Контакт

Истражувања

(Видео) Охридскиот полицаец Стевоски си поднел тужба и против себе

Објавено пред

Деветмина високи функционери во СВР Охрид и во МВР се на листата од последната пријава што против претпоставените ја поднел охридскиот полицаец Стевче Стевоски, кој пред две години го казни командирот со 800 евра. Ги пријавил оти секој одделно, но и заеднички континуирано, психички го малтретирале, направиле повреда на неговите основни човекови права со цел да му изречат дисциплинска мерка – престанок на работниот однос. Неговите пријави никој од надлежните не ги есапи, па Стевоски одлучи да ги подели со „Макфакс“ за јавноста да чуе за однесувањето на луѓето на одговорни функции во МВР.

dobivaj vesti na viber

„Поднесов нова претставка, односно пријава за мобинг до МВР за продолжување со мобинг. Од страна на помошник-министерот Виолета Влаховиќ дојде известување да ги доставите сите докази против непосредните старешини што ги пријавувате. Сите докази ги доставив, но тоа таму и остана. Денеска ја нема Виолета Влаховиќ ниту да праша ниту да ги прекине овие состојби, туку изрекува санкции против мене“, вели Стевоски.

Во пријавата за мобинг, поднесена во јануари 2017 година, Стевоски наведува дека со усни наредби од старешините бил спречуван да работи во согласност со законите. Тврди дека деветтемина високи функционери во СВР Охрид и во МВР по терк на злосторничко здружување почнале отворена акција за негова дискредитација.

Кога истекле сите законски рокови, а не била преземена ниту една мерка, Стевоски во февруари 2017 годна против истите девет луѓе поднел тужба во охридскиот суд. Нема одговор ниту на тужбата.

Во ноември, пак, минатата година поднел пријава и во Државниот инспекторат за труд поради тоа што МВР не постапило по неговата пријава за мобинг и побарал да се изврши инспекциски надзор. Половина година по пријавата, Стевоски вели дека инспекциски надзор во СВР Охрид нема.

Од Државниот инспекторат за труд не одговорија на прашањата од „Макфакс“ зошто никој не презел мерки по пријавите за мобинг од Стевоски.

„Желбата и убедувањето на претходната и сегашната влада дека ќе се бори и ќе се справи со криминалот, за жал, е само за телевизија“.

Од МВР не сакаат да ги коментираат обвинувањата од полицаецот Стевоски

Разочаран од непостапувањето на институциите Стевоски се одлучил на радикален чекор – поднел кривична пријава за полициска корупција против себе и против четворица претпоставени оти оди на работа, зема плата, а нема обврски. Во кривичната пријава наведува дека четворицата претпоставени, Рубинчо Џавероски, командир на полициската станица во Охрид, Сашо Смилески, началник на СВР Охрид, Стефан Буџакоски, внатрешна контрола во Охрид, и Дејан Андонов, помошник на министерот за внатрешни работи, внатрешна контрола од Скопје, направиле три кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластувањето, несоодветно работење во службата и повреда на рамноправноста на граѓаните.

„Пријавените самоволно и спротивно на законот донеле устен договор за моја суспензија за вршење работи и работни задачи како полициски службеник во МВР, а исплатата на плата и надоместоци од плата ја извршуваа во целост, со што му предизвикале штета на буџетот во износ од 700.000 денари“, стои во кривичната пријава.

Како петтообвинет во кривичната пријава Стевоски се наведува сам себеси за сторено кривично дело лажно пријавување кривично дело. Смета дека доколку јавниот обвинител утврди дека четворицата претпоставени што му давале плата што не ја заработувал бидат ослободени од обвинение, тогаш тој треба да биде осуден за лажно пријавување кривично дело.

Стевоски во пријавата бара обвинетите од лични средства да ја надоместат штетата во буџетот од 700.000 денари.

Од охридското Обвинителство нема одговор на тужбата.

Стевоски вели дека битката со пријавите продолжува. Тој собира докази за обид колегите да му подметнат крадени дрва за огрев за да може да го обвинат, но ја згрешиле плевната, ги подметнале во туѓа. За овој случај од минатата година била малтретирана неговата сопруга.

„Жената ми вика: ‘Слушај ваму, еден од полицајците ме фати за раката и ме влечеше до објектот што се наоѓа над нашата штала и ми викаше дека овој објект е наш и треба јас да го отворам за да направат записник бидејќи имаат наредба од судот’. Кога ја прашав што направила, рече дека им кажала дека тој објект не е наш“, вели Стевоски.

По овој случај, Стевоски почувствувал дека му е загрозена безбедноста и затоа побарал полициска заштита и прием кај министерот Оливер Спасовски, но и по една година, не добил одговор на барањата.

Од МВР не сакаат да ги коментираат обвинувањата од полицаецот Стевоски. Само кусо нагласуваат дека одделот за внатрешна контрола постапува секогаш кога има индиции за повреда на работниот ред.

 



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Истражувања

(Видео) Нафтениот тајкун и пратеник од ДУИ, Јахоски, му ја продал куќата на Таравари во Тафталиџе, комшии му се министри и бизнисмени

Објавено пред

Куќата во скопско Тафталиџе на Арбен Таравари, актуелен градоначалник на Гостивар и лидер на Алијансата за Албанците, по цена далеку пониска од пазарната му ја продал пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, кој пет мандати беше градоначалник на Пласница и чие семејство е сопственик на „Пуцко петрол“. „Макфакс“ дојде до официјалниот документ, кој покажува дека последниот сопственик на куќата во Тафталиџе пред Таравари да ја купи бил пратеникот Јахоски заедно со сопругата Љупка-Еда Јахоска.

dobivaj vesti na viber

Со купувањето на куќата, Таравари во соседството е опкружен со видни бизнисмени, но и политичари од партијата ДУИ. На неколку чекори од неговиот двор живее министерот за финансии, Фатмир Бесими. На истата улица кај Бесими куќа има и бизнисменот Фатмир Етеми, кој е поранешен пратеник од ПДПА, кој изгради деветкатница кај „Мајчин дом“ во Аеродром.

Иако му ја продаде куќата, семејството Јахоски останува прв сосед на Таравари оти Љупка-Еда Јахоска, според податоците од Катастарот, е сопственичка на соседната парцела.

Историјатот од Катастарот покажува дека Јахоска во 2013 станала сопственичка на куќата што денес ја поседува Таравари. Делела по една половина со Иса Јаоски. Во 2017 година делот од Иса Јаоски како дар го добил пратеникот Јахоски. По четири години, во 2021 година, врз основа на договор за купопродажба како сопственик е внесен Таравари.

Таравари во анкетниот лист истовремено ги пријавил куќата од 150 илјади евра и кредит од 100 илјади евра

Според анкетниот лист пријавен во Државната комисија за спречување корупција, Таравари за квадратен метар платил 576,5 евра, иако пазарната цена за квадрат надминува 1.500 евра и сега и во 2021 година кога била направена купопродажбата. Извештаите на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека и во 2019 година, две години пред Таравари да ја купи куќата, просечната цена на квадрат во Скопје била 1.000 евра, а од тогаш наваму цените се во постојан пораст.

Таравари смета дека цената од 150 илјади евра за 261 квадрат во Тафталиџе е реална и нагласува дека цените сега и пред две години се разликуваат

Таравари за „Макфакс“, сепак, тврди дека платил реална цена за куќата и не даде никаков коментар на обвинувањата за партиски пазар и сомнеж за корупција.

„Куќата е купена во јуни 2021 година со комплетно уредна документација. Пријавена е во анкетниот лист уште 2021 година, а според состојбата во која беше купена куќата во 2021 година, таа ѝ е реалната цена за тоа време. Инаку, цените на становите и куќите сега и пред две години се разликуваат“, рече Таравари.

Пратеникот Јахоски вели дека има обичен мобилен и не ги гледа пораките со прашања за купопродажбата

Пратеникот од ДУИ, Јахоски, не одговори на прашањата од „Макфакс“ зошто му направил попуст на Таравари и со тоа оставил простор за сомнеж за корупција и политички пазар, како што обвинува опозицијата.

„На седница сум“, рече пратеникот, кој самиот се јави во „Макфакс“ оти, како што рече, му стигнала празна порака, но спушти слушалка кога ги слушна прашањата што му беа испратени во пораката. Рече дека има обичен телефон и не гледа прашања, а не одговори ниту на прашањата испратени по имејл.

Таравари, истовремено, со купувањето на куќата за која навел дека вреди 150 илјади евра, во анкетниот лист пријавил и кредит од 100 илјади евра.

Државната комисија за спречување корупција ги истражува сите наводи во анкетниот лист на Таравари, вклучително и цената на куќата.

„Имаме предмет за Таравари, но сè уште се работи и во овој момент немаме исход што би можел да се соопшти“, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, за „Макфакс“.

Управата за финансиска полиција, пак, како најповикана институција за следење на патот на парите и откривање криминал во функционерските кругови, една недела не одговара на прашањата од „Макфакс“ за цената што Таравари ја платил за куќата по јавно искажаните сомнежи за корупција ниту, пак, извести дали на кој било начин оформиле предмет за овој случај. Новиот директор на Управата, Горан Иванов, не контактира со медиумите, освен во случаи кога Управата преку соопштение, еднострано, ѝ се обраќа на јавноста. За случајот на Таравари, досега од оваа институција немаше соопштение.

Прикажи повеќе...

Истражувања

Разрешена директорка зела плата и го возела службениот автомобил

Објавено пред

Ексдиректорката на Државниот комунален инспекторат, Елизабета Јованчева, и разрешена зела плата, го возела службениот автомобил и потпишувала документи, а нејзините колеги сведочат и дека заминала на обука во Италија за која си зела и дневници. Инспекторатот сега судски бара ексдиректорката да врати 26.832 денари, што ѝ биле префрлени како плата по разрешувањето, а откако ќе ја добие пресудата за платата, ќе поведе постапка и за сите останати трошоци што ги направила во периодот по одлуката на Владата.

dobivaj vesti na viber

„Владата ја разреши Јованчева на 15 мај 2018 година, без образложение, со назнака дека одлуката стапува на сила веднаш, но таа си остана на функцијата до јуни. Место само за 15 дена од мај, таа си потпиша плата за цел месец. Одвреме-навреме доаѓаше и на работа. Кога ја прашавме зошто доаѓа и по одлуката на Владата, таа кажуваше дека чека официјално известување“, велат вработени во Инспекторатот кои сакаа да останат анонимни.

Инспекторатот бил без директор до август 2018 година кога Владата го назначила Зоран Маџовски за в.д. директор, но по само две недели го разрешила и него и за в.д. директор е назначен Сали Ајдини, кој сè уште е на функцијата. Со негов потпис, Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата. Со истиот допис ја известиле ексдиректорката дека ако не ги врати парите, ќе почнат судска постапка.

Јованчева им одговорила дека барањето им е неосновано, па Инспекторатот побарал милење од Државното правобранителство. Правобранителството го прифатило барањето и го известило Инспекторатот дека случајот е испратен за постапување до Државното правобранителство во Штип, надлежно да постапува доколку е потребно да биде поведена судска постапка.

„Правобранителството нè извести дека подготвително рочиште за предметот е закажано за во март годинава. Нашиот став е дека поранешната директорка треба да ги врати парите за половина месец оти одлуката на Влада за нејзино разрешување стапи на сила веднаш и таа беше одјавена од социјално осигурување“, изјави директорот Ајдини за „Макфакс“.

Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата

„Макфакс“ ја контактираше ексдиректорката Јованчева, но таа не сакаше да зборува за случајот.

Владата, која ја назначи и ја разреши Јованчева, не одговори на прашањата кое е образложението за нејзиното разрешување и зошто постојано дозволуваат Инспекторатот да е без директор.

„Во однос на кадровските прашања во Владата на Република Македонија, има комисија за кадровски прашања, која за секое лице поединечно ги проверува содржините на поднесената документација за да се провери дали ги исполнуваат условите за именување и соодветно на фактите, со потврдата за исполнување на условите за именување, Владата ги именува истите“, е коментарот на Владата како одговор на прашањата за смената на Јованчева.

Владата ја назначи за директорка Јованчева на 26 јануари 2018 година откако Инспекторатот беше три месеци без директор, оти дотогашниот стана градоначалник, а вработените беа без плата. Една од првите обврски на Јованчева беше потпишувањето на платата.

 

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница

Објавено пред

Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара железничка прво гради хотел. Зад „Рамстор“ веќе се гледа објект од приземје и четири ката, а во исто време на трасата на подземната сообраќајница видливи се само подготовки за градење. Овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.

dobivaj vesti na viber

Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат другите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.

Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.

Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.

„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.

Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.

„Според распоредот за изградба на ‘Лимак’, подземната сообраќајница ќе биде прва точка од проектот на ‘Лимак’, кој ќе се гради на парцелата 1.1. ‘Лимак’ прво ќе ја гради подземната сообраќајница на секвенци на парцелата 1.1 и ќе работи нагоре за да ги комплетира паркинзите, а дури потоа ќе почне со активности за изградба на станбените објекти и трговскиот центар кои е предвидено да се наоѓаат на ова место. Според инженерите, ова е сосема изводлив проект. Планирано и буџетирано е дека ‘Лимак’ ќе инвестира до 250 милиони евра за да го заврши овој проект“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од компанијата се правдаат дека почнале да го градат хотелот зад „Рамстор“ оти заедно со локацијата го презеле и одобрението за градење што претходниот инвеститор го добил во 2008 година. Морале да почнат да градат оти биле обврзани во рок од десет години од издавањето на одобрението градбата да заврши. Поради истечениот рок за завршување на градбата „Лимак“ плаќа казна од два милиона денари месечно.

Официјално изградбата на комплексот кај Јужен булевар Турците ја почнаа лани во септември и најавија дека подземната сообраќајница ќе биде готова за 20 месеци, односно до средната на 2020 година. Ќе се гради прво потпорен ѕид од 17.000 квадратни метри околу сите парцели опфатени со проектот.

„Лимак“ на просторот кај Стара железничка станица покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници, трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра. Лани за комуналии на Град Скопје се обврза да му исплати 6,5 милиони евра на рати, а за 20 отсто помала сума треба да исплати на име комуналии и во Општина Центар.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија4 часа

(Видео) Шукова е кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје, објави Филипче

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција ја соопшти одлуката на Извршниот одбор на партијата, која...

Македонија6 часа

МЗ: Нормализирано водоснабдувањето во Клиниката за белодробни заболувања „Козле“

Министерството за здравство информира дека водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – Козле е целосно нормализирано. Од...

Топ6 часа

Возел со 3,15 промили алкохол во крвта, во полусвесна состојба: уапсен пијан скопјанец на патот Охрид-Кичево

Денеска (18.07.2025) околу 14 часот на патот Охрид-Кичево полициски службеници од ОВР Кичево го лишија од слобода Б.К.(48) од Скопје,...

Македонија7 часа

Предметот за пожарот во “Пулс” префрлен во надлежност на ОЈО Скопје

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија донесе Решение со кое го определи Основното јавно обвинителство Скопје за стварно и месно...

Македонија9 часа

Зголемени температури во следните неколку дена – да се почитуваат општите препораки за заштита на здравјето

Министерството за здравство ја информира јавноста дека, во согласност со најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во периодот...

Македонија9 часа

Обвинето едно лице за насилство врз градоначалничката на Скопје

По целосно испитување на настанот, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против едно лице за кривично дело насилство од...

Македонија11 часа

Мицкоски понудил заедничка резолуција со Бугарија за потврда на самобитноста на македонскиот јазик и идентитетот

Со оглед на тоа што Бугарија тврди дека проблемот за почнувањето на преговорите со ЕУ се само Бугарите во Уставот,...

Македонија11 часа

Болницата „Козле“ сѐ уште без вода – пациентите привремено згрижени на други клиники

Поради прекинот во водоснабдувањето на Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата  „Козле“, пациентите што имаат потреба од хоспитализација привремено...

Топ12 часа

Сообраќајна несреќа на влезот во Скопје, сообраќајот се пренасочува

Денеска во 10.35 часот во СВР Скопје е пријавено дека на автопатот Куманово – Скопје, во близина на хотелот Белви,...

Македонија13 часа

33 пожари низ Македонија – еден сѐ уште активен, a четири ставени под контрола

Според последните податоци на Центарот за управување со кризи, до утрово во земјата регистрирани се вкупно 33 пожари на отворен...

Топ14 часа

Со украдена пушка пукал кон деца и се обидел да застрела полицајци – во Василево уапсен 29-годишник

Битолската полиција поднесе кривична пријава против 29-годишниот Г.П. од селото Ангелци, општина Василево, кој се сомничи за две кривични дела...

Спорт14 часа

Светската рекордерка во маратон суспендирана поради допинг

Кениската атлетичарка Рут Чепнгетич, светска рекордерка во женскиот маратон, е привремено суспендирана поради позитивен допинг тест, соопшти Единицата за интегритет...

Македонија15 часа

Граната извадена од езерото кај Пештани

Граната била извадена пред два дена од водите на Охридското Езеро, на плажа во Пештани. Полицијата од Охрид утроово соопшти...

Свет15 часа

„Волстрит џурнал“: Трамп со цртеж од гола жена и порака за „прекрасна тајна“ му го честитал роденденот на Епштајн

„Волстрит џурнал“ денес објави дека името на Доналд Трамп се појавило на лична порака до Џефри Епштајн од 2003 година,...

Македонија1 ден

(Видео) Пожар го зафати покривот на црквата кај селото Мршевци, вели Ангелов

Денес попладне во близина на скопското село Мршевци, Општина Илинден изби силен пожар, кој поради ветерот брзо се прошири на...

Македонија1 ден

„Лажни тврдења и политички инсинуации“, вели Тошковски откако опозицијата оцени дека сака да ја партизира полицијата

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку својот Фејсбук профил ги демантираше тврдењата на опозицијата во врска со предложените измени...

Македонија1 ден

Едно починато лице при пожар во стан во Струмица

Денес, (17.07.2025 година), во 15.27 часот, ТППЕ Струмица со три ПП возила и седум пожарникари-спасители учествуваше во гаснење на запален...

Македонија1 ден

Гори помеѓу индустриската зона „Бунарџик“ и рафинеријата „Окта“: силниот ветер и искри од жици предизвикаа пожари на повеќе локации во Скопје и Куманово

Поради ветер кој го зафати подрaчјето на Општина Куманово и Град Скопје на повеќе локации од искрење на жици предизвикни...

Македонија1 ден

Напредок во преговорите за пругата која се гради еден и пол век: тунелот да биде заеднички проект со Бугарија, а да го плати ЕУ

Вчерашната средба во Брисел за пругата кон Бугарија која се гради повеќе од еден и пол век, премиерот Христијан Мицкоски...

Македонија1 ден

Уапсен еден од убијците на припадникот на АРМ во Батинци, обвинителството поведе истрага за двајца соизвршители

Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе истрага против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично...