Свет
OPEC одлучи да го намали производството, нафтата веднаш скокна за 5 отсто
Претставниците на членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) на дводневниот состанок во Алжир, во средата ноќта се договорија за намалување на производството на нафта за да ги поткрепат цените на „црното злато“ кои повеќе од две години се на ниски нивоа поради преголемата понуда, а станува збор за првиот таков договор од 2008 година, кој веднаш по објавувањето предизвика скок на цената за околу 5 отсто, пренесуваат агенциите.
Како што пренесе агенцијата Bloomberg News, пренесувајќи изјава на член на една од делегациите, во OPEC се согласиле да го намалат производството на сирова нафта за 796.000 барели на ден, што значи дека ќе произведуваат 32,5 милиони барели дневно. Станува зор за количеството коешто нафтениот картел го црпел во март, односно 32,47 милиони барели дневно, според податоците на Меѓународната агенција за енергетика (IEA).
Економскиот дневен весник The Wall Street Journal, пак, пишува дека е постигнат начелен договор за замрзнување на производство, а за деталите ќе се расправа на самитот на OPEC во неговото седиште во австриската престолнина Виена, на 30-ти ноември.
Информацијата истовремено ја потврдиле и извори за иранската агенција Shana, а ја пренесе и Reuters.
На Саудиска Арабија притоа ѝ е предложено да го намали производството на 442.000 барели дневно во однос на август до 10,1 милиони барели дневно. За Иран е препорачана квотата од 3,7 милиони барели, што значи пораст во производството на нафта за 52.000 барели дневно споредено со августовското ниво. За Нигерија и Либија, коишто имаат проблеми поради нарушената безбедносна ситуација во овие африкански земји, се предлага воопшто да бидат ослободени од намалувањето на производството.
Со договорот постигнат во рамките на OPEC кој дојде по тешките преговори се направи обид да се премостат несогласувањата меѓу членките кои малку пред 21 часот по средноевропско време, речиси пет часа по почетокот, уште учествувале на оваа неформална среда.
Ова ќе значи промена на однесувањето на Саудиска Арабија којашто досега не сакаше да размислува за намалување на производството, доколку тоа не го сторат и другите земји, во прв ред регионалниот ривал Иран, во настојувањата да се задржи својот пазарен удел. Русија, кој е вториот според обемот произведувач на сирова нафта во светот, чии претставници, исто така, присуствуваа во Алжир, соопшти дека одлуката ќе ја донесе по средбата на OPEC, на кој таа не е членка.
Веста веднаш поттикна раст на цената на сировата нафта на њујоршката берза, иако пазарите очекуваа дека состанокот во Алжир ќе заврши без договор. Цената на фјучерсите на нафтата од марката Brent со испораки во ноември годинава на берзата ICE во Лондон веднаш по оваа вест скокнаа за 4,6 отсто, до 48,36 долари./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Јавниот долг на Франција за првпат се изедначува со грчкиот
Франција за првпат ги изедначи трошоците за задолжување на Грција, со висок јавен долг и слабо балансирање на владата меѓу незадоволството на граѓаните и крајниот рок за усвојување на буџетот за следната година.
Во екот на должничката криза во еврозоната во 2012 година, трошоците за задолжување на Грција, мерени преку приносот на 10-годишните државни обврзници, беа за 37 процентни поени повисоки од приносот на француските обврзници со таа рочност, потсетува Ројтерс.
Приближно 12,5 години подоцна, приносите на долгорочниот грчки долг се движат околу три отсто и се само 0,02 процентни поени повисоки од приносите на францускиот долг.
Грција и натаму е членка на еврозоната со највисок јавен долг, мерено како удел во БДП, од 163,6 отсто на крајот на јуни. Во меѓувреме, Франција се доближи до неа и го зазеде третото место на скалата „должник“, со јавен долг од 112,2 отсто од БДП.
Економија
На Германија годишно ѝ се потребни 288.000 странски работници: „Пред нас е огромен предизвик“
Дологорочно, германскиот пазар на труд секоја година во значителна мера зависи од имигрантите – ова е заклучокот од анализата нарачана од Фондацијата „Бертелсман“.
Со цел да се задоволат потребите за работна сила и да се обезбеди благосостојба на Германија, имиграцијата на меѓународни работници, особено од трети земји, станува сè поважна. Затоа, до 2040 година ќе бидат потребни приближно 288.000 меѓународни работници годишно за да се обезбеди доволна понуда на работна сила.
Според студијата, бројот на работници, без дополнителни имигранти, ќе се намали до 2040 година од сегашните 46,4 милиони на 41,9 милион. До 2060 година тој број, без дополнителна имиграција, би можел да се намали за една четвртина, на само 35 милиони, пишува „Дојче веле“.
„Демографските промени, кои во наредните години поради пензионирањето на генерацијата ќе претставуваат големи предизвици за германскиот пазар на труд, бараат и имиграција“, вели Сузане Шулц, експерт за миграција од Фондацијата „Бертелсман“.
„Се разбира, пред сè, мора да се развие домашниот потенцијал на работната сила – и локалните жители и луѓето што веќе се преселиле тука и да се зголеми нивното учество на пазарот на трудот. Сепак, идните потреби до 2040 година не може да се задоволат само на овој начин“.
Реформираниот закон за имиграција на квалификувана работна сила дава нови можности за работниците заинтересирани за Германија. Сепак, според студијата, тие нема да дојдат без изразена култура на добредојде во институциите, компаниите и заедниците, како и без долгорочни изгледи за престој.
До 2024 година нема да бидат еднакво погодени сите германски сојузни покраини од недостигот на имиграција. Според студијата, најголем пад на работната сила ќе биде забележан во Тирингија, Саксонија-Анхалт и Сар, со повеќе од десет проценти. Помал пад, под десет проценти, се очекува во Хамбург, Берлин и Бранденбург.
Нивото на потребите за имиграција во сојузните покраини зависи од проекцијата на потребната работна сила до 2040 година.
Економија
Илон Маск го сруши сопствениот рекорд на богатство, има 347,8 милијарди долари
Богатството на американскиот тајкун Илон Маск достигна рекордни 347,8 милијарди долари во петокот, поттикнато од континуираните добивки во акциите на „Тесла“ и новата рунда на финансирање откако неговиот стартап со вештачка интелигенција беше проценет на 50 милијарди долари.
Многу компании на Маск забележаа пораст на нивната вредност откако изборната победа на Доналд Трамп го круниса со политичко внимание.
Акциите на Тесла пораснале за 3,8 отсто во петокот, продолжувајќи да го поттикнува оптимизмот дека плановите на тимот на Трамп за автономни возила и субвенции за електрични возила ќе и дадат предност на компанијата на Маск пред конкуренцијата.
Маск, најбогатиот човек на светот, сега го собори сопствениот рекорд од 340,4 милијарди долари поставен во ноември 2021 година, според индексот на милијардери на „Блумберг“.