Контакт

Истражувања

(ВИДЕО) Каде завршувале парите од донации во Домот за деца без родители „11 Октомври“?

Објавено пред

Пишува Кристијан Ландов

Искршена ограда и дотрајани клупи. Зеленилото се изгубило меѓу догорчињата од цигари. Дотрајани фотелји, излупени ѕидови, искршени врати. Ова е првата слика од Домот „11 Октомври“ каде што со години се донира за штитениците, а нема никаков резултат. Првото прашање што се наметнува е каде завршувале парите на граѓаните и многуте донатори ако Домот останал непроменет како пред речиси сто години?

Оваа институција е дом за 50-ина деца. Но, државата за нив е маќеа. Прв човек на Домот до пред една седмица беше директорката Ристенка Атанасова. Осум години задолжена за социјалната и здравствената заштита на штитениците, донациската сметка и фондовите, ресурсите и условите.

Ладните ходници на Домот, каде што е оставен истрошоениот мебел, прашината по прозорците и пајаковите мрежи, заедно со влагата по ќошовите, не оставаат впечаток дека оваа установа е специјализирана за грижа на децата без родителска грижа. Екипата на „Макфакс“ можеше да ги забележи и догорчињата од цигари во собите, ниското ниво на хигиена, но и празните кујни каде што, наместо шест стола со маса, има дотрајана врата, која своето место си го нашла потпрена на немолерисаните ѕидови. Во просториите, освен вратите, кои практично не се затвораат, има и искршено огледало, кабли што се развлекуваат по ѕидовите, скршени стакла, но и прекинувачи кои се надвор од функција. Низ прозорците, наместо зеленило и поглед кон булеварот, отпадоци расфрлани низ дворот.

Лошата состојба ја потврди и стручниот надзор кој бил испратен лани од техничката министерка за труд и социјална политика, Фросина Ременски. Од Министерството на 11.11.2016 година било наложено да се изврши механичко чистење и дезинфекција на целиот објект, молерисување, но и санирање на оштетениот мебел. Подобрувањето на хигиената и поправката на санитарните јазли биле меѓу последните точки по кои директорката требало да постапи. Иако Атанасова писмено била известена за недостатоците, таа не ја подобрила состојбата со образложение дека Домот нема пари за тоа.

Во 2014 и 2015 година директорката Атанасова побарала и добила 500.000 денари од страна на Министерството, чија намена била подобрување на животниот стандард во Домот. Состојбата во „11 Октомври“ била толку лоша што МТСП побарало затворање на објектот сè до отстранување на недостатоците. Но, поради непостоење друг објект од ваква категорија, Министерството донело решение со кое бара итно преземање на потребните мерки со цел санирање на актуелната ситуација. Но по една година, на подовите шетаат лебарки, а орманите се со искршени врати.

Со години во Домот се слеваа илјадници донации, дел од нив во финансиски средства, а другите како материјални добра. Аголни гарнитури, бела техника, компјутери, опрема за сали за вежбање, фенови за коса, чизми, машини за перење, опрема за игротека, облека, телевизори и велосипеди. Кога комисија на МТСП тропнала на вратите од Домот, увиделе дека сите овие донации не биле сметководствено евидентирани и за нив нема договор за донација во писмена форма, односно договори со кои се регулира на кој начин ќе бидат трошени средствата. За некои од нив нема ниту издаден реверс. Како донатори се впишуваат имиња на приватни компании, државни институции, но и функционери. Во 2016 евидентирани се 212.844 илјади денари врз база на донации, а веќе во февруари има повеќе од 350 илјади. Почетното салдо од јануари 2016 година на буџетската сметка од Домот изнесувало 597.974 денари за по единаесет месеци да останат само 180.426 денари. Пред заминувањето Атанасова на донаторската сметка оставила само 72.973 денари. И покрај трошењето на овие пари, состојбата во Домот и натаму е иста, а недостатоците не се поправени. Од расходната класификација се гледа дека 43.796 денари се исплатени како репрезентација, а 20.000 денари за објавување огласи во огласникот „Јелоу пејџис“.

Но, финансиски средства за остранување на лошата санитарно-хигиенска и техничка состојба немало. Оваа состојба во Домот „11 Октомври“, со кој 8 години раководеше Атанасова, претставувала потенцијална опасност за појава и ширење заразни болести меѓу децата и персоналот. Сомнежот за недомаќинското и ненаменско трошење на парите што Домот ги добивал од физички и правни лица придонел донациите да се намалуваат, а со тоа да ѝ се нанесе штета на установата.

Некои од донаторите за „Макфакс“ тврдат дека кога изразиле желба да донираат им било кажано тоа да го направат во кеш, со што не сакале да помогнат.
Недоследности имало и со џепарлакот што го добивале штитениците. Домот има правило, кое вели дека доколку некое од децата оштети имот на Домот, треба да му се одзема симболична сума од џепарлакот. „Макфакс“ дојде до информации кои велат дека дневниот џепарлак, кој треба штитениците да го добиваат, им бил неосновано одземан, без тој сметководствено да се оправда за што бил пренаменет. Во Домот имало случај кога за скршено огледало му бил скратен џепарлакот на еден од штитениците, но штетата била наплатена истовремено и од буџетската сметка на Домот.

Директорката Ристенка Атанасова тврдела дека не можела да ја санира лошата состојба во Домот поради недостиг на финансиски средства, но од службената сметка плаќала суми од 6.000 до 7.000 илјади денари за телефонски разговори со образложение дека таа е директор, иако ѝ било дозволено само 2.000 денари. Од сметката на Домот „11 Октомври“ таа набавувала и по 5 килограми лешници, ф’стаци и бадеми, без тие да бидат евидентирани во магацинот како што е пропишано за сите набавки.

На фактурите до кои дојде „Макфакс“ може да се види дека Атанасова купувала и часовници од по 6.000 денари, односно за нив исплатила 580 евра, а не се знае каде завршиле тие, односно нема документација за нивната намена. Во сметководствените евиденции е и онаа за телефонски апарат платен од Домот во износ од 45.000 денари, со кој се служела Атанасова. Сметките за јадење и пиење пристигнуваат во Домот и по нејзиното заминување од директорската фотелја. Атанасова за време на зимувањето на штитениците во ски-центрот на Попова Шапка се гоштевала и со бело вино, а на фактурите може да се забележат и други алкохолни пијалаци, како коњак и ракија. Од дописите со туристичките агенции видливо е дека Атанасова додека била на службен пат во Германија и во САД со себе го носела и синот, но допрва се испитува со кои средства е платен билетот.

Осумгодишното раководење на Домот од страна на доскорешната директорка Ристенка Атанасова одело дотаму, па поради недостиг на кадар, чуварот го унапредила во воспитувач, а воспитувачката била задолжена да ги извршува работните задачи како психолог, што е утврдено и во записникот на Министерството за труд и социјална политика, кој е полн со нерегуларности во работата.
Директорката Ристенка Атанасова беше дел и од бомбите на опозицијата, каде што можеше да се чуе како ги врбува штитениците кои станале полнолетни да гласаат за Никола Груевски.

„Еее вака сега министре, прашав еднаш во домот јас нели блиску и живеам. Имаме значи две деца што имаат лична карта на Скопје тие ќе гласаат тука во домот, тоа се Колев Виктор и Елизабета, другите имаме уште 6 дечиња што се полнолетни меѓутоа и они сакаат ако им се плати патот би оделе да гласаат за Груевски буквално така викаат“, вели Атанасова во „бомбата“ објавена од СДСМ.

Атанасова одела дотаму што пред неколку години од работа избркала самохрана мајка со образложение дека била принудена од страна на ВМРО-ДПМНЕ за да се ослободи место за партиски кадар. Истата директорка вработила лице што подоцна завршило во љубовна врска со штитеник на Домот со кого подоцна се венчала.

Работата на Ристенка Атанасова како директор на Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ не била цел на увид во МТСП сè додека на позицијата технички министер не застана Фросина Ременски. Техничката министерка по основ на недоставување извештај за финансиско и материјално работење на Домот, што е законска обврска на директорката, ја разреши од позицијата. Атанасова еден и пол месец по разрешувањето била ангажирана со договор на дело во затворот во Шуто Оризари, но тука се случува уште еден преседан. Иако не била вработена во „11 Октомври“ одреден период, Агенцијата за вработување со цел да нема прекин во стажот, ѝ го продoлжила стажот, а со тоа ѝ биле исплатени и платите со надоместоците.

По толку години на оваа функција, останува прашањето – каде завршувале донациите и дали некој има намера да изврши ревизија на финансиското работење?

Во Домот не знаат со кои средства е изградена ботаничката градина од која останале само оштетен плексиглас и старо железо. Неколку метри подолу, расфрлани камења, фонтана и стари алишта. Искршените детски реквизити асоцираат на хорор-филм од реномиран режисер. Всушност, вака изгледа дворот на Домот за деца без родители „11 Октомври“ – Скопје. Единствено, нова е фасадата на објектот, заедно со спортската сала, која поранешниот премиер Никола Груевски ја пушти во употреба, без да има извршен технички прием. Шестотините илјади евра вложени во оваа сала сега само ги зголемуваат трошоците на Домот бидејќи товарот за режиските давачки паѓа на нивниот грб. Наместо трошоците да се намалуваат, а животот на штитениците да се подобрува, во овој дом сè оди по обратен редослед. Салата која е пуштена во употреба само пред медиумите, никогаш не проработела, па се отвора прашањето дали намерата на поранешната влада била салата да биде издадена под концесија за некој на државен трошок да стопанисува и да прави профит?

По осум години директорување, Атанасова повеќе не е на раководната позиција во Домот, а зад неа оставила состојба која итно треба да се санира. Останува отворено прашањето дали Обвинителството по допрен глас ќе отвори истрага против незаконските трошења средства од Домот.

Снимател: Влатко Желчески / Монтажа: Бојан Ефремов



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Истражувања

(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница

Објавено пред

Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара железничка прво гради хотел. Зад „Рамстор“ веќе се гледа објект од приземје и четири ката, а во исто време на трасата на подземната сообраќајница видливи се само подготовки за градење. Овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.

Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат другите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.

Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.

Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.

„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.

Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.

„Според распоредот за изградба на ‘Лимак’, подземната сообраќајница ќе биде прва точка од проектот на ‘Лимак’, кој ќе се гради на парцелата 1.1. ‘Лимак’ прво ќе ја гради подземната сообраќајница на секвенци на парцелата 1.1 и ќе работи нагоре за да ги комплетира паркинзите, а дури потоа ќе почне со активности за изградба на станбените објекти и трговскиот центар кои е предвидено да се наоѓаат на ова место. Според инженерите, ова е сосема изводлив проект. Планирано и буџетирано е дека ‘Лимак’ ќе инвестира до 250 милиони евра за да го заврши овој проект“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од компанијата се правдаат дека почнале да го градат хотелот зад „Рамстор“ оти заедно со локацијата го презеле и одобрението за градење што претходниот инвеститор го добил во 2008 година. Морале да почнат да градат оти биле обврзани во рок од десет години од издавањето на одобрението градбата да заврши. Поради истечениот рок за завршување на градбата „Лимак“ плаќа казна од два милиона денари месечно.

Официјално изградбата на комплексот кај Јужен булевар Турците ја почнаа лани во септември и најавија дека подземната сообраќајница ќе биде готова за 20 месеци, односно до средната на 2020 година. Ќе се гради прво потпорен ѕид од 17.000 квадратни метри околу сите парцели опфатени со проектот.

„Лимак“ на просторот кај Стара железничка станица покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници, трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра. Лани за комуналии на Град Скопје се обврза да му исплати 6,5 милиони евра на рати, а за 20 отсто помала сума треба да исплати на име комуналии и во Општина Центар.

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) Турците ем градат кај Стара железничка ем плаќаат казна од 2 милиона денари месечно

Објавено пред

Турската компанија „Лимак“, која го гради комплексот со дваесеткатници кај Старата железничка станица, месечно уплаќа по  2 милиони денари во буџетот на Република Македонија како казна за нереализиран договор со Министерството за транспорт и врски, покажа истражување на „Макфакс“. Во договорот фирмата е обврзана во рок од десет години да изгради хотел, но рокот истече, а хотелот не е изграден, па „Лимак“ од средината на минатата година плаќа казна за неградење. Во исто време почна и да гради, наспроти гласното противење на скопјани против нови објекти во строгиот центар на градот. Хотелот, за кој плаќа казна, како и сите останати содржини што ги најави компанијата, се на државно земјиште кое Министерството за транспорт го продаде на „Лимак“.

„Компанијата е обврзана да плаќа договорна казна во висина од 1,5 отсто од вкупно постигнатата цена на јавното наддавање на предметното земјиште за секој изминат месец во првата година од истек на рокот, односно по 2.004.336 денари месечно, почнувајќи од 24.06.2018 година“, велат од Министерството за транспорт и врски за „Макфакс“.

Казната е за неизградениот хотел „Радисон“, кој во Скопје требаше да го изгради британската компанија „ХЛХ Македонија“, која доби и одобрение за градење во 2008 година, но откако не го изградија, земјиштето беше повторно вратено во државна сопственост, а Министерството за транспорт и врски во 2012 година го продаде на „Лимак“ во пакет со целото земјиште околу Старата железничка станица. „Лимак“ ја презеле обврската да изгради хотел, а го наследил и одобрението за градење поради кое сега плаќа казна.

„Претходниот инвеститор/изведувач ја има добиено градежната дозвола во јуни 2008 година. Според договорот со министерот за транспорт, изградбата требаше да заврши во рок од 10 години по издавањето на дозволата. Крајниот рок беше јуни/2018 година. Така, бидејќи се презема локацијата, ‘Лимак’ почна да ги плаќа соодветните месечни казни. Ова се однесува само за конкретната парцела, 1.12. Не за другите локации од мултифункционалниот комплекс“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од турската компанија велат дека се отворени за соработка, но не сакаат да зборуваат пред камера.

Државата, преку Министерството за транспорт и врски им продаде вкупно 41.824 квадратни метри на Турците за вкупно 231.827.204 денари, или 3,7 милиони евра, земјиште поделено во две големи парцели. „Лимак“, пак, минатата година во септември и официјално ја почна изградбата на мултифункционален комплекс кој покрај четри дваесеткатници и хотел предвидено е да има трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Турците, заедно со комплексот, треба да ја изградат и подземната сообраќајница на Јужен булевар на која се чека уште од 2012 година.

Следно: „Лимак“ го изигра Градот, гради хотел место прво да ја изгради подземната сообраќајница

 

Прикажи повеќе...

Истражувања

(ВИДЕО) Градоначалничката на Арачиново со службени пари купувала суџук, мирисливи свеќи, пилешки гради и дрвени лажици

Објавено пред

Цигари, влажни марамчиња, мирисливи свеќи, калап за печење мафини, решо, дрвени лажици, чајник, се дел од работите што Општина Арачиново ги купувала со буџетот за репрезентација, кој најчесто е предвиден за службени ручеци, посети на странски делегации и работни состаноци.

До ноември минатата година Општина Арачиново потрошила околу 7 илјади евра во ресторани и кафеани, но повеќето од трошоците немаат допирна точка со репрезентација.

Па, така, редовно во Општината се купувале кроасани „севн дејс“, влажни марамчиња, мирисливи свеќи од лаванда, ванила, портокал, релаксирачки освежувачи за простор, кремови за раце… Општината трошела и за овошје, се купувале банани, ананас, киви. Од парите за репрезентација се издвојувало и за средства за чистење стакло, ламинат, „доместос“, влажни марамчиња, солна киселина, бришачи за стакло.

Но, не се застанало тука, па Општината решила да се поднови и во делот на домаќинството – минатата година во јануари Арачиново се подновило со решо, дрвена лажица, чајник, тацни и лажици за чај, калап за печење мафини и 5 алуминиумски овали.

Иако парите за репрезентација по правило се користат за ручеци и вечери кога доаѓаат странски делегации или претставници на државни институции, Општина Арачиново ги трошела на маслинки, пилешки шунки, руски салати, гуми за џвакање, димено месо, босански суџук, шеќер, чоколади. Еден ваков шопинг Општината ја чинел од 7 до 8 илјади денари.

Поголем дел од парите бил трошен во ресторани и кафеани, но во документите не пишува кој јадел и пиел ниту, пак, со каква цел бил одржан ручекот или вечерата, а само за дел може да се види што било нарачувано со парите. Најчесто сметките изнесуваат од 50 до 100 евра, но има и сметки од 500 евра за ручек или вечера.

Градоначалничката на Арачиново, Миликије Халими, два дена не беше достапна да одговори на нашите повици и да образложи дали со парите за репрезентација се купувале работи за домашна употреба или, пак, калапите за печење мафини биле за потребите на Општината.

Трошоците за репрезентација во општините не се регулирани на национално ниво, а само некои од општините имаат донесено правилници во кои се регулира како треба да се трошат парите за оваа намена.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија9 часа

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не сакаат да се договорат за една изборна единица

Многуте повици од помалите партии за измени на Изборниот законик, со кои ќе се воведе една изборна единица и отворени...

Анализи10 часа

Политиката го подели СЈО на табори

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции....

Македонија10 часа

Ѓорчев: Не се грижам кој ќе биде противкандидат од СДСМ, тие го излажаа народот

Без да одговара на новинарски прашања, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев ја објави кандидатурата за претседател на државата. Тој повеќе...

Истражувања13 часа

(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница

Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара...

Македонија13 часа

Врховните судии ќе расправаат дали СЈО може да отвора истраги и да презема предмети

Адвокати на обвинети во предметите на специјалното јавно обвинителство, преку неколку иницијативи, бараат од Врховен начелно правно мислење за постапките...

Македонија14 часа

Нимиц: Длабоки и опасни последици ако не успее преспанскиот договор

Специјалниот пратеник на Обединетите нации, Метју Нимиц, предупредува дека пропаѓањето на преспанскиот договор би имало опасни последици за двете страни,...

Свет14 часа

Шпанските спасувачи во трка со времето – ќе успеат ли да го извлечат двегодишното дете од бунарот

Шпанските спасувачи се во трка со времето и неизвесно е дали ќе успеат да го извлечат двегодишното дете кое пред...

Македонија14 часа

Протестот за воздухот в сабота за едни политички за други неопходен

Нова најава за протест против загадувањето на воздухот од синоќа ги подели скопјани на верници и луѓе кои повеќе не...

Македонија14 часа

Зоран Заев: Мијалков ги охрабрувал пратениците да гласаат за промена на името

Претседателот на Владата, Зоран Заев, во интервју за „Алсат“ призна дека ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалоков, лично разговарал со 8-те...

Регион15 часа

Во Грција почна расправата за ратификација на преспанскиот договор

Грчкиот парламент ја почна расправата за ратификувањето на преспанскиот одговор, а гласањето сепак ќе се случува в петок, пишува грчката...

Свет16 часа

(Видео) Петгодишни девојчиња на минус 45 степени избегале од градинка во Сибир

Две девојчиња на возраст од пет години избегале од градинка во рускиот град Јакутск во Сибир, при што се здобиле...

bugarija-eu bugarija-eu
Регион16 часа

Бугарија става крај на продажбата на државјанства

Бугарија планира да стави крај на програмата за продажбата на државјанства на богати поединци, соопшти Министерството за правда во Бугарија,...

Вести16 часа

(Видео) Москва: Патникот кој се обиде да киднапира руски авион бил под дејство на алкохол

Рускиот истражен комитет објави дека патникот осомничен за киднапирање на патничкиот авион на „Аерофлота”, немал никаков вид експлозив или оружје...

Свет17 часа

Конгресот му забрани на Трамп да излезе од НАТО

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес усвои закон за поддршка на НАТО, со кој му се забранува на американскиот претседател, Доналд...

Регион17 часа

Косовскиот суд осуди повеќе лица за тероризам во Сирија

Судот во Приштина осуди едно лице на пет години затвор поради учество во терористички групи во Сирија. Од судот соопштија...

Свет17 часа

Американските сенатори Меконел и Шумер ќе гласаат за граничниот ѕид

Лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич Меконел, закажа гласање во четврток за целосно финансирање на пограничниот ѕид што го бара...

Свет18 часа

Мадуро: Венецуела ќе ги преиспита односите со САД и ќе преземе политички мерки

Каракас ќе ја преиспита својата врска со САД откако американскиот потпретседател, Мајк Пенс, изрази поддршка за идејата на опозицискиот водач...

Свет19 часа

Еврејска група тужи бразилски карикатурист поради карикатура на Нетанјаху и Болсонаро

Еврејската заедница во Бразил го тужи славниот политички карикатурист Ароира за антисемитизам поради карикатура што ги прикажува бразилскиот претседател, Јаир...

Македонија1 ден

Собранието објави оглас за aнтикорупциската комисија, Тасева обвинува дека добрите антикорупционери не се пожелни

Собранието го објави огласот за избор на новиот состав на Комисијата за спречување на корупцијата. Огласот ќе трае 7 дена...

Свет1 ден

Вес Мичел поднесе оставка, идниот месец заминува од Стејт департментот

Вес Мичел, помошник-државен секретар на САД, наредниот месец заминува од функцијата во Стејт департмент поради лични и професионални причини. „Две...

Досие