Контакт

Истражувања

(Прв дел) Охрид со години нелегално издавал одобренија за градење

Објавено пред

Културното и природно наследство во Охрид, кое има највисока планетарна заштита, се задушува во урбанистички хаос. На секој чекор се испречени хотели, приватни куќи палати и градби за кои и најнезаинтересираните за архитектура забележуваат дека не им е местото во градот споменик. Дивеењето во урбанизмот трае со децении. Градителите, во спрега со властите, посегнаа еднакво и по копното и по водата во Охрид, без разлика на многуте закони за нивна заштита.

Охриѓани и туристите само летово беа сведоци на дузина нови градби во заштитени зони на езерото и на чаршијата, и тоа пред очите на локалните власти, но и на централната власт.

„Макфакс“ ги истражуваше причините за децениското уништување на природното и културното богатство на Охрид. Истражувањето резултира во податок дека Општина Охрид со години нелегално издавала одобренија за градење.

Управата за заштита на културно наследство од архивата извади решение кое под заштита ја става целата територија на општина Охрид. Донесено е уште 1978 година и, според вработените во Управата, сè уште е во сила оти нема акт за негово поништување.

Решението ги обврзува сите што планираат да градат да побараат мислење од Управата за заштита на културното наследство, а одобрение за градење да бараат од Министерството за транспорт и врски, кое е одговорно за издавање одобренија за градење градби од прва категорија, во која спаѓаат сите објекти во заштитеното подрачје.

Општина Охрид, според постојните закони, не е надлежна за издавање одобренија за градење бидејќи во надлежност на локалната самоуправа се само одобренијата за градби од втора категорија, во која не спаѓаат заштитени подрачја.

Управата, пак, според ова решение, е обврзана да дава мислења, без разлика дали се работи за хотел во старото градско јадро или за гаража или друг вид помошна просторија на сосема спротивниот крај на Охрид. Мислењето од Управата е појдовен документ врз основа на кој Министерството за транспорт и врски одлучува за издавање одобрение за градење.

Од Управата велат дека решението им прави проблеми во работењето оти по него се донесени низа закони за заштита на одделни делови од градот, но во исто време важи и заштитата на целата територија. Иницијатива за надминување на проблемите е веќе поведена, а решение ќе се бара со ревалоризација по однос на решението од 1978 година.

„Управата за заштита на културното наследство при вршење на работите утврдени со надлежностите во согласност со Законот за заштита на културното наследство („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/04, 71/04, 115/07, 18/11, 148/11, 23/13, 137/13, 164/13, 38/14, 44/14, 199/14, 104/15, 154/15, 192/15 и 39/16) секојдневно доаѓа до сознанија за одредени проблеми во постапувањето, а кои се поврзани со решението бр. 03-461 од 18.12. 1978 година издадено од Општинскиот завод за заштита на спомениците на културата, со кое е определено дека територијата на општина Охрид од 1978 година е заштитено добро, што значи дека сите објекти во опфатот се заштитени добра и затоа неопходно е да се применуваат одредбите од споменатиот закон при преземање градежни активности.

Со цел надминување на настанатата ситуација, според Управата, потребно е во согласност со Законот за заштита на културното наследство, надлежната установа НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид да направи ревалоризација со цел донесување соодветен акт.
Во таа насока Управата за заштита на културното наследство одржа состанок со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, при што беше утврдено дека во најкус можен рок ќе се изготви елаборат за ревалоризација по однос на споменатото решение.

Во меѓувреме Управата за заштита на културното наследство е подготвена да му ја даде целата потребна помош на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид во реализирањето на оваа активност со цел надминување на овој проблем“, вели Елеонора Петровска, в.д. директор на Управа за заштита на културното наследство.

Од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид само кусо ни потврдија дека се работи на решение на проблемот.

„Консултациите меѓу стручните лица од надлежните институции и Министерството сè уште се во тек. Постои континуирана тесна соработка на експертите од Управата за заштита на културното наследство и Министерството во насока изнаоѓање најдобри решенија во однос на заштитата на Охридскиот Регион и јавноста ќе биде навреме известена“, изјави Елеонора Новаковска, директорка на Завод и музеј Охрид, за „Макфакс“ .

Дека решението од 1978 година е сè уште во сила е известена и Општина Охрид, но градоначалникот Никола Бакрачески не одговори на прашањата од „Макфакс“ зошто досега не го почитувале. Не одговараше на телефонските повици ниту, пак, на пораките.

Неофицијално, известувањето предизвикало паника во Општината.
„Кога нè известија дека постои такво решение, ги стопиравме сите постапки кај нас. Сега некој да дојде да побара одобрение за градење не знаеме што да му кажеме. Чекаме инструкции од Завод и музеј Охрид за тоа како да постапуваме, но и тие не знаат што да ни кажат“, велат вработени во Општината.
Министерството за транспорт и врски, кое во согласност со решението било надлежно за издавње на одобренијата за градење на територијата на општина Охрид, вели дека досега законски постапувале, но не навлегува во објаснување на одобренијата што, наместо нив, ги издавала Општина Охрид.

„Во однос на прашањето за одобренијата за градење, ве информираме дека Министерството за транспорт и врски врз основа на член 57 од Законот за градењето има надлежност да издава одобренија за градење од прва категорија во заштитна зона.

Во рамките на своите надлежности Министерството за транспорт и врски издава одобренија за градби во Охрид во согласност со Законот за заштита на културното наследство и Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.

Исто така, ве информираме дека Министерството за транспорт и врски нема надлежност да врши контрола на издадените решенија за градење од страна на Општина Охрид“, велат од Министерството за транспорт и врски.
За разлика од Министерството за транспорт и врски, органот што функционира во нивен состав – Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, најави дека ќе се вклучи во случајот со решението од 1978 година.

(Втор дел) Ако е неопходно, ќе има и уривање во Охрид, Државниот градежен инспекторат се вклучува во случајот со решението од 1978 година

Маја Илиевска-Пачемска
Фото: Кристијан Ландов

Истражувања

Разрешена директорка зела плата и го возела службениот автомобил

Објавено пред

Ексдиректорката на Државниот комунален инспекторат, Елизабета Јованчева, и разрешена зела плата, го возела службениот автомобил и потпишувала документи, а нејзините колеги сведочат и дека заминала на обука во Италија за која си зела и дневници. Инспекторатот сега судски бара ексдиректорката да врати 26.832 денари, што ѝ биле префрлени како плата по разрешувањето, а откако ќе ја добие пресудата за платата, ќе поведе постапка и за сите останати трошоци што ги направила во периодот по одлуката на Владата.

„Владата ја разреши Јованчева на 15 мај 2018 година, без образложение, со назнака дека одлуката стапува на сила веднаш, но таа си остана на функцијата до јуни. Место само за 15 дена од мај, таа си потпиша плата за цел месец. Одвреме-навреме доаѓаше и на работа. Кога ја прашавме зошто доаѓа и по одлуката на Владата, таа кажуваше дека чека официјално известување“, велат вработени во Инспекторатот кои сакаа да останат анонимни.

Инспекторатот бил без директор до август 2018 година кога Владата го назначила Зоран Маџовски за в.д. директор, но по само две недели го разрешила и него и за в.д. директор е назначен Сали Ајдини, кој сè уште е на функцијата. Со негов потпис, Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата. Со истиот допис ја известиле ексдиректорката дека ако не ги врати парите, ќе почнат судска постапка.

Јованчева им одговорила дека барањето им е неосновано, па Инспекторатот побарал милење од Државното правобранителство. Правобранителството го прифатило барањето и го известило Инспекторатот дека случајот е испратен за постапување до Државното правобранителство во Штип, надлежно да постапува доколку е потребно да биде поведена судска постапка.

„Правобранителството нè извести дека подготвително рочиште за предметот е закажано за во март годинава. Нашиот став е дека поранешната директорка треба да ги врати парите за половина месец оти одлуката на Влада за нејзино разрешување стапи на сила веднаш и таа беше одјавена од социјално осигурување“, изјави директорот Ајдини за „Макфакс“.

Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата

„Макфакс“ ја контактираше ексдиректорката Јованчева, но таа не сакаше да зборува за случајот.

Владата, која ја назначи и ја разреши Јованчева, не одговори на прашањата кое е образложението за нејзиното разрешување и зошто постојано дозволуваат Инспекторатот да е без директор.

„Во однос на кадровските прашања во Владата на Република Македонија, има комисија за кадровски прашања, која за секое лице поединечно ги проверува содржините на поднесената документација за да се провери дали ги исполнуваат условите за именување и соодветно на фактите, со потврдата за исполнување на условите за именување, Владата ги именува истите“, е коментарот на Владата како одговор на прашањата за смената на Јованчева.

Владата ја назначи за директорка Јованчева на 26 јануари 2018 година откако Инспекторатот беше три месеци без директор, оти дотогашниот стана градоначалник, а вработените беа без плата. Една од првите обврски на Јованчева беше потпишувањето на платата.

 

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница

Објавено пред

Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара железничка прво гради хотел. Зад „Рамстор“ веќе се гледа објект од приземје и четири ката, а во исто време на трасата на подземната сообраќајница видливи се само подготовки за градење. Овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.

Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат другите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.

Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.

Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.

„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.

Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.

„Според распоредот за изградба на ‘Лимак’, подземната сообраќајница ќе биде прва точка од проектот на ‘Лимак’, кој ќе се гради на парцелата 1.1. ‘Лимак’ прво ќе ја гради подземната сообраќајница на секвенци на парцелата 1.1 и ќе работи нагоре за да ги комплетира паркинзите, а дури потоа ќе почне со активности за изградба на станбените објекти и трговскиот центар кои е предвидено да се наоѓаат на ова место. Според инженерите, ова е сосема изводлив проект. Планирано и буџетирано е дека ‘Лимак’ ќе инвестира до 250 милиони евра за да го заврши овој проект“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од компанијата се правдаат дека почнале да го градат хотелот зад „Рамстор“ оти заедно со локацијата го презеле и одобрението за градење што претходниот инвеститор го добил во 2008 година. Морале да почнат да градат оти биле обврзани во рок од десет години од издавањето на одобрението градбата да заврши. Поради истечениот рок за завршување на градбата „Лимак“ плаќа казна од два милиона денари месечно.

Официјално изградбата на комплексот кај Јужен булевар Турците ја почнаа лани во септември и најавија дека подземната сообраќајница ќе биде готова за 20 месеци, односно до средната на 2020 година. Ќе се гради прво потпорен ѕид од 17.000 квадратни метри околу сите парцели опфатени со проектот.

„Лимак“ на просторот кај Стара железничка станица покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници, трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра. Лани за комуналии на Град Скопје се обврза да му исплати 6,5 милиони евра на рати, а за 20 отсто помала сума треба да исплати на име комуналии и во Општина Центар.

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) Турците ем градат кај Стара железничка ем плаќаат казна од 2 милиона денари месечно

Објавено пред

Турската компанија „Лимак“, која го гради комплексот со дваесеткатници кај Старата железничка станица, месечно уплаќа по  2 милиони денари во буџетот на Република Македонија како казна за нереализиран договор со Министерството за транспорт и врски, покажа истражување на „Макфакс“. Во договорот фирмата е обврзана во рок од десет години да изгради хотел, но рокот истече, а хотелот не е изграден, па „Лимак“ од средината на минатата година плаќа казна за неградење. Во исто време почна и да гради, наспроти гласното противење на скопјани против нови објекти во строгиот центар на градот. Хотелот, за кој плаќа казна, како и сите останати содржини што ги најави компанијата, се на државно земјиште кое Министерството за транспорт го продаде на „Лимак“.

„Компанијата е обврзана да плаќа договорна казна во висина од 1,5 отсто од вкупно постигнатата цена на јавното наддавање на предметното земјиште за секој изминат месец во првата година од истек на рокот, односно по 2.004.336 денари месечно, почнувајќи од 24.06.2018 година“, велат од Министерството за транспорт и врски за „Макфакс“.

Казната е за неизградениот хотел „Радисон“, кој во Скопје требаше да го изгради британската компанија „ХЛХ Македонија“, која доби и одобрение за градење во 2008 година, но откако не го изградија, земјиштето беше повторно вратено во државна сопственост, а Министерството за транспорт и врски во 2012 година го продаде на „Лимак“ во пакет со целото земјиште околу Старата железничка станица. „Лимак“ ја презеле обврската да изгради хотел, а го наследил и одобрението за градење поради кое сега плаќа казна.

„Претходниот инвеститор/изведувач ја има добиено градежната дозвола во јуни 2008 година. Според договорот со министерот за транспорт, изградбата требаше да заврши во рок од 10 години по издавањето на дозволата. Крајниот рок беше јуни/2018 година. Така, бидејќи се презема локацијата, ‘Лимак’ почна да ги плаќа соодветните месечни казни. Ова се однесува само за конкретната парцела, 1.12. Не за другите локации од мултифункционалниот комплекс“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од турската компанија велат дека се отворени за соработка, но не сакаат да зборуваат пред камера.

Државата, преку Министерството за транспорт и врски им продаде вкупно 41.824 квадратни метри на Турците за вкупно 231.827.204 денари, или 3,7 милиони евра, земјиште поделено во две големи парцели. „Лимак“, пак, минатата година во септември и официјално ја почна изградбата на мултифункционален комплекс кој покрај четри дваесеткатници и хотел предвидено е да има трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Турците, заедно со комплексот, треба да ја изградат и подземната сообраќајница на Јужен булевар на која се чека уште од 2012 година.

Следно: „Лимак“ го изигра Градот, гради хотел место прво да ја изгради подземната сообраќајница

 

Прикажи повеќе...

Најново

Топ19 минути

Пожар во селото Опеница, чадот се шири накај Охрид

Пожар од вчера попладне го зафати селото Опеница, кое се наоѓа на 8 километри од Охрид, а силниот чад се...

Европа1 час

Уапсени 68 учесници на протестот против Самитот Г7 во Франција

Француските власти соопштија дека уапсиле 68 лица кои учествувале на напнатиот протест во близина на Бијариц, каде се одржува самитот...

Регион2 часа

Вучиќ: Пред Србија е тешка есен и компликувана зима

Српскиот претседател Александар Вучиќ за ТВ Пинк изјави дека не може да ги толкува или да зборува за важноста на...

Спорт2 часа

Ѓоковиќ: Мојата сопруга е помоќна од мене – секогаш пишува нешто

Новак Ѓоковиќ во ново интервју пред САД опен во Њујорк, последниот гренд слем од сезоната, се отвори за својот личен...

Македонија2 часа

Прв рок за упис на скопскиот универзитет на 29 и 30 август

Првиот рок за упис во прва година додипломски студии во учебната 2019/2020 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје е...

Спорт2 часа

Ковалев го „здроби“ Јарди во 11. рунда, сега го сака Канело (видео)

Шампионот Сергеј Ковалев го „уништи“ британскиот предизвикувач Ентони Јарди со нокаут во 11. рунда од нивниот меч за ВБО титулата...

Свет14 часа

Над 1 600 нови пожари во Амазонија, на терен испратени 44 илјади војници

Над 1 600 нови пожари продолжуваат да ја уништуваат Амазонската прашума, поради што на тарен се испратени авиони како и...

Македонија17 часа

ЗНМ и СЕММ бараат медиумите да се држат до професионалните стандарди, а политичарите да се воздржат од тужби

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) сметаат дека јавните функционери треба...

Македонија17 часа

(Видео) Заев се надева дека со опозицијата консензуално ќе го донесат законот за јавно обвинителство

Премиерот Зоран Заев денеска во Општина Новаци, на настанот по повод увидот на напредокот на работите на магистралниот гасовод Неготино...

Свет17 часа

Во пожар на Алјаска изгореа 51 куќа и три згради

Шумски пожар којшто гори северно од Анкорејџ, Алјаска, уништи 51 куќа и три деловни згради, соопштија властите. Уништени се и...

Европа18 часа

Макрон апелираше за помош за сузбивање на пожарите во Амазонија

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави денеска пред почетокот на самитот на Г7 во Бијариц дека ги повикува сите светски сили...

Македонија21 час

(Видео) Заев ќе тужи за клевета по објавата на записникот за случајот „Рекет“

Премиерот Зоран Заев денеска oд Прилеп најави тужба за клевета, повикувајќи го обвинителството да ја потврди веродостојноста на записникот кој...

Регион21 час

Во Словенија просечната плата изнесува 1.108 евра

Просечната нето плата во Словенија во јуни 2019 година била 1.107,96 евра, што е за 0,8 проценти пониска од просечната...

Македонија24 часа

Обвинителството ќе утврдува како документи од „Рекет“ протекле во јавноста

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција најостро го осудува објавувањето на нелегално добиени документи од истрагата...

Македонија1 ден

Германски државјанин што се барал со потерница, живеел со лажен идентитет на Попова Шапка

Педесет и петгодишен Германец кој германската полиција го бара за набавка на 700 килограми кокаин деновиве бил приведен во земјава....

Македонија1 ден

Еден мигрант загина, а 12 се повредени во несреќата кај Демир Капија, возачот побегнал

Едно лице од Бангладеш почина, а 12 други се повредени во сообраќајната несреќа што се случи синоќа на автопатот Демир...

Македонија1 ден

Владејачката партија најавува за 5 отсто повисоки плати во образованието од септември

Платите во основното, средното и високото образование, како и кај јавните високообразовани установи растат за 5 отсто, почнувајќи од исплатата...

Македонија1 ден

До вторник во попладневните часови ќе врне дожд

Од денеска до вторник во попладневните часови ќе има зголемување на облачноста, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. Метеоролозите најавуваат услови...

Свет2 дена

Домородец од Амазонија: Ќе ја дадам последната капка крв за да ја спасам шумата

Додека пожарите беснеат во Амазонија, припадниците на бразилското племе Мура ветија дека ќе се борат за својата земја. Најголемата шума...

Македонија2 дена

(Видео) УЈП во затворот го извести Јовановски за финансиската контрола на неговата невладина

Инспектори на УЈП влегоа во затворот во Шуто Оризари за да го известат притворениот Бојан Јовановски, претседател на невладината Меѓународен...

Досие