години се креираше поради неодговорното трошење на државните пари, при регистрирани историски максимални суми за договорни услуги, сомнителни зделки пратени со криминали и корупција, а при најниски капитални расходи и отсуство на инфраструктурни инвестиции. Изговорот дека парите беа потрошени за кризите е издишан балон, зошто да беше така немаше да имаме најдлабока рецесија по онаа од осамостојувањето, немаше да имаме една од највисоките стапки на инфлација во Европа, немаше да имаме енергетска несигурност и несигурност за храна“, велат од партијата.
Како што додаваат, ова неодговорно креирање на долгот Владата планира да го пренесе на товар на граѓаните и бизнисот, без притоа да започне од сопствениот двор.
„Оваа влада нема никаков кредибилитет да се фали со даночни реформи во услови кога не престанува да вработува партиски војници во јавната администрација и не престанува да троши историски високи суми на стоки и услуги. Доказ за тоа е последниот ребаланс на буџетот за 2022 година“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Најавената даночна реформа од министерот за финансии, според ВМРО-ДПМНЕ, е само фарса во отсуство на вистинска битка за собирање на средства во државниот буџет.
„Даночната реформа преку која се најавува проширување на даночната основа со измени во даноците на добивка, личен доход и додадена вредност ќе собере околу 50 милиони евра годишно. Но, ако навистина сака оваа влада да собере средства во буџетот треба да почне од сивата економија од којашто годишно губи од 200-250 милиони годишно приходи од данокот на додадена вредност, данокот на добивка и останатите даноци. Дека вистинската битка не се води, доказ е тоа што петта година по ред оваа влада ја држи во фиока ‘Стратегијата за формализација на неформалната економија’. Петта година по ред нема никаква активност на ова поле. Зар до сега не требаше да се заинтересира оваа влада кои општини не плаќаат даноци, а добиваат високи трансфери од државниот буџет како ‘награда’ за нивната неуспешност? Праведниот пристап на оданочување нека започне од тие што не плаќаат данок, а не со изговор дека оваа влада тоа го прави преку прогресивниот данок на доход. Рамниот данок се докажа и покажа како успешен во сузбивање на сивата економија и собирање на значајни средства во државниот буџет.
Уште повеќе, несоодветната даночна реформа и несоодветниот тајминг за нејзино имплементирање ќе удри по штедењето на населението, кое во последниот период е значајно намалено поради намалениот расположлив доход во услови на висока инфлација и ниски номинални, а негативни реални каматни стапки. Ова ќе преставува удар на ликвидноста на банкарскиот систем и за идното кредитирање на бизнисите и населението. Несоодветносто укинување на одредени даночни ослободувања и укинувањето на повластениот третман за одредени категории приходи кај индивидуалните даноци може да се пренесе врз финалните цени, кои во денешни услови вртоглаво растат, а со тоа уште повеќе да ја подгрее инфлацијата. Зар треба да останат на власт? Потребни се предвремени парламентарни избори“, порачаа од опозициската партија.