Контакт

Истражувања

Децата со пречки во развојот и натаму низ институционален лавиринт

Објавено пред

Исти, но, сепак, различни. Прифатени, но не и интегрирани. Впишани во законите, но само на хартија. Вака родителите ја опишуваат ситуацијата во која се наоѓаат заедно со своите деца кои имаат пречки во развојот. Во светски рамки, степенот на ангажираност за оваа категорија граѓани е на највисоко ниво, со цел задоволување на нивните специфични потреби. Каква е состојбата во Македонија, каде наместо во дневни центри, овие деца во шатори, на ниски температури, остануваат три дена во паркот Жена борец?

Пишува: Кристијан Ландов

ПРОБЛЕМИТЕ ДОБИВААТ САМО ВЕТУВАЊЕ ЗА РЕШАВАЊЕ

Поранешната министерка во привремената Влада за спроведување на изборите, Фросина Ташевска-Ременски, вели дека очекувала ваков чекор од граѓаните, а заедничка точка со сегашниот технички министер Ибрахим Ибрахими и неговите претходници им се ветувања за исполнување на барањата. Родителите се децидни, велат дека не им требаат финансиски средства, потребни им се нормални услови за нивните деца да можат да функционираат.

„Она во што можам да ги уверам родителите и јавноста е дека сите прашања кои пристигнуваа до нас, конкретно до Министерството за труд и социјална политика, се нотирани и суштински и афирмативно се ставени во владината програма, која ќе биде програма за работа во следниот период“, вели Фросина Ташевска-Ременски.

Ибрахим Ибрахими по четири месеци во министерското столче вели дека ни чул, ни видел дека лицата со попреченост имаат проблеми кои го попречуваат нормалното функционирање во секојдневието. Првото запознавање со нив бил моментот кога му биле доставени барањата од Здружението „Сплотени срца“.

„Барањата кои се во делот на законските измени ветувам како министер дека ќе ги разгледаме, а најголем дел од барањата кои се однесуваат на работата на МТСП се прифатливи. Ние чекаме да се формира Влада за да поминат тие законски измени“, вели министерот Ибрахими, додавајќи дека тие треба сами да одлучат дали и по неговото ветување треба да останат под отворено небо.

Родителите велат дека барањата кои деновиве ги доставиле до Министерството за труд и социјална политика тие ги имале уште пред три години.

МТСП: ЗА 436 ЛИЦА, СЕ ГРИЖАТ 137 ВРАБОТЕНИ

ФРОСИНА Т. РЕМЕСКИ: ИМА НЕДОСТИГ НА КАДАР ВО ДНЕВНИТЕ ЦЕНТРИ

Во Македонија има вкупно 29 дневни центри за децата со пречки во развојот, но функционалноста и одребите од законите кои се однесуваат на овие лица, поврзани со возрасната граница – се дискутабилни. Тие треба да згрижуваат лица со умерени и тешки пречки во менталниот развој. Од Министерството за труд и социјална политика точно ги наведуваат потребните профили на стручен кадар, притоа напоменуваат дека се грижат за сите категории деца кои имаат пречки во развојот, но зборуваат за екипираноста.

„Моментално со услугите на Дневните центри се опфатени 436 корисници од страна на 137 вработени лица“, велат од МТСП не наведувајќи дали оваа бројка ги опфаќа хигиеничарите, раководните лица и другиот технички персонал. Математички пресметано, еден вработен се грижи за три лица со попреченост во развојот, но само ако сите 137 вработени се негуватели.

Министерката Ремески, која беше на оваа позиција, вели дека во време на нејзиниот мандат имало недостиг на дефектолози, психолози и друг стручен кадар, а истото не е потенцирано во одговорот од МТСП, ниту, пак, во говорот на министерот Ибрахими.

„Центрите за социјални работи и дневните центри речиси немаат ресурси за да направат дневна обиколка до сите семејства кои имаат деца со попреченост за да ги транспортираат и да ги донесат во дневните центри за да се вклопат во програмите по кои работат“, вели Фросина Ташевска-Ремески, потенцирајќи дека овие промени ќе ги спроведе новата Влада.

„Дневниот центар се состои од соба со кауч на кој можеби некој умрел и две медицински лица кои волонтираат“, сведочи Димитар Срапанов, родител на дете со пречки во развојот во присуство на министерот за труд и социјална политика, кој, пак, не противречеше туку молчеше.

Во Македонија, 25 Дневни центри се за лица со умерена и тешка ментална попреченост, 1 за деца со церебрална парализа, 1 за деца со оштетен вид на предучилишна возраст во Скопје и 2 за деца со аутизам, во Скопје и во Штип. Министерот Ибрахими ветува дека ќе работат на отворање на повеќе центри, не објаснувајќи дали ќе ги подобрат условите во постоечките. Од здружението „Сплотени срца“ велат дека има интерес преку странски донации да се отвораат центри кои ќе работат со децата. Додаваат дека може да се најде решение за еден ден, само ако се има волја.

ОБРАЗОВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ БЕЗ СТРУЧЕН КАДАР

ВОЛОНТЕРИ СЕ ГРИЖАТ ЗА ОВАА КАТЕГОРИЈА ДЕЦА

Уставот на Република Македонија во член 44 утврдува дека секој има право на образование, достапно на секого под еднакви услови, при што основното и средното образование се задолжителни. Според искуство на еден родител на деца со нормален развој, кадарот во училиштата што е задолжен за грижа надвор од образовната дејност, како што се педагозите, дефектолозите и психолозите, го нема или е малку, некогаш и воопшто неподготвен ниту доволно стручен да се справат со деца кои се хиперактивни. Тогаш, што се случува со деца кои се соочуваат со пречки во развојот? Родител на дете со пречки во развојот вели дека нивната работа подобро ја завршуваат студенти-волонтери. Роделите и на едните и на другите, чии деца се школуваат во едно од скопските училишта, сметаат дека не постојат пречки при прифаќањето и адаптацијата на деца со нормален развој и деца со пречки во развојот. Според нив, проблем е нестручниот кадар што нема механизми да спроведува инклузивни методи и уште повеќе индивидуално да работи со децата на кои тоа им е потребно.

„Постои неинклузивност во образовните институции, почнувајќи од градинките до основните и средните училишта. Затоа е потребно поголемо отворање образовни институции за овие лица да можат да се вклопат во образовниот процес, а истото е од исклучителна важност. Има дечиња кои можат многу добро да се вклопат во редовниот образовен систем и да бидат дел од еден интегриран пристап во кој и децата без пречки во развојот ќе учат како да ги прифаќаат децата, како да не ги стигматизираат во нивниот подоцнежен развој и како преку тој систем на интегрирано образование да ги направиме идните генерации многу посензибилизирани за потребите на лицата со попреченост. Но, во училиштата отсуствуваат стручни работници и најчесто тие центри ги третираа децата како лица кои треба да поминат одреден временски период од денот“, вели Фросина Т. Ременски, со што се согласува со родителите на оваа категорија деца.

Побаравме одговор од МТСП и министерот Ибрахим Ибрахими за ова прашање, но не добивме одговор. Според Народниот правобранител, на децата/лицата со посебни потреби како и на сите други деца/лица треба им се обезбеди целисходен живот базиран на еднаквост и недискриминација.

ШТО ПО 26-ГОДИШНА ВОЗРАСТ?!

Возраста на лицата со пречки во развојот е клучна за остварување на некои од правата. Во Законот за заштита на децата стои дека “дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години живот се обезбедува посебен додаток како паричен надоместок“ и истиот престанува по навршување на возрасната граница, со тоа им се ускратува уште едно право. Членот 60 од истиот Закон вели: „Право на постојана парична помош како соуживател има и дете до навршени 18 години живот или до 26 години живот, ако е на редовно школување“, а потоа и ова право не го уживаат поради возрасната граница.

Мерка за ревидирање на законите кои се однесуваат на оваа ставка веќе има преземено министерката на привремената влада за спроведување на изборите Фросина Ташевска-Ременски, но не и сегашниот технички министер Ибрахими.

„Законските ограничувања на државната или институционалната грижа за правата на оваа категорија граѓани е 26 години. По навршувањето на оваа возрасна граница, правата кои ги имале се сведуваат на надоместоци, односно постојана парична помош, а тука се исклучуваат голем број потреби на овие лица. Една од иницијативите кои лично ги презедов е иницирање, односно ревидирање на целовкупниот Закон за социјална заштита, во делот на нотирање на прашањата кои треба да бидат итно решени, односно да бидат ставени на разгледување заради остранување на овие пречки“, вели Ременски.

Министерот Ибрахими ниту на средбата со родителите на децата со попреченост во развојот, ниту на електронската пошта испратена од Макфакс не искоментира за овие законски ограничувања.

Ниту еден од министрите, ниту министерството не стави акцент на забелешките за прагот за остварување на правото на здравствена заштита до 26 години. Родителите велат дека   е потребно на децата/лицата со посебни потреби да им се овозможат бесплатна здравствена заштита, лекување, третман без ограничување на возраста, како и поголемо информирање, едукација и обуки на здравствениот персонал.

ШТО ПО СМРТТА НА РОДИТЕЛИТЕ?

Родителите велат дека сакаат државата да биде покровител на нивните деца, со цел нивна заштита. Тие се плашат дека по нивната смрт, нивното дете може да заврши во институција, а, пак, нивниот имот ќе заврши во рацете на роднините. Суштинско решение мора да има, потенцираат тие. Од Министерството за труд и социјална политика објаснуваат дека по смртта на родителите, Меснонадлежниот центар за социјална работа го определува најсоодветниот облик на заштита на овие деца, зависно од возраста, попреченоста. Некои продолжуваат да живеат во своето пошироко семејство заштитени со формата старателство, а некои се сместуваат во ресурсите од системот – институционални и вониституционални форми на згрижување.

Ова барање е доставено до Министерството за труд и социјална политика, но министерот Ибрахим Ибрахими не беше дециден околу прашањето што од барањата е прифатливо за нив, а што не е. Тој на средбата со родителите на лица од оваа категорија граѓани вели дека не е запознаен зошто овие измени не се направени претходно бидејќи, како што вели, одговора само за барањата од кога тој е на министерското столче. Поранешната министерка Ременски е децидна дека и за ова имаат предвидено решение и ова прашање е регулирано со владината програма.

„Тие законски измени ќе бидат први во редот на измените и дополнувањата на законите кои бараат итна и ургентна измена, за да се овозможи, односно отстрани грижата на родителите за тоа кој ќе се грижи за нивните деца по нивната смрт. Во владината програма предвидовме мали групни домови како начин што ќе обезбеди институционална грижа на децата, на лицата со попреченост, во неможност родителите или нивните старатели да се грижат за нив. Тоа е еден светски познат модел на функционирање и институционално згрижување на децата, односно лицата со попреченост. Со тоа сакаме да ги увериме родителите дека не се сами во нивната грижа за нивните деца, напротив, дека идната Влада на Македонија веќе има концепт како овие прашања да ги направи решливи“, вели Ташевска-Ременски.

ПОСТОИ ЛИ ИЗЛЕЗ?

Претседателот на Здружението „Сплотени срца“ вели дека тие се изгубени низ институционалните лавиринти, а законските регулативи мора да бидат променети бидејќи тој вели дека веќе има 40 родители болни од канцер, на кои деновите им се избројани. Со тоа, потенцираше дека ова барање мора веднаш да се исполни бидејќи тие немаат повеќе време за чекање.

Во Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, ратификувана од страна на Република Македонија на 5 декември 2011 година, пишува дека лицата со пречки во развојот мора целосно и еднакво да ги уживаат човековите права и основните слободи, како и да го промовираат почитувањето на нивното достоинство, кое впрочем е и основна цел на овој документ. За нееднаквоста на децата со пречки во развојот во соодност на другите, сведочат родителите.

Со оглед дека барањата на оваа категорија граѓани не се нови, се обидовме да добиеме одговор за тоа што е релизирано и какви постапки се преземени од Министерството за труд и социјална политика за истите, од поранешниот министер Спиро Ристовски, кој не одговори на нашите повици.

Моментално, единствен излез на овие родители им е да чекаат формирање Влада за да се преземат ветените чекори, а до тогаш, дел од нив остануваат „станари“ секој месец по три дена во паркот Жена борец.

 

 

Истражувања

(ВИДЕОИСТРАЖУВАЊЕ) Како Груевски го купуваше имотот на ВМРО-ДПМНЕ

Објавено пред

Доколку и официјално се потврдат информациите дека поранешниот премиер Никола Груевски навистина е во бегство надвор од државата, како што беше објавено на неговата страница на „Фејсбук“, тој нема да го дочека обвинението за еден од најголемите случаи, „Талир“, за начинот на финансирањето на партијата.

Според истражувањето на „Макфакс“, од сите 69 имотни листови, кои сега се под мраз, партијата располага со делови од 90 куќи, 21 дуќан, 26 стана, 17 градежни земјишта, 15 деловни простории, 36 земјишта под зграда, 7 дворови, една нива, односно над 30 илјади квадратни метри имот во 28 града во земјата.

Замрзнувањето на имотот следуваше кога претседателот на партијата Мицкоски рече дека размислува да ја продаде или изнајми белата палата, а во меѓувреме партијата веќе продаде еден стан во Кисела Вода за 100.000 евра додека привршува истрагата на СЈО за еден од најобемните предмети, „Талир“, поврзан со финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ.

Бевме на повеќе локации каде што ВМРО-ДПМНЕ има имот во Скопје. Сите објекти беа под клуч, со искинати плакати од поранешниот лидер Никола Груевски, а очигледно беше дека таму одамна не се појавил никој.

„Макфакс“ истражуваше на кој начин ВМРО-ДПМНЕ го стекнала имотот за кој постојат сомнежи дека е купуван од црни пари, кои потоа преку уплатници за донации и членарини „легално“ легнувале на сметката, како и начинот на кој партијата ја изгради палатата „Христо Татарчев“.

Поранешниот претседател на партијата, Никола Груевски, кој се бара со потерница, е првоосомничен во овој случај.

Прикажи повеќе...

Афера „Банки“

(Видео) Афера „Банки“ – Кичевец тврди дека го измамиле банка и локални моќници

Објавено пред

Во четвртата епизода од серијалот „Банки“ на „Макфакс“ ја објавуваме приказната на Мито Митановски од Кичево. Тој ја купил фирмата „Тане Целевски“, која била во стечај. Тоа се покажало како добра шанса за локални моќници да го изиграат Митановски. Тој под хипотека ги ставил сите погони и недвижности, но наместо да управува со парите од кредитот доделен од Комерцијална банка, парите завршиле на сметка на новоотворената фирма „Металика“.

Тој тврди дека имал закани и уцени да ги потпишува документите. „Металика“ не го враќала кредитот, но затоа правела анекси и го проширувала. Комерцијална банка ја активирала хипотеката и му го одзела целиот имот на Митановски.
Прикажи повеќе...

Истражувања

Градоначалникот на Охрид ги троши парите на граѓаните за медиумско внимание

Објавено пред

Општина Охрид и натаму истура милионски суми за реклами во медиумите. Милиони одвојува и за организирање концерти. „Макфакс“ дознава дека сегашниот градоначалник, Јован Стојановски, склучил нови договори вредни 2,4 милиони денари за рекламирање во текот на целата година, а за организирање на 5 концерти летово на организаторите им исплатил 5.649.000 денари или безмалку 93 илјади евра. Исплатите и Стојановски, исто како и неговите претходници, ги врши од општинската сметка, која поради долгови е блокирана од 2005 година и дозволени се плаќања само за основно функционирање на Општината.

Стојановски, според досега склучените договори за соработка со медиуми, на локални радија, портали и телевизии месечно им исплаќа по 216 000 денари, односно годишно ќе исплати 2.430.000 денари или приближно 40 илјади евра. Договорите со медиумите се потпишуваат во континуитет, a Општината има и долгови кон нив. „Макфакс“ дознава дека Општина Охрид треба да доисплати 549.595,00 денари на ТВМ, локална телевизија која со години добивала најмногу пари од Општината.

Во август годинава Општина Охрид ја надминала месечната сума од 216 илјади денари и на медиумите им исплатила вкупно 496.532 денари. Сумата ја кренале неисплатени фактури од минатите месеци.

Медиум кој моментално добива најмногу јавни пари преку Општина Охрид е „Супер радио“, кое на месечно ниво добива по 54 000 денари, односно 648. 000 денари на годишно ниво. Телвизијата ТВМ е втор најплатен медиум и за шест месеци ќе земе 330.000 денари. На трето место е МХ радио кое за 12 месеци ќе земе 295.200 денари. Најмалку пари од Општина Охрид, односно по 4 000 денари месечно се одвојуваат за „Москито“.

„Потребно е на некој начин да бидеме присутни за тоа што сме го направиле и да бидеме поддршка за медиумите. Не пречи блокираната сметка. Секоја општина која има блокирана сметка има рамка одобрена од судот. Ние имаме 50 милиони месечно. Според договорот, медиумите објавуваат банер, текстови, пресови, сè што ние ќе испратиме како допис“, изјави градоначалникот Јован Стојаноски, кој нагласи дека рекламирањето не е луксузирање.

Ставот на ЗНМ за практиката на трошење јавни пари во медиуми за да се добие нивната наклонетост е чиста корупција и ја загрозува независноста на медиумите.

Со народни пари, пак, летово општина Охрид финансирала и 5 концерти, за кои на организаторите им исплатила 5.649.000 денари или безмалку 93 илјади евра. Парите ги зеле два правни субјекта „БМЈ Медиа гроуп“ издавач на „1ТВ“, чиј сопственик е Бојан Јовановски, и „Самоорганизација букинг“ застапник на „Аволон продукција“, чиј сопственик е Бобан Милошески.

„БМЈ Медиа гроуп“, односно „1ТВ“ ги организираше концертите на Марија Шерифовиќ и на Северина за што Општината им платила 2 милиони денари. „1ТВ“ емитуваше и рекламни спотови, за кои службите на општината не кажаа колку средства се исплатени. Летово градоначалникот на Охрид, Стојановски, имаше низа гостувања во „1ТВ“ на кои се фалеше со реализираните проекти во Охрид. Сопственикот на телевизијата, Јовановски, вели дека гостувањата не се платени со парите што ги зел од Општината за концертите, туку станува збор за покана од страна на новинарите. За двата милиона што ги добиле, во рамки на организацијата на концертите, објавувале и рекламни спотови.

„Договорот е помеѓу ‘1ТВ’ и Општината. Се емитуваа рекламни спотови, се промовираше Општината, која беше покровител на двата концерта. Општината доби соодветен третман во ‘1ТВ’. Тоа е цел пакет. Ние побаравме поддршка од градоначалникот“, вели Бојан Јовановски, сопственик на „1ТВ“, чија фирма доби пари.

Втората продукција, за чии концерти биле дадени народни пари, била „Самоорганизација букинг“, односно „Аволон продукција“, која беше истражувана од Финансиската полиција поради долгови кон ЗАМП за авторски права. За концерти на пет имиња од светската ДЈ-сцена на фестивалот „Охрид колинг“, Стојаноски им дал 3.5 милиони денари. Оваа фирма доби и 100 000 евра од Министерството за култура по повод „25 години Авалон“.

 

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија28 минути

Директорите на ученичките и студентските домови бараат повеќе пари од државата

Здружението на директори на ученичките и студентските домови во државата бара зголемување на партиципацијата за ученик, студент која ја добива...

Македонија2 часа

Стејт департмент: Груевски да ја отслужи казната во својата земја

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој бара политички азил во Унгарија, треба да ја отслужи затворската казна во својата земја,...

Македонија2 часа

(Видео) Марковски: Одговорност да се бара од МВР, СЈО и од судот

МВР, СЈО и судот, ова се трие институции од кои треба да се бара одговорност за бегството на експремиерот Никола...

Македонија2 часа

Кабинетот на Иванов: Јанакиески се сретна со претседателот, но не бараше амнестија

Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, завчера имаше средба со претседателот Ѓорге Иванов, но не зборуваа за амнестија,...

Македонија2 часа

Во битката со аерозагадувањето приоритет се домаќинствата и транспортот

Со двегодишен план и стратегија за справување со аерозагадувањето и дополнителни 1,5 милион евра за интервентни мерки за две години...

Македонија4 часа

Како се организирало бегството на Груевски – под истрага и полицајци во МВР

Две истраги во моментот се водат во Министерството за внатрешни работи за да се утврди како било организирано бегството на...

Македонија4 часа

(Видео) Бошњаковски: За екстрадицијата на Груевски прибрана е документација на 400 страници

Досега е прибрана документација на повеќе од 400 страници, со која македонското Министерство за правда ќе бара екстрадиција на Никола...

Македонија4 часа

Обвинителството: Постојат сомнежи дека службени лица му помогнале на Груевски нелегално да излезе од Македонија

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори предмет по допрен глас за бегството на поранешниот премиер Никола...

Македонија4 часа

Невладините организации укажаа на сите пропусти на истражните органи за бегството на Груевски

Петнаесетина невладини организации, меѓу кои и Хелсиншкиот комитет, „Цивил“, Македонското здружение на младите правници, „Евротинк“, МОФ, „Транспаренси интернешнл“ и „Транспарентност...

Македонија5 часа

(Видео) Орбан за азилот на Груевски: Прашајте ги правниците зошто не е во транзитен центар

Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, запрашан од „24.ху“: „Како може криминалец од Македонија илегално да влезе во Унгарија и зошто не...

Крвав четврток5 часа

Вибер-контакт на Мукоски на 27 април: „Шеќерка мене остајте ми ја, отворајте ги вратите“

Од вибер-групата, каде што членуваат некои од пратениците и членови на ВМРО-ДПМНЕ, преку која се организирале граѓаните да дојдат во...

Крвав четврток5 часа

Јанакиески до Мукоски на 27 април: Алал вера за денес, брат

Од СМС и вибер-пораките за 27 април, кои Јавното обвинителство денеска ги презентира на рочиштето за крвавиот четврток во комуникацијата...

Македонија6 часа

Министер од кабинетот на Орбан: Груевски побарал азил преку амбасада на Унгарија

Министерот Гергели Гулијаш од кабинетот на унгарскиот премиер, Виктор Орбан, потврди дека Груевски дал изјава во унгарска амбасада, каде што...

Европа7 часа

Британскиот министер за брегзитот поднесе оставка

Британскиот министер за брегзитот, Доминик Раб, денеска поднесе оставка во знак на протест поради договорот на премиерката Тереза Меј за...

Македонија8 часа

Српска „Политика“: Груевски побегнал преку Албанија

Провладиниот белградски весник „Политика“ во денешното издание на насловната страница објавува текст во кој се тврди дека Груевски во Унгарија...

Македонија8 часа

Бугарското Министерство за правда: На Груевски не му е издаден бугарски пасош

Никола Груевски не е бугарски државјанин и нема поднесено документи за издавање бугарски пасош, соопшти бугарското Министерство за правда по...

Македонија19 часа

Рот за бегството на Груевски: Унгарија ги отвори границите за мигрантите, неверојатно

Државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот, доцна вечерва на својот твитер-профил напиша...

Македонија23 часа

Како Груевски го стопи срцето на Орбан

„Орбан одби 70 проценти од барањата за азил на луѓе кои бегаат од војна, сиромаштија и угнетување. Но, има нешто...

Македонија23 часа

Граѓани му оставија слика од Груевски на Заев

Со транспаренти „Нема правда, нема мир или заборавивте?”, „Како што го пуштивте, така да го вратите”, „Одговорност”, „Немојте пред народот”,...

Македонија1 ден

Мицкоски: Одговорност за бегството на Груевски треба да се бара од Заев и Спасовски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку статус на социјалната мрежа „Фејсбук“ повика одговорност за бегството на експремиерот Никола Груевски да...

Досие