Македонија
Компании дискутираа за можностите за извоз и за предизвиците
Тркалезна маса на тема „Развој на извозот и можности за трговски партнерства“, се одржа во средата во Скопје во организација на Македонија2025.
На тркалезната маса се дискутираа можностите за извоз на македонските компании, предизвиците со кои се соочуваат при откривање на нови пазари и промените кои треба да бидат имплементирани за да бидат поконкурентни.
Претседавачи со тркалезната маса беа Вера Ставроф, Претседател и Извршен Директор на HerbalScience и член на Одборот на директори на Македонија2025 и Живко Мукаетов, Извршен Директор и Претседател на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје, исто така член на Одборот на директори на Македонија2025.
На тркалезната маса учествуваа некои од најуспешните македонски компании од кондиторската индустрија, производители на вино и други прехрамбени производи кои веќе успешно извезуваат во регионот но и во светски рамки.
Мукаетов истакна дека овие се некои од клучните индустрии кои би можеле да и помогнат на Македонија да се позиционира како светски препознатлив бренд. Но, за да може сето тоа да се реализира потребна е синергија во дејствувањето на македонската бизнис заедница, институциите и на македонската бизнис дијаспора.
Македонија2025 како организација која има за цел да го помогне економскиот развој на земјата, преку својата глобална мрежа се труди да им ги отвори вратите на иновативните македонски компании кон светот. Тркалезната маса беше настан кој го најавува Форумот кој Македонија2025 ќе го одржи во Торонто, Канада на 23 и 24 октомври. Покрај бројните претставници од Северна Америка на Форумот ќе учествуваат и владини претставници од Македонија кои ќе ги презентираат инвестициските потенцијали на земјата како и бизнис делегација од Македонија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Зголемени цените во индустријата во ноември
Продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар во ноември 2025 година се зголемени за 0,3 отсто во однос на претходниот месец, соопшти Државниот завод за статистика.
Месечниот раст на цените е забележан кај интермедијарните производи, освен енергија, каде што има зголемување од 0,5 отсто, како и кај трајните производи за широка потрошувачка, кои пораснале за 3,0 отсто.
На годишно ниво, односно во споредба со ноември 2024 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се зголемени за 4,6 отсто. Во овој период, раст на цените е регистриран кај енергијата за 6,9 отсто, кај интермедијарните производи, освен енергија за 4,2 отсто, како и кај нетрајните производи за широка потрошувачка, каде што е забележано зголемување од 4,4 отсто.
Економија
Исплатени над 39 милиони денари на 663 оризопроизводители
Денеска е реализирана исплата на средства во вкупен износ од 39.065.031 денари кон 663 оризопроизводители.
Исплатата се однесува за финансиска поддршка од 6 денари по килограм предадена оризова арпа во откупувачки центри, за периодот од 1 март до 30 септември 2025 година, со ова се опфатени сите оризопроизводители од минатата реколта.
Министерството за земјоделство соопшти дека нивна цел останува зајакнувањето на домашното производство и поддршката на земјоделците.
Фото: pexels
Економија
Нова потенцијална инвестиција на компанијата „Интекар глобал“
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски оствари средба со генералниот менаџер на компанијата Интекар Глобал, Махмутхан Келеш. Средбата, која претставува продолжение на разговорите започнати минатиот месец, беше посветена на разгледување на конкретни можности за потенцијално инвестирање од минимум 20 милиони евра.
Директорот Димовски ги претстави активностите и приоритетите на Владата, при што ја истакна подготвеноста за поддршка на компании кои планираат проширување на своето присуство и реализација на развојни проекти кои носат висока додадена вредност.
Од страна на Махмутхан Келеш, генерален менаџер на компанијата Интекар Глобал беа презентирани досегашните резултати, како и визијата за натамошен развој, при што беше нагласен интересот за продлабочување на соработката и разгледување на можности за потенцијална инвестиција од минимум 20 милиони евра. Во тој контекст, беше потенцирана важноста на стабилната деловна средина и институционалната поддршка за успешно реализирање на долгорочни деловни планови.
Компанијата Интекар Глобал која веќе подолг период работи во Индустриската зона Дуброво, Неготино е водечки производител во индустријата за кабли со широк спектар на производи, од нисконапонски до средно напонски кабли, соларни кабли и специјални кабли. Компанијата е препознаена по високите стандарди за квалитет, флексибилноста во прилагодување на барањата на клиентите и силниот акцент на технолошки развој и енергетска ефикасност.
Оваа средба – продолжение на разговорите започнати ноември годинава, претставува дел од концептот посветен на активна комуникација и соработка со сите инвеститори. Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, останува и понатаму посветена на создавање стабилна и предвидлива деловна средина, преку партнерски однос со инвеститорите и институционална поддршка за реализација на инвестиции што придонесуваат кон економски раст и отворање нови работни места.

