Економија
За четири месеци НБМ откупила 105 милиони евра

Од јули досега, Народна банка на Македонија откупила 105 милиони евра на девизниот пазар и со тоа надоместила на 80 отсто од продажбите во периодот април- мај, кога НБМ интервенираше за да ги смири шпекулациите околу девизниот курс на денарот, беше соопштено во четвртокот.
Купувањето на девизите придонесе за натамошно подобрување на денарската ликвидност на банките во земјата. Банката петти месец по ред го откупува вишокот девизи од банките, и со тоа ги надополнува девизните резерви.
Во октомври фирмите имале зголемена понуда на девизи, при истовремен пад на побарувачката. Подобри остварување се забележуваат и на девизниот пазар на банките со физички лица, во услови на стабилизирање на побарувачката и на натамошниот раст на понудата на девизи. Во текот на ноември банките повторно оствариле нето-откуп на девизи од физички лица.
Во однос инфлацијата, по неколкумесечно намалување на потрошувачките цени, просечната годишна стапка во септември и октомври е умерено позитивна и изнесува 0,2 отсто, во просек предизвикана од растот на базичната инфлација./крај/мф/вп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ХЕРА: Дополнителни 2,5 милијарди или 15 % раст на БДП, доколку вработеноста на жените е иста како кај мажите

Дополнителни 2,5 милијарди или 15 % раст на БДП, доколку вработеноста на жените е иста како кај мажите, ова е заклучокот од Националната конференција од проектот „Заедно за родова еднаквост: Градење поддршка за родово инклузивни политики“, во организација на ХЕРА, со поддршка на Британска амбасада.
За Економски придобивки од родовата еднаквост зборуваше Бранимир Јовановиќ од Виенски институт за интернационални економски студии, Австрија кој рече дека е голема дискрапанцата помеѓу мажите и жените коишто работат.
Проценките за макроекономските ефекти по БДП покажуваат дека ако вработеноста на жените е иста како кај мажите во Македонија, тоа ќе даде дополнителни 2,5 милијарди евра во БДП, односно пораст на БДП за 15 %. Растот од 15 % БДП всушност е економскиот раст кој го има постигнато државата во изминатите 8 години, што укажува колку се значајни придобивките од постигнувањето на родовата еднаквост.
„Околу 53 %, односно повеќе од половина од мажите што можат да работат работат. Кај жените процентот е многу понизок само 38 %. Грубо кажано секоја трета жена што може да работи работи, а кај мажите секој втор маж работи. Огромен јаз има и во економската структура помеѓу мажите и жените. И тие релативно мал број жени коишто работат во државата заработуваат многу помалце од она што го заработуваат мажите, односно постои родов јаз во платите и изнесува 16 %. Ако споредите жена и маж што работат иста работа ќе видите дека жената е платена помалце од 84%. Овој родов јаз постои и во Европа, но изнесува 12%“, рече Јовановиќ.
Елизабета Божиноска, Програмска директорка, ХЕРА рече дека 93% од граѓаните потврдуваат дека постои родовата нееднаквост во државата, од кои 64 % сметаат дека таа е реален или потценет проблем. Дополнително дури 60 % од граѓаните препознаваат колку е важна родовата еднаквост како вредност во интегративните процеси на земјата со ЕУ. Таа ги истакна наодите од пилотирањето на алатката РЕСИ – родовата еднаквост и социјална инклузија на Законот за детска заштита и клучните препораки за поголема активација на жените на пазарот на трудот поврзани со овој Закон: подобрен пристап до градинки и установи за згрижување на деца во предучилишна возраст и други алтернативни форми за згрижување на деца ,искористување на неактивниот/ невработениот дел на популациајта во услугите за грижа и нивно вклучување во платена работа, отворање на детски градинки во состав на правни лица во јавни институции, приватен и граѓанскиот сектор.
Милка Димитровска, професорка од Институт за социолошки и политичко-правни истражувања која ја презентираше студијата за перцепциите и ставовите на граѓаните за родовите прашања. Таа истакна дека кога станува збор за обесправеноста на жените 87% препознаваат дека жените се најобесправена група, а од трите сектори кадешто жените се најмногу дискриминирани покрај политиката влегуваат обезбедувањето на социјални услуги и пазарот на трудот.
Во однос на перцепцијата за професии 71,3 % од граѓаните сметаат дека и мажите и жените се подеднакво способни да ја работат било која работа. Но, се уште постојат стереотипи така што половина од граѓаните рекоаа дека ризичните работи не се жаните, додека 30 % се изјаснија дека негувателските професии не се мажите“, рече Димитровска.
Економија
Замрзнувањето на цените дава позитивни ефекти, потрошувачката кошничка пониска за над 2.000 денари, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Владината мерка за замрзнување на цените и ограничување на маржите на основните прехранбени производи има позитивни ефекти, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Според анализите на ССМ, во месец февруари 2025 година, трошокот за храна и пијалаци на едно четиричлено семејство изнесувал 23.427 денари. Во март истиот трошок се намалил на 21.838 денари, што претставува намалување од околу 3%. Во април, трошокот дополнително опаднал на 21.280 денари, што претставува вкупно намалување од 2.147 денари или речиси 9% во споредба со февруари“, се наведува во соопштението.
Покрај намалувањето на трошоците, велат од ВМРО-ДПМНЕ, во март е регистрирано и намалување на инфлацијата, која падна на 2.7%, што е за 1.3% помалку во однос на февруари.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ донесе две одлуки за ограничување на бруто профитните маржи, кои овој пат беа скалесто поставени на 5%, 10% и 15% во зависност од производите, а според ДЗС ефектот е позитивен од двете владини одлуки. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ изработува нова потрошувачка кошничка, а цените ќе се пресметуваат како просек од неколку маркети, и кошничката ќе биде јавно достапна. Во рамки на спроведувањето на мерките, досега се извршени над 600 инспекциски контроли во трговијата на големо и мало, затворени се осум објекти поради прекршување на мерките, а контролите ќе продолжат до 30 април“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
Состојбата со електричната енергија под постојан надзор – координирана акција на клучните институции

На денешниот состанок на ресорската група за енергетика, што се одржа во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, беа разгледани моменталните состојби со снабдувањето со електрична енергија и тековните активности на главните актери во системот. Групата, која ја сочинуваат сите релевантни институции и компании – АД ЕСМ, МЕМО, МЕПСО, Регулаторната комисија и други партнери од секторот, е формирана по иницијатива на министерката Сања Божиновска и има задача да обезбедува постојана координација и брза реакција при какви било ризици во снабдувањето.
Главна тема на состанокот беше анализата на потрошувачката за време на претходните празници и подготвеноста на системот за следниот викенд за време на првомајските празници. Заклучено е дека мрежата успешно го амортизирала зголемениот притисок, без поголеми нарушувања, а сите капацитети остануваат мобилизирани и за претстојниот период.
Од страна на АД ЕСМ беше посочено дека водостојот, кој на крајот на минатата година беше на критични 11%, сега е стабилизиран над 30%, благодарение на внимателното и штедливо управување со ресурсите. Се работи, како што истакнаа од компанијата, со „домаќински и одговорен пристап“ кој веќе дава резултати.
Се разговараше и за напредокот на тековните енергетски проекти, фазите во кои се наоѓаат и предизвиците со кои се соочуваат. Дел од нив се одвиваат според динамиката, додека за некои се иницирани интерни постапки за надминување на забавувањата. Во фокусот беа и идните планови за инвестиции со кои би се зголемила сигурноста и отпорноста на електроенергетската мрежа.
Според министерката Божиновска, ваквата редовна координација е суштинска:
„Секоја проценка, секоја анализа и секој чекор што го правиме има една цел – стабилно и безбедно снабдување за граѓаните и стопанството. Континуираниот дијалог меѓу институциите е гаранција дека навреме ќе ги адресираме сите можни ризици.“
Ресорската група ќе продолжи со редовни состаноци и известувања до јавноста, со акцент на транспарентност и професионален пристап во управувањето со националниот енергетски систем.