Култура
„Медена земја“ – македонски кандидат за „Оскар“

Македонскиот документарец „Медена земја“, кој веќе тримфираше на најголемиот американски фестивал за независни филмови „Сандес“, со три освоени награди, ќе биде и македонски кандидат за „Оскар“.
Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“, при Друштвото на филмски работници на Македонија во состав на: Игор Иванов – режисер и претседател на ДФРМ, Ангела Несторовска – продуцент, Аксел Мехмед – актер, Сашко Потер Мицевски – филмски монтажер и дизајнер на звук, Игор Ангелов – актер, Дина Дума – режисер и Горан Игњатовски – мејкап-дизајнер, прифатена и одобрена од американската Академија за подвижни слики, уметност и наука, донесе одлука филмот „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов да биде национален кандидат на Република Северна Македонија за оваа награда за 2020 година.
Во конкуренција за кандидатурата беа и филмовите: „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ во режија на Теона Стругар-Митевска, „Еј“ во режија на Васил Христов, „Дедо и внук“ во режија на Илија Пиперковски, „Боите на Преспа“ во режија на Перо Попов и „Џезмен“ во режија на Аљоша Симјановски.
Документарецот „Медена земја“ неодамна имаше успешно прикажување низ киносалите во САД, а на престижниот „Санденс“ ја освои Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена за Котевска и Стефанов, како и Специјална награда за камера за Фејми Даут и Самир Љума.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт на Солунската филхармонија во Скопје и на Македонската во Солун

Државниот симфониски оркестар од Солун на 17 мај, со почеток во 19.30 часот, за првпат ќе настапи во салата на Македонската филхармонија. Гостувањето на овој оркестар во Скопје доаѓа по заедничкиот настап на Македонската, Солунската и Софиската Филхармонија во Софија, каде на 17 февруари се реализираше изведбата на музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф. Менаџментот на Македонска филхармонија е во финални преговори и за концерт на Македонската филхармонија во Солун.
-На заедничката средба во Солун, во октомври минатата година, со г-дин Најден Тодоров, директор на Софискатата филхармонија и г-дин Симос Папанас, директор на Државниот симфониски оркестар од Солун го договоривме концертот во Софија, и разговаравме овој концерт да се повтори и кај нас и во Грција. Во меѓувреме со г-дин Папанас го договоривме настапот на Солунската филхармонија во Скопје, а во финални преговори сме и за нашиот концерт во Солун, кој треба да се реализира кон крајот на јуни. Во меѓувреме ќе потпишеме и меморандум за соработка помеѓу двете институции. Ова е уште една потврда дека културата руши бариери и создава и гради нови пријателства и можност за идни заеднички соработки – вели Александар Котевски, в.д. директор на Филхармонија.
Како солисти на концертот на Солунската филхармонија ќе настапат нашиот пијанист со блескава интернационална кариера – Симон Трпчески и грчката сопранистка Мирто Папатанасиу. Диригент е Владимирос Симеонидис од Грција, а на програмата се Концертот за пијано и оркестар во Ге-дур од Морис Равел, „Пет народни грчки песни“ во оркестрација на Равел и Розентал, „Ла валс“ од Морис Равел, како и неколку композиции од грчкиот композитор Емил Риадис.
Култура
Лајбах вечерва првпат ќе настапи во Филхармонијата

Глобално најпровокативниот музички состав и уметнички колектив со авангардна музика и револуционерни настапи, Лајбах вечерва се враќа во Скопје и за прв пат ќе одржи концерт во Македонската Филхармонија.
Со почеток во 20:00 часот, во големата сала на Филхармонија, Лајбах во живо ќе ја претстави својата нова концертна програма базирана на култниот албум „Opus Dei“, првиот ремастериран албум на групата. Покрај овој материјал, програмата вклучува и селекција од нивните класици и одбрани песни од богатиот опус, вклучувајќи ги и објавените пред „Opus Dei“.
Концертот се одржува во рамки на офф-програмата на фестивалот „Таксират“ и е дел од светската турнеја на Лајбах – OPUS DEI REVISITED. Оригинално, Opus Dei е објавен во 1987 година како прв албум на групата за издавачката куќа „Mute“, миксиран од Рико Конинг (Wire, Pere Ubu, Swans, William Orbit) и е албум со кој Лајбах се појави под светлото на мејнстрим рефлекторите, албум со кој стекна слава и стана еден од меѓународно најпризнатите бендови кои се појавиле од поранешните комунистички земји во источна и централна Европа. Со своето дело Лајбах успеа да го трансформира пејзажот на современата музика комбинирајќи го политичкиот дискурс со уметноста и музиката, додека пак нивните настапи во живо важат за уникатно доживување и секогаш прецизни, монументални, восхитувачи и бескомпромисни перформанси.
Култура
Изложба на уметничка фотографија „Жените и фотографијата“ во Куманово

Фото клуб Куманово со гордост ја претставува 12-тата Национална изложба на уметничка фотографија „Жените и фотографијата“, традиционален настан кој ја слави креативноста, талентот и визијата на жените во светот на фотографијата. Изложбата, која секоја година се одржува во чест на 8-ми март – Светскиот ден на жената, станува сѐ поважна платформа за афирмација и поддршка на женското фотографско творештво во Македонија.
Фотографијата отсекогаш била медиум преку кој жените ги раскажуваат своите приказни, го изразуваат својот глас и ја споделуваат својата перспектива за светот. Од првите денови на оваа уметност, па сѐ до денес, жените фотографи успеваат да внесат длабочина, емотивност и уникатност во своите дела, надминувајќи ги бариерите и градејќи своја историја.
Оваа година, изложбата привлече учеснички од бројни фото клубови низ земјата, со повеќе од 250 пријавени фотографии. Стручниот селектор направи избор на 80 најдобри дела кои го претставуваат богатството на женската фотографска визија. Овие фотографии не само што сведочат за мајсторството на авторките, туку и ја потенцираат нивната способност да доловат емоции, светлина и моменти кои остануваат запаметени.
„Жените и фотографијата“ не е само изложба – тоа е симбол на борбата за рамноправност, за еднакви можности и за признание на жените во фотографската уметност. Затоа, ве покануваме да ја прославиме оваа приказна заедно, да оддадеме признание на талентот и трудот на жените-фотографи и да уживаме во нивните дела.
Свеченото отворање на изложбата ќе се одржи на 6-tи март ( четврток) во 19:00 часот во Изложбениот салон на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово Ве покануваме да бидете дел од оваа уметничка вечер и да ја почувствувате моќта на женската фотографија.
Изложбата ќе биде поставена во наредните 14 дена.