Култура
В сабота во Копенхаген светска премиера на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во продукција на МКЦ
Младинскиот културен центар (МКЦ) в сабота во Копенхаген, Данска, премиерно ќе го прикаже филмот „ Ефтеркланг: Македониум бенд“, во режија на Андреас Јонсен, а во продукција на МКЦ, Rosforth и Rumraket, на еден од најголемите светски фестивали за документарен филм CPH:DOX.
Музичкиот документарен филм, кој се снимаше во текот на април 2023, претставува музичко патешествие на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел составување голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум“ во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.
„Премиерата на филмот ќе биде проследена со уникатен концерт на ансамблот ‘Ефтеркланг: Македониум бенд’, во кој членуваат 22 македонски музичари. Во рамките на концертот ќе бидат отсвирени најпознтите песни од бендот ‘Ефтеркланг’, но и македонски песни и џез-стандарди во препознатливиот народен ритам“, соопшти МКЦ.
Филмот ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав на непосреден и шармантен начин преку патувачка турнеја во Македонија. Во тој процес на регртурација на членови за новиот супер состав наречен „Ефтеркланг : Македониум бенд“, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски-Грга, нивен пријател и посредник во целата авантура. Младинскиот културен центар се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.

Премиерата на филмот ќе биде проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, во кој членуваат 22 македонски музичари
Режисерот на филмот, Јонсен, е наградуван дански документаристички режисер, чиј филм Ai Weiwei: The Fake case го отворил изданието на CPH:DOX во 2013 година.
Покрај бендот „Ефтеркланг“, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.
„Неверојатно сме возбудени за можноста, ете, да се испробаме и во филмот. МКЦ стои гордо како продуцент на овој музички документарен запис, чија идеја потекна токму од тука, од еден од настапите на ‘Ефтеркланг’ на музичкиот фестивал ‘Здраво, млади’. Инспирацијата од Крушево, од монументалноста на споменикот ‘Македониум’, кој покрај државотворниот симболизам, буди и чувства на уметничка независност и израз, беше токму вистинската линија за нарација на целиот филм. Веста дека премиерата на филмот ќе биде на CPH:DOX беше огромно изненадување“, вели Владица Младеновски од МКЦ.
Светската премиера заедно со концертниот настап ќе биде во познатата сала DR Koncerthuset, која за време на изградбата во 2007 година важела за најскапата музичка сала некогаш изградена. Архитектот Жан Нувел за дизајнот на DR Koncerthuset добива и Прицкерова награда за архитектура.
Реализацијата на филмот е поддржана од страна на Министерството за култура на Македонија со 250.000 денари, Данскиот уметнички совет и програмата на Европската Унија, Culture Moves Europe.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
